Почетна ИНСАЈДЕР Синдром на варена жаба

Синдром на варена жаба

Погледнете ги само овие наслови

“ОЕЦД: Околу 700 илјади Македонци се иселени од Mакедонија”
“Секој четврти македонски граѓанин заминал од државата”
“Ова не е иселување, туку евакуација”
“Егзодус во најава – сѐ помалку запишани првачиња, сѐ повеќе отпишани и иселени ученици”
“За десет  години 9.000 ученици си заминале од Македонија”
“Само во првото полугодие се испишале повеќе од 670 ученици, односно 150 деца од училиштата во Штип и Кочани.
Во Куманово 180 деца, додека од …

И последниот попис во 2021 година на ДЗС ја потврди алармантната состојба со напуштање на граѓаните на државата пред се оние работоспособни. Резултати од правени истражувања и анкети за причините за напуштање на државата и масовно иселување на граѓаните правени со години наназад покажуваат дека на прво место се чувствата за правна несигурност, непостоење на правичност и високиот степен на корупција.

Прашањето, кои се тие што останаа во државата, а одговорот лежи во објаснувањето со “СИНДРОМ НА ВАРЕНА ЖАБА“. Синдром на варена жаба е термин кој се користи за ситуација кога човек живее во услови кои за него би требало да бидат неприфатливи или неподносливи, но тоа не го забележува затоа што во таа ситуација доспеал постепено, навикнувајќи се на секоја индивидуална промена, а не наеднаш.

Luxury Catering Service

Ако земете жаба и ја ставите во тенџере со вода на оган, ќе забележите нешто интересно: жабата ќе се прилагоди на температурата на водата, ќе остане внатре и ќе продолжи да се прилагодува на зголемувањето на температурата. И што се случува? Жабата веќе ја потрошила сета своја сила додека се приспособувала, чекајќи да види што ќе се случи. Жабата умира во зовриената вода не правејќи ништо. Таа не успева да се спаси и да преживее, бидејќи не реагирала навреме. Не скокнала надвор кога требало, туку само чекала. Таа ја потрошила сета своја сила додека се обидувала да се адаптира на околностите и во критичниот момент не успеала да скокне за да си го спаси животот, зашто веќе било предоцна.

Некои ќе речат дека тоа што ја убива жабата е врелата вода?
Не, тоа што ја убива жабата е нејзината неспособност да се одлучи кога да скокне, кога да ја промени средината! Затоа не треба секогаш да се „прилагодуваме“ без наша желба, посебно не на погрешни ситуации, навредливи односи, лажни пријатели и други работи кои „не загреваат“. Ако продолжиме  да се прилагодуваме, ризикуваме да „умреме“ внатре без да имаме сила да спротивставиме на крајот. Адаптацијата е неограничен процес. Подобро е да не заборавиме да скокнеме кога треба! ОДНОСНО ДА ЈА ПРОМЕНИМЕ СРЕДИНАТА.

Дали ова ве потсетува на нешто?
Дали наоѓате некаква сличност помеѓу нашата состојба во која живееме и жабата?
Дали и ние стигнавме до точката на вриење?
Дали и ние трпиме или сме подготвени храбро да скокнеме надвор од ситуацијата што не мачи? Да ја промениме состојбата?

Но за нас промена на средината не треба да биде бегање од садот со врела вода, да биде бегање од  држава! Напротив, тоа треба да биде знак дека граѓаните треба државата да ја земат под своја контрола и да ги избркаат од функциите сите кои ја загревале водата до точка на вриење. Само така ќе успееме да создадеме средина во која ќе се чувствуваме дека сме свои на своето. Да се надеваме дека позитивните промени ќе бидат нашата иднина, а причините за напуштање на државата наше минато во интерес на младите генерации и нивната перспектива во сопствена држава.

Името и презимето на авторот познати на редакцијата.