Шестгодишниот Сергеј Станковиќ првпат почнал да игра шах кога имал само три години, а со наполнети пет години станал и активен член на Младинската школа на шаховскиот клуб Куманово.
Како член на клубот, Сергеј тренира трипати неделно под будното око на тренерот Жарко Митковски, кој е повеќекратен сениорски шаховски првак на Куманово. Исто така, тој се вбројува меѓу најдобрите кумановски шахисти.
Инаку, шахот е традиција во семејството на Сергеј, во кое тој е шахист од четвртата генерација. Пред него шахисти биле и неговиот прадедо Јаков, дедо му Синиша и татко му Срѓан. Тој како шахист во категорија до 18 години во 2002 година, на Поединечното првенство на Македонија, го освоил второто место. Истата година победил на Поединечното првенство на градот Куманово.
Малиот Сергеј својот шаховски талент го покажа уште на својот прв официјален настап на Екипното првенство на Македонија што се одржа во училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје во ноември минатата година. Ова умно шестгодишно дете настапи како член на ШК Куманово во категоријата на младинци до осум години и успеа да го освои третото место и да го добие првиот медал во неговата, се надеваме, долга шаховска кариера.
Во почетокот на јануари тој настапи на уште еден шаховски турнир што се одржа во неговиот роден град, по повод одбележувањето 90 години од постоењето на ШК Куманово. Сергеј на ова натпреварување доби уште еден медал.
Интересен момент во животот на малиот Сергеј е што благодарение на шахот, тој уште на предучилишна возраст ги научил сите броеви и сите букви од азбуката, а малку подоцна научил и да чита.
Инаку, Сергеј е ученик во прво одделение во општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово, каде што е добар ученик, а како шахист успешно настапува за училишната екипа.
Т.Д.