Почетна ВОНЗЕМЈАНИН ВО КУМАНОВО Вонземјанин во Куманово

Вонземјанин во Куманово

Во рубриката Вонземјанин во Куманово не ги пропуштајте фељтонските писанија на вонземјанинот кој поради расипана сонда во реакторот се срушил во едно населено место кое многумина го викаат град Куманово!

Кога пред шеесет и неколку години ме имаат пратено во орбитата околу
оваа „блесава“ планета, ни на крај памет не ми е било дека ќе завршам на
неговата површина. Задачата беше едноставна: седи, следи, проучувај,
снимај, не давај да те забележат, за неколку години ќе те заменат, ова,
она. Нема проблем шефе, си мислев со елан, рутинска работа, ништо
посебно. „Мошсимислиш“.Таман да ја одработам педесет и седмата орбита
околу тоа нивно сонце, ми заглави вентилајзната на цинцулатор од
фуртуфтна, што е – а, тоа го знае и мало дете упатено во работата на
ториумски реактор – предуслов на можен катастрофален дефект што е лесно
да се избегне доколку имате резервни делови. Онака како што некое к’не
од логистиката на вселенската флота заборавил да ги стави во магацинот
на мојата сонда, логично, почнав да губам висина на патеката и постана
јасно дека ќе завршам како палачинка во оваа вселенска „вукојебина“. Ако
не ми се насмее „Створителот“.Насмеан бев. Толку се смеев што се немав
срушено во некое море или пустина, џунгла и ледина, туку сондата ми се
распосла по некаква долина на северната хемисфера. На поле, на кое
доминираше поглед на локална, староседелска руина којашто потсетува на
падната кула. Подоцна дознав дека некогаш тоа навистина и била кула.
Наводно, во минатото имала и вграден уред за мерење на времето, а
локалните племиња се собирале таму еднаш годишно за да слават некој
колеж од минатите времиња. Она што многу сакаат да го прават. И колежот
и прославата. Патем, добро е да се напомене дека мојата сонда имаше уред
за криење и само по некој дел можеше да биде видлив. Неколку месеци
подоцна, некои од тие делови ги видов се продаваат на локалниот бувљак.
Не беа ни скапи, со оглед дека тој кафеав припадник на подгрупата
Абориџини, со чуден говор, немаше поим за какви материјали станува
збор.Како одминуваше времето, постана јасно дека ќе се начекам на
смената и дека немам избор, туку како што сум и трениран, ќе треба да се
инфилтрирам помеѓу локалците најдобро што умеам. Во прирачниот комплет
за извонредни ситуации што секој припадник на флотата го задолжува при
заминување на должност, ги имав основните потрепштини: облека и обувки
што се автоматски прилагодуваат на локалните, компјутер од локален тип
(во превод: споро, но достаточно), комуникациски уред што овдека го
нарекуваат мобилен телефон и – најважното – по некоја хартија и метал
кои тука ги викаат „пари“ (тоа е, колку сфатив, на оваа планета
најслично на она што ние дома го викаме „Божество“). И како среќна
околност е што не ја пропуштив наставата кога нè подготвуваа за
мисијата, па бев упатен во локалните писма. Бидејќи користат две. Како и
два јазика. Јазиците не ни требаше да бидат проблем. Кога би само мојот
универзален преведувач работел како треба. А, поради тоа што беше малку
„сјебан“ во хаваријата, морав да се послужам со лукавство – се
претставував како странец кој доаѓа од не баш соседна, па сепак не толку
далечна земја. Воглавном, јас помалку или повеќе го разбирав еден од тие
нивни два јазика, а дијалектот на кој зборував беше многу сличен на
разбирливиот за нив јазик од соседната им земја. Таман колку е потребно
да не упаѓам премногу во очи и „под радарот“ да чекам спасение.
Е, да. Населбата во која завршив, Абориџините ја викаат Куманово. Демек,
по некое прастаро племе. Овдека, главно, прастарите племиња и обичаи ја
дефинираат сегашноста и иднината, а тоа не нè учеа во флотата. Затоа и
го пишувам ова. Во случај некој кутар лик од мојата планета да заврши на
површината на оваа, а особено – не дај Створителу – во оваа населено
место за кое тврдат дека е град. Со малку среќа, моиве записи би можеле
да му ги олеснат маките околу разбирање на неразбирливото.

ПРОДОЛЖУВА

Luxury Catering Service