Почетна КОЛУМНИ Крај на едно срамно време

Крај на едно срамно време

Поминаа скоро десет години откога тогашниот претседател на СДСМ, а потоа и премиер, Зоран Заев, вечерта на 27 април 2014 изјави дека не ги признава резултатите од парламентарните избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ доби огромна поддршка, и најави бојкот на работата на Собранието со што започна и политичката криза во Република Македонија.

Оттогаш видовме колку голема штета направија фронтмените на СДС посебно по 2017 година кога конечно ја зграпчија власта. Претходно објавуваа нелегално снимени разговори, водеа шарена револуција, за на крај на 27 април 2017, од влегувањето на народот во Собранието да постават судско-пропагандна конструкција за конечно разбивање на отпорот против инсталирање на антимакедонската власт предводена од Зоран Заев.

Ова срамно поглавје од поновата историјата на Македонија и македонскиот народ, ќе ја паметиме по националните предавства, преку промена на името и верификација на негирањето на македонскиот идентитет од страна на нашите соседи, голем број на криминални афери, драстичен пораст на сиромаштијата, масовно иселување, уништување на државните институции и неконтролирано насилство од страна на тотално отуѓената владејачка коалиција, нефункционално здравство, пропаѓање на образовниот систем…….. Тешко е да се продолжи низата, а речиси невозможно е и да се заврши. Нема крај, како ужас без крај!

Luxury Catering Service

Владата на СДС и ДУИ со своето паразитирање со години ги девалвираа до степен на целосно уништување, темелите врз кои почива државата. Секоја државна институција, секое тело и комисија направија да претставува антипод на сите постоечки и меѓународно признаени демократски и цивилизациски стандарди.

Судската власт е целосно делегитимирана, егзистира единствено под тотална контрола на извршната власт и во спрега со подземјето. Обвинителството служи за егзекутирање на политичките неистомисленици. Инструментализираноста на јавниот обвинител е јасен показател за едно кафкијанско време во кое царува системски садизам генериран од оваа арогантна, неспособна и криминализарана политичка гарнитура. Седум години се случува невидена експанзија на корупцијата и криминалот започната со Владата на неразбраниот трговец Зоран Заев, а продолжена и засилена со уште поголема нелегитимност и отуѓеност на владиниот состав предводен од Димитар Ковачевски.

Собранието е во дебела сенка на Владата, најмногу поради безусловната сервилност на мнозинството кое беспоговорно и неретко со европски знаменца, ги подготвува за консумација, токсичните производи создадени од политичко-криминалните пазарења на СДС и ДУИ.

Успеаа да го скршат моралот на многу луѓе, разочараноста е многу голема, повеќе никој не се шокира од власта, затоа што од неа сè може да се очекува. Ветуваа прогрес, инклузивност и интеграција во општеството, а донесоа малодушност и дефетизам.

Кога беа во опозиција во периодот по 2006 година, свесни за инфериорноста на сопствениот антимакедонски, глобалистички и деструктивен наратив, во некои прилики признаваа дека сепак постои патриотизмот, дека љубовта кон својот народ и земја е реална, но на крај ќе заклучија дека сепак,,.. патриотизмот не се јаде”. Во 2017 година по нелегитимното и со терор преземање на власта со кое почнаа судски монтирања и затворања на уставобранителите и политичките противници, целиот медиумски арсенал со кој располагаа го мобилизираа за да докажат дека патриотизмот не постои, дека тоа е всушност параван позади кој се кријат разни криминалци кои само манипулираат со чувствата на граѓаните за да ја приграбат власта и да можат слободно да крадат од државните ресурси. Денеска, по толку години тортура на свеста, се наметнува перцепција за патриотизмот како некаква фикција на одредени рецидиви од минатото кои се главна пречка за прогресивното марширање на авангардата кон визионерски проектираната  утопија.

Заклучокот е дека кај раководството на СДС не постои чувство за припадност кон својот народ и затоа толку лесно се откажаа од историското наследство и влетаа со самоуништувачки занес во ревизија на сите точки кои го дефинираат македонскиот национален идентитет. Очигледно е дека постои само неограничена страст за богатење и привилегии, националните интереси немаат релевантност. Затоа се толку сервилни кон странските фактори, а вредносниот систем недостасува, обична форма без суштина. И да има некаква идеолошка поткрепа таа не е изворна, секогаш е поврзана со надворешните центри на моќ кои доминираат со регионот. Оттука произлегува и нивната проевропска ориентација.

СДС со постојаните лаги и директни и многу повеќе суптилни закани, имаат намера да го уплашат народот. Во прилог им одеа и предизвиците од Пандемијата, енергетската криза и на крај несигурноста од високата инфлација. Ваквата акумулација на страв одамна немало. Власта успешно манипулира со него преку својата пропагандна машинерија. Целта на властодржците е луѓето резигнирани да се повлечат од јавниот живот и да се фокусираат единствено на своите лични проблеми , конформистички да се вклопат во системот  и  воопшто да не размислуваат да се спротивстават, односно да дадат отпор кон криминалот и постојаната тиранија на разумот.

Таквата состојба мора да се промени. Единствена шанса се коренити промени, а промените секако мора да почнат кај секој од нас. Времето на оваа одродена власт забрзано истекува. Последиците и срамот од штетите кои ги предизвикаа ќе траат многу повеќе. Добро е што  додека се одвива долгата и тешка обнова, истите ќе ни служат како потсетник на сите, дека борбата за личната и заедничката слобода и достоинство, никогаш не престанува. Само така ќе се стави крај на постоечкиот криминал и корупција од невидени размери, аздисаноста на секој чекор и уништувањето на националните капацитети,  а во иднина ќе се оневозможи појава на слични девијации.

На 8 мај ќе се одржат парламентарните, заедно со вториот круг на претседателските избори, кога сите ние без разлика дали сме политички определени или пак неутрални,  должни сме да ја искористме можноста да ставиме крај на оваа ненародна власт.

Време е многу од досегашните владетели да добијат сосема поинаков мандат, и тоа со вечно траење,  на буништето на македонската историја.

Дејан Ристов
политиколог

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.