Неколку прашања за Владимир Пивоваров
Каде вирeе корупцијата, нема среќа
- За жал, за пет години добивме само пет пријави за мито и тоа три за настани на нашите гранични премини и два за странски гранични премини.
- Утврдувањето на интегритетот на граничните службеници кои работат на високо ризични работни места треба да се утврдува со помош на полиграф, но ваквиот предлог, од корумпираните и нивните поддржувачи беше дочекан на нож.
- Несфатливо е, во докажани случаи каде се применети ПИМ мерки, приберени сијасет на материјални и вербални докази, да се носат условни казни затвор
1. Ваша изјава е дека царината, полицијата и шпедицијата sе “светото тројство” на корупцијата на граничната линија. Свесни дека тоа е така, која е тогаш Вашата претпоставка или предлог да се разбие таа “света””спрега?
–Кога зборуваме за “светото тројство” како врв на корупцијата кое е во триаголник помеѓу Царина, полиција и шпедиција на граничните премини, јас ја цитирав старата народна поговорка во кој целосно е прикажана реалната состојба во минато, денешно и идно време. Доколку ги погледнеме статистичките податоци од осамостојувањето на нашата држава до денес, во однос на пријавени случаи на нудење на поткуп на царинските и полициските службеници од страна на граѓанте, ќе заклучите дека бројот на пријавени случаи на годишно ниво може да ги изброите на една рака, а од друга страна перцепцијата на граѓаните е дека корупцијата на граничната линија има ендемски размери. Сакам да појаснам за корупцијата на граничната линија. За давањето и примањето на мито имаме две суштински различни ситуации.
Првата ситуација е, кога државните службеници од граѓаните бараат мито притоа измислувајќи непостоечки законски основ кој наводно не го исполнуваат, но за да се заврши работата треба да дадат мито. Или пак на пр. со споро работење свесно се создаваат долги камионски колони и превозниците, сакале или не, за побрзо да ја минат граничната линија, се приморани да дадат мито, за прекуредно, односно експресно, да ја минат граничната линија. Во вакви ситуации се очекува пријавување од страна на лицата од кои се бара мито. Меѓутоа реалноста е дека ниската свест на граѓаните за борбата со корупција, во исклучително мал дел ги пријавуваат ваквите случаи, иако имаат можност тоа да го сторат со телефонско јавување на постојните броеви за пријавување на корупција, кои се истакнати на секој граничен премин. Доколку, како општество навистина сакаме да го решиме овој вид на корупција, мора да ја промениме перцепцијата (сите граѓани), ваквите случаи задолжително да ги пријавуваме. Националниот координативен центар во 2018 година потпиша меморандум со здружението МАКАМ ТРАНС – Скопје, со што воспоставивме можност по електронски пат, на апликацијата да може секој превозник, анонимно со четири клика на апликацијата да пријави на кој граничен премин му се бара мито, кој му бара мито и на која лента се наоѓа за може дежурните во оперативниот координативен центар да ги насочат камерите кон тој настан. Вака добиената информација во реално време се споделува со истражните органи кои во реално време превземаат истражни мерки и дејствија, бидејќи давањето и примањето мито спаѓа во категорија на кривични дела кои се случуваат на миг. За жал, за пет години добивме само пет пријави и тоа три за настани на нашите гранични премини и два за странски гранични премини.
Вториот начин е најтежок за докажување. Затоа што во ситуации кога давателот на мито има директен интерес (тој знае дека врши незаконска дејност, има неисправни документи, фалсификувани документи и сл.) за да ја оствари својата цел со која остварува голема материјална корист, дава мал износ на финансиски или други средства, со што тој нема никаков интерес да го пријави настанот. Во вакви случаи, најчесто штета во енормни износи трпи буџетот на државата. На ваков начин широко се отвара вратата на сивата економија, а онаму каде имате висок степен на сива економија имате финасиски слаба држава ранлива од секој аспект (образование, здравство, енергетика, одбрана, безбедност и многу други односно сите сфери на општествено живеење).
Дали има “лек” за оваа пуста корупција која не’ нагризува цели 32 години? Одговорот е да.
Проблемот на корупцијата на границите е настанат пред многу векови кога всушност и за прв пат истите биле поставени помеѓу државите.
Дали само ние го имаме денеска овој проблем? Одговорот е не.
Во март оваа година, еврокомесарката Кетрин Де Бол изјави дека во пристаништето во Ротердам – Холандија, на годишно ниво влегуваат 200 тона кокаин а како причина ја наведува корумпираноста на нивните државни службеници. Меѓутоа не дава предлог како овој проблем со корупција да се реши.
