Интервју со Миле Андоновски,советник во Совет на Општина Куманово
ПЛОШТАД : Г. Андоновски, зошто кумановската јавност има впечаток дека Вие сте
единствената опозиција во Советот на Општина Куманово?
АНДОНОВСКИ : Впечатокот на јавноста, за начинот на политичко делување на
советниците во Советот на Општина Куманово, произлегува од личната перцепција
на секој граѓанин поединечно, кој се сублимира како општ впечаток. Самиот не
сметам дека сум единствен советник со јасно дефинирано опозиционо делување,
бидејќи, иако сум од Партија на пензионери, во Советот настапувам како припадник
на советничка група составена од повеќе коалициони партнери, кои исто така
недвосмислено делуваат опозиционо. Доколку во јавноста се создал таков впечаток,
тоа е можеби поради моите почести опонирања на политиките кои ги промовира
владеечкото мнозинство во Советот и Градоначалникот. А активен сум бидејќи, многу
често, во нивните постапки препознавам незаинтересираност, површност, популизам,
несвесност или негирање на важноста на Советот на Општината, недостаток на
визија и план за решавање на многуте општи проблеми на граѓаните, јавните
претпријатија, установите основани од општината и општинската администрација,
како и поради веќе манифестираните јасни назнаки за некритичко и клиентелистичко
следење на самопромовирањето на Градоначалникот како „политичка жртва“ на
власта, без оглед кој е на власт, кој истовремено се нуди како некаква „идеолошки
недефинирана“ алтернатива на македонската политичка сцена.
ПЛОШТАД: Правник сте и имате долгогодишно искуство од професионалното
работење во Министерството за внатрешни работи. Зошто се доведува во прашање
Вашата стручност од Претседателот на Советот во неколку наврати на седниците?
Дискредитирање е поради идеолошко непрепознавање или политички неспортски
аперкат?
АНДОНОВСКИ: Не сметам дека зад, како што велите, „политички неспортскиот
аперкат“ стои лично Претседателот на Советот. После нејзиното јавно извинување за
искажаната невистина, што лично го сфаќам како доблест на разумен човек, логично
е да се заклучи дека некој, користејќи ја нејзината доверба, ја злоупотребил со цел
да оствари друга придобивка. Најверојатно дека тој некој е засегнат и загрижен за
можните последици, на политички и друг план, од мојата гласност и
обелоденувањето на некои состојби и постапки во општината, па се обидува на
секаков начин, дури и со „ниски политички удари“, да не замолчи нас од
опозицијата, или да го измести тежиштето на дискусијата од суштински кон
периферни и неважни теми, како во случајов. Епилогот на ова „политичко-
искредитирачка епизода“ е „постигнатиот политички автогол“ на креаторот на
ваквото подметнување и зацврстување на уверувањето да продолжиме во насока на
запознавање и вклучување на нашата јавност во разобличувањето на сегашниот
начин на практикување на власта во Општина Куманово.
ПЛОШТАД: Советот на Општина Куманово досега служеше да се наградат “наши
деца” кои често немаат елементарно познавање од областите за кои треба да
дебатираат и одлучуваат. Тоа од една страна ги прави лесни за манипулација но од
друга страна граѓаните трпат поради нивните погрешни одлуки. Има ли надеж таа
пракса да се промени? Од каде да почнеме ?
АНДОНОВСКИ: Има надеж! Но за жал, нуждата е таа што ќе воведе промени во
таквата досегашна пракса. Политичките партии кои тоа досега не го согледале и не
го применат во иднина полека ќе почнат да губат, или пак нема ниту да стекнат,
политичко влијание и углед во средината во која делуваат. Истовремено мораме да
бидеме свесни дека иднината им припаѓа на младите генерации, но исто така и дека,
без претходна подготовка и нивно идеолошко- политичко градење, како и јакнење на личниот и идеолошки кредибилитет, младите ќе „зависат“ од покажување лојалност и
сервилност кон лидерите, наместо од придржување кон идеологијата на партијата.
