Веќе поодамна власта на СДС и ДУИ е целосно делегитимирана. Тоа го покажуваат
сите испитувања на јавносто мислење. Сметката од народот за економската катастрофа, штетните договори со соседите, затворањето и малтретирањето на
политичките неистомисленици и огромниот број на скандали за корупција и криминал, ќе биде испорачана наскоро.
Во рамките на техничката влада, клучна ќе биде улогата на министрите и замениците министри од ВМРО-ДПМНЕ. Покрај одговорното и транпарентно водење на ресорите ќе биде потребно посебно внимание и ангажман околу подготовките на изборите во пролет, да бидат организирани согласно законските прописи и стандарди за демократски избори. За да имаме регуларни избори мора да се спречат сите обиди за
злоупотреба на државните ресурси од страна на СДС со цел да влијаат на резултатот од изборите. Нивната задача ќе биде тешка, но затоа тука е огромната поддршка од
граѓаните кои со нетрпение чекаат да дојдат изборите, за конечно да се стави крај на
ова пропаѓање.
Водачите на СДС се свесни за историски најнискиот рејтинг, спротивно на гласната
самоувереност на Димитар Ковачевски демонстрирана на последното интервју за
телевизијата Канал 5.Затоа во паника ќе сторат се за одржување на статус кво
состојбата, односно да останат да паразитираат врз Македонија, се разбира, во име на прогресот и европските вредности. Една од главните пропагандни операции за намалување на рејтингот на ВМРО- ДПМНЕ која со години ја применуваат, а се очекува да се интензивира наредниве месеци е преку својата медиумска и партиска мрежа да создаваат перцепција кај граѓаните дека сите партии и политичари се исти. Преку ваквата кампања сакаат да ги релативизираат сопствената деструктивност, а од друга страна да ги претстават политичарите од ВМРО-ДПМНЕ, од кои се чувствуваат најзагрозени, како некој што се бори само за власт и кој вредносно и програмски не се многу разликува од досегашната владејачка гарнитура. Нивната намера е многу од незадоволните граѓани да ги одвратат од намерата да гласаат за опозицијата, најмногу од ВМРО-ДПМНЕ. На раководството на СДС им одговара што поголема апатија, луѓето да чувствуваат немоќ и да си останат дома, да не резултира огромното незадоволство од власта со масовно излегување на избори. Што помала излезност, тоа подобро за квазиевропскиот фронт на СДС. Само така ќе може да се нaдеваат на некаков поволен резултат со кој односите на силите ќе бидат такви што ќе може повторно нивните пазарџиски и полтронски ,, квалитети” да бидат пресудни за формирање на новото владино мнозинство.
Ако се земе во предвид каква штета направија последниве седум години, нема да
успеат во оваа намера и покрај тоа што се докажани манипулатори. Колку и да се трудат нема да им помине. Сепак, нема да се откажат, до крај нема да бираат средства за да останат на власт. Доказ за тоа претставуваат се поагресивните напади врз опозицијата, притисокот врз градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и инволвираноста во многуте ad hoc политички проекти кои ќе се нудат како политичка алтернатива а ќе користат реторика и пристап со цел ослабнување на опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, што секако оди во прилог на СДС. Како и да е, нема да можат да ги изедначат ВМРО-ДПМНЕ со нивната катастрофална политика последниве седум години. Дури и да сака некој од опозицијата, или било кој друг, да испланира и на крај да стори нешто лошо, нема ни од далеку да предизвика таква штета, каква што оваа ненародна власт ја прави речиси несвесно, по некоја инерција, како да се програмирани за такво нешто. Дури и кога сакаат да направат нешто добро, ефектот секогаш е сосема спротивен. По долгото лутање, потрошени деценини во политичка и морална дезоирентираност, оваа генерација на СДС конечно успеа делосно да ја дефинира идентитески партијата и тоа најмногу преку антимакедонството, криминалот, корупцијата, сервилноста, неспособноста …. За нив нема, а нема ни во иднина да постои еквивалент во Македонија.
Дејан Ристов
политиколог
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.