При посетата во Брисел во март оваа година им понудив конкретен предлог. ЕУ да донесе директива за сите земји членки на ЕУ, како и земјите кандидатки, утврдувањето на интегритетот на граничните службеници кои работат на високо ризични работни места да се утврдува со помош на полиграф. Зошто со помош на полиграф, затоа што врз овој електронски уред никој неможе да изврши влијание. Впрочем, на Националниот совет за спроведување на националната стратегија за интегрирано гранично управување, одржан на 30.06.2023 година на кој присуствуваат 12 раководители на институции, овој предлог беше прифатен за отворање на јавна дебата во сите сегменти на нашето општество за да се донесе конечен заклучок дали ни е потребно вакво нешто, дали треба да направиме дерогација на правото (како што е примената на ПИМ мерките опфатени во нашето ЗКП) или, како општество не сме подготвени за решавање на граничната корупција на овој начин. Знам дека по отворањето на дебатата по овој предлог ќе дојде до силен конфликт помеѓу конструктивните и деструктивните лица во општеството. Овој предлог уште во фаза на размислување и консултации од страна на корумпираните и нивните подржувачи беше дочекан на нож. Мислам дека во овој момент ова е вистинско решение за решавање на овој повеќедецениски “канцероген” проблем. Каде вирeе корупцијата, нема среќа.
2. Вие раководите со Националниот координативен центар за гранично управување. Центар кој е одговорен за размена на информации и за случувањата на граничната линија меѓу 7 министерства и пет дирекции. Сите анализи што ги имате спроведено тврдат дека таа размена на информации функционира одлично но, за крајните резултати, имате изјавено дека се небулозни. Зошто? Каде е сопката?
-Размената на информации помеѓу институциите кои се членки на НКЦГУ во реално време е основ за надминување на сите бариери на граничната линија. Меѓутоа размената на информации е само почетниот стадиум во целиот процес. По споделувањето на информациите следи нивна имплементација од надлежните институции, што веќе не е во надлежност на НКЦГУ. Конечниот исход од споделувањето на информациите зависи од институциите членки на НКЦГУ, кои, согласно законските одредби, во конкретни случаи во координација со обвинителството превземаат натамошни чекори. Кога се работи за кривични дела примање и давање на поткуп, завршна инстанца се судовите. Несфатливо е, во докажани случаи каде се применети ПИМ мерки, приберени сијасет на материјални и вербални докази, да се носат условни казни затвор. Со вакви пресуди, кон идните потенцијални извршители се праќа охрабрувачки сигнал, за да продолжат со ваква криминална активност.
3. Дали според Вас треба да се легализира канабисот, бидејќи неговиот легален увоз и извоз се речиси во знак еднакво со неговото кријумичарење?
-Неколку земји членки на ЕУ пред многу години го имаат легализирано канабисот за употреба не само за медицински туку и за сите останати случаи. Пред се’ медицината како наука треба да го даде своето мислење за легализација на марихуаната со издржани научно докажани факти.
4. Ќe влеземе ли во ЕУ или тоа е само празна реторика? Верувате ли дека СДСМ во соработка со ДУИ имаат капацитет да го исполнат ветеното?
-Дали ќе добиеме полноправно членство во ЕУ, зависи од нас самите нас. Веќе дваесет години правиме реформи, меѓутоа само на хартија. ЕУ бара конкретни видливи резултати од спроведените реформи. Доколку како општетво го решиме проблемот со корупцијата и владеење на правото, сите ќе бидеме посреќни.
5. Нaстанот во Контрола на летање и вандалскиот упад во една ваква институција, и покрај сите безбедносни мерки, на социјалните мрежи се оценува како терористички чин, кој дури го изедначуваат со настаните од 27 април. Иако не е директно Ваш сектор, која е Вашата оценка како професор по безбедност?
– Oдредено дело за да се квалификува како терористички чин, треба да го исполни битието на оваа тешко кривично дело. По ова прашање се отвори дебата на социјалните мрежи, но, гледам најмалку дебатираат правниците (фелата), а најмногу дебатираат сите останати, вклучително и политичките партии, кои овој настан го набљудуваат и презентираат со цел прибирање на политички поени интрпретирајќи ја својата вистина, а не фактичката состојба. Слушнавме многу интерпретации за овој настан, и самите не знаеме од сето интерпретирано што е лага а што е вистина. Само видео надзорот ја кажува вистината, а учесниците треба да ја кажат причината, па дури тогаш да имаме целосна вистинска слика за тоа што се случило. Без никаков преседан безбедноста во вака чувствителна институција мора да биде на највисоко перфектно ниво. Сепак да оставиме на истражните и судските органи со аргументи и факти на јавноста да и’ ја соопштат вистината.