Треба да се почне од почеток. Партиите да пристапат кон анализа на членството и
долгорочно планирање на своите кадровски потенцијали и човечките ресурси. Да
инвестираат во образованието и обуката и овозможат постепено „скалесто“
напредување и конкурентност на сите позиции.
ПЛОШТАД: Максим Димитриевски за неговите подржувачи е спасител на
Македонија,а за неговите противници демагог, популист и опуртунист.
Кој е вашиот став?
АНДОНОВСКИ: Колку и да се настојува поединец, а најмалку Максим Димитриевски,
да се претстави или прикаже како спасител на Македонија, на секој разумен,
рационален и непристрасен граѓанин му е јасно дека се работи за правење завеса од
чад, со цел на фрлената мамка да се „ фати“ определена целна група на политички
недоволно информирани, или заведени, луѓе, т.е. гласачи, со упорно повторување на
она што тие најмногу сакаат да го слушнат.Како што стојат сега работите
македонското општество, само по себе, поради разноликоста во сите негови аспекти,
во блиска иднина нема скоро никакви шанси да зависи исклучиво и само од
политичко влијание, или харизма, на еден лидер, било кој да е тоа.
Затоа не дека се претерани, туку, според мене, се апсолутно неиздражани
очекувањата на подржувачите на Максим Димитриевски тој да биде „спасител“ на
Македонија бидејќи неговото политичко делување, во досегашниот мандат од повеќе
од 6 години како Градоначалник, го карактеризира и се сведува на политичка
манипулација на јавноста со потенцирање на наводната положба на „жртва во
политиката“ на која ниедна централна власт „не му дава“ да „покаже“ што знае и
може, без притоа да понуди дефинирана идеологија за политичко делување, план за
борба со корупцијата, економско-социјална платформа, стратегија за реформи во
правосудниот систем, здравството, образованието, земјоделието, енергетиката,
индустријата, сообраќајната инфраструктура, надворешната политика и сл..
Всушност, кога внимателно ќе се изанализира, неговото политичко презентирање се
сведува на постојано и наизменично „сурфање“ на брановите на националниот
романтизам, од една и од друга страна на прилепување и самоидентификување со
наследството и придобивките од НОБ и АСНОМ, „поткрепено“со континуитет на
гласни, а празни, критики на политиките кои ги реализираат другите политички
партии.
Но и покрај сето наведено не треба да се изгуби од предвид дека, во услови на
ерозија на доверба во политичкиот систем воопшто, вештото манипулирање со
чувствата и очекувањата на граѓаните, особено кога се стимулира клиентелизмот,
трговијата со влијанија, широката партизација на службите и јавните претпријатија,
неретко остава простор за афирмација и на политички демагози, манипулатори и
опортунисти , како и за успешно пласирање на нивните „лажни ветувања“ кои ги
подгреваат „празните очекувања“ на значаен број граѓани кои наседнале на
пропагандата.
ПЛОШТАД: На што најмногу реагирате процедурално во Советот?
-На вокабуларот на Претседателот, Ивана Ѓеорѓиевска?
-На амандманите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ?
-На молкот на Вашите сопартијци?
АНДОНОВСКИ: Најчесто, моите процедуралните реакции, на седниците на Совет на
Општина Куманово, се поврзани со неделовничките постапки на поедини колеги
советници, како и на обидите за злоупотреба на деловничката процедура, која има за
цел, да ја замолкне опозицијата, или да ги ограничи нашите иницијативи во Советот
за отворорање прашања кои разобличуваат одредени постапки, или кои укажуваат
на потребата за транспарентност во работењето на орагните и установите во
оптшината.
Многу често реагирам и поради моето убедување дека Претседателот на Советот,
свесно или не, понекогаш ги премолчува прекорачувањта на Деловникот од страна
на мнозинството и ги фаворизира нивните настапи во Советот, за сметка на
опозицијата кога, со ригидно применување на Деловникот, ги попречува нашите
обиди за заокружување на дискусиите и истакнување на поентите кои треба да ги
слушнат граѓаните.