Живеам во држава која изобилува со природни убавини, реки, котлини, пасишта и планини, каква таква солидна патна инфраструктура, села, градчиња и градови, но со катастрофална еколошка свест ?
Читам за Словенија дека два пати е прогласена за најчиста држава во светот со индекс од 96/100 за одржливост, екологија и природни резерви, читам и неможам да разберам зошто сме толку далеку од Словенија ?
По површината сме дури и поголеми за некои 5.000 квадратни километри, со население сме тука некаде, со БДП, е тука ни бегаат скоро три пати ама затоа ние имаме Парламент со 120 пратеници наспрам нивниот со едвај 90 пратеници… и да не должам со компарацијата, во Словенија односот на граѓаните кон животната средина е чист патриотизам и произлегува од вистинското сакање на сопствената држава.
Се прашувам што е тоа што кај нас нечини во тој поглед, кои се причините за толку ниска еколошка свест ?
Еколошката свест е во директна зависност од домашното воспитување преку образованието до системските решенија и поставеноста на сите активности во државата во правец на чиста и здрава животна средина.
Дали сиромаштијта и немањето ни го загадува воздухот и реките, дали невоспитувањето и необразовањето не става во ситуација да живееме покрај неконтролирани и диви депонии, со смет секаде и на секаде, по улици и плоштади, во паркови, по патишта па дури и во планини, смет кој станува наш декор, и наш израз на катастрофален однос кон животната средина, кон мајката природа.
Како да ја развиеме свеста дека целата територија на нашата држава ни припаѓа нам на граѓаните, дека таа е наша и грижата за истата е наша обврска. Дали сепак треба да се премине кон план Б на воспитување и образование од мали нозе, од градинки преку основни и средни училишта со планско развивање на свеста за вредноста на животната средина во која живееме и за тоа дека чувајки ја неа се чуваме и себе. Да се движиме низ чисти тротоари, улици, плоштади, да шетаме по уредени и чисти паркови, покрај реките и по полињата по планините каде нема расфрлано отпадоци како доказ за присаство на некултурни и несовесни граѓани.
Очувувањето на природата и чиста животна средина има длабока национална и патриотска смисла. Вистински еколог е оној кој е вкоренет во својата земја и го чува богатото наследство од претците за кое има обврска да го дополнително збогати, сочува и предаде на идните генерации.
Еколошката свест мора да биде важен дел на националната свест и елементарен патриотизам.
Зошто и Македонија да не стане ЗЕЛЕНО СРЦЕ макар на Балканот.
Ајде да размислиме сите заедно и конечно да ја кренеме еколошката револуција за поубава иднина на сите граѓани на нашата татковина, за која не се сомневам дека ја сакаме, само тоа и да го покажемер на дело.
Ајде тоа да го почнеме од локално ниво, од нашиот град и тоа да го пренесеме како потреба на цела територија на нашата држава, да дочекаме Македонија да стане не само земја на сонце туку и на чист околиш, чисти води и чист воздух, а сето тоа за наше добро.
Редакција