Почетна АНАЛИЗИ ДРОН АНАЛИЗА

ДРОН АНАЛИЗА

Редакцијата на Плоштад од својот специјален дрон ја лоцираше демократијата на македонските републиканци за време на техничката влада и ја има таа чест да ви ја претстави с(и)рово, во овонеделната анализа.

Технички, кога станува збор за една техничка влада, се мисли на привремена влада која што е назначена да ја надгледува администрацијата на една земја во одреден временски период, а најчесто тоа се случува пред парламентарни или претседателски избори. Ваквата влада, вообичаено (во држави со регуларни циклуси на избори и мал, некоруптивен систем на администрација) е аполитична и е составена од експерти или поединци со неутрален став, а нејзината примарна цел е да обезбеди непречено функционирање на државата и фер изборен процес, односно да не дозволи и покојните да гласаат.

Филозофски, кога станува збор за една техничка влада на брдовитиот Балкан, во земја   која патриотите ја нарекуваат исконска, а евро-демократите „наша“, се мисли на   обезбедување стабилност исклучиво во своите редови и континуитет во управувањето на   сопствените партии за време на 100 дневниот период на транзиција пред одржувањето на   изборите на пролет.

Реално, ни претстојат три месеци на префрлување на одговорност за управување со   секојдневните работи наречени живот, натпревар во тоа кој поефикасно го одржува   законот и редот и обвинувања околу тоа дали изборниот процес се спроведува на   транспарентен и непристрасен начин. Притоа, улогата на техничката влада не е да   воведува нови политики или да донесува големи политички промени, туку да го олесни   патот што води до фер избори.

Luxury Catering Service

Со формирањето на техничка влада, земјите (се алудира на прогресивните, ако сеуште   има такви) имаат за цел да ги задржат демократските принципи и да избегнат какви било   потенцијални конфликти на интереси или злоупотреба на моќта што би можеле да   настанат доколку актуелната влада остане на функцијата за време на предизборниот   период. Мандатот на техничката влада обично завршува откако новата избрана влада ќе   ја преземе функцијата, а со тоа и целосната одговорност за „ државничките работи “.  Преведено на чист македонски јазик и набљудувано од страна на обичниот македонски  граѓанин кој многупати учествувал во изборни процеси (без) да лепи плакати и кој  (не)нужно останал само со прст во уста, тоа значи дека ќе има повеќе дебатни емисии, повеќе нови или ликови извадени од нафталин на политичката сцена, а исти грижи околу потрошувачката кошничка и високите сметки за домаќинства.

Политичките кампањи играат клучна улога во обликувањето на мислењето на јавноста и одредувањето на исходот од изборите. И ние не сме ништо покуси кога станува збор за средствата, се мисли на паричните најмногу, коишто се користат во различните стратегии и пристапи за да се ангажираат гласачите или да се поколеба нивната поддршка. Иако двете партии имаат заеднички цели за стекнување политичка моќ, досега имало забележителни разлики и слабости во нивните тактики за кампањата. Дозволете ни накратко да ги уочиме.

Вмро-вците често ги нагласуваат конзервативните вредности како што се ограничената влада, капитализмот на слободниот пазар и традиционалните општествени норми. Тоа, пак, во нивниот претходен мандат сосема го разјалови, макар како идеолошки план, владата на Груевски. Секој наш обид да потсетиме на примери ризикува да ја навреди вашата интелигенција. Понатаму, тие неретко ја покажуваат својата посветеност на ниски даноци, де-регулација и поттикнување на раст на бизнисот. Меѓутоа, во своето владеење видовме дека исклучиво мислат на своите бизниси. Со тенденција беа и да усвојат силен став за националната безбедност, истакнувајќи ја нивната посветеност на заштита на границите и силни конекции во институциите на јавна безбедност. Ваквата нивна стратегија ја доведе Македонија до тоа да бидеме единствено препознаени како мигрантска рута на светската мапа, и тоа не само за криумчарење на мигранти туку и други стоки за „широка потрошувачка“. Од ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш се „пуштале“ кампањи за социјално конзервативни прашања, вклучително и противење на правата за   абортус, поддршка за традиционалните бракови и застапување за верска слобода, а од неодамна и за слушање исклучиво на македонска музика(?!?). Овие позиции им се допаѓаат на гласачите со силни религиозни убедувања, но религија не е кога се крстиме или клањаме за да Господ ни наврти уште некој шлепер или да затаиме данок. Оваа партија често се бори да привлече различни изборни ентитети, како што се малцинските гласачи и помладите генерации. Но, добро упатените или разочарани вмровци тврдат дека нивните политики всушност повеќе ќе се грижат за богатите кои самите и ги имаат создадено, запоставувајќи ја работничката класа и маргинализираните заедници. Нивното цврсто противење на прогресивните политики, како што се иницијативите за климатски промени или реформите во здравството може да се заврши само со тоа колку началнички места да добијат нивни луѓе во сектори што не се раководени од нивни политики, туку, погодувате, од најсилниот коалиционен партнер, ДУИ.

Од друга страна, социјал-демократите ги нагласуваат прогресивните идеали како што се решавање на нееднаквоста во приходите, проширување на пристапот до здравствена заштита, борба против климатските промени и застапување за ЛГБТ+ и правата на жените. Тие отсекогаш се стремеле барем да се претстават како агенти на промени и социјална правда. Социјал-демократите даваат приоритет на инклузивноста и различноста, со цел да изградат коалиции со широка основа кои опфаќаат различни етникуми, полови и други видови „мешовити“ заедници. Ова, секако дека „држи вода“ кај помладите гласачи и малцинските популации, за кои да бидеме политички коректни токму демократите ни наредија да ги нарекуваме „заедници“. Најчесто тие ветуваат проширување на програмите за социјална заштита, зголемување на минималната плата и подобрување на правата на работниците, тврдејќи дека овие мерки промовираат правичност и обезбедуваат поддршка за оние на кои им е потребна. Тако се је ударао бар у градима нашим Заев Зоран, кој одеднаш стана лицето З.З. Односно, не баш одеднаш, туку веднаш после фијаското со јавното обвинителство. Сдсмовците ги прават образованието и здравството клучни компоненти на нивните кампањи, па нема да биде ништо поразлично и оваа година. Тие се залагаат за достапно образование, реформи за студентски кредити и вакцини за сите граѓани, дури и откако ќе се вакцинираат сите други европски стада на имунитет. Ќе слушаме и критики дека нивните опоненти предлагаат зголемување на даноците за да ги финансираат сопствените политики, тврдејќи дека некој сака да ја уништи докрај средната класа, па така ќе ризикуваат да ги загрижат патриотите за нивните лични финансиски пресметки. Најголем проблем за социјал-демократите ќе бидат различните гледишта во партијата, то ест ќе се мачат да презентираат обединета и кохезивна порака што привлекува поширока публика. Стево никој не го „игра“, освен можеби Американците, Ковачевски не е помеѓу омилените политичари, а т.н. крило на Радмила нема никакви допирни точки со социјализмот што сеуште е омилена тема на најверните гласачи – пензионерите. Накусо, на наш дијалект и много арно не е на арно: премногу прогресивни политики за конзервативни гласачи може да се сметаат за радикални или неостварливи.

Анализирајќи понатаму, факт е дека за Левица се крева голем прав, при што некои   поединци или фракции ги компромитираат своите левичарски вредности за да се   доближат до поширокото гласачко тело со остар вокабулар и користење на современи технолошки алатки (стриминзи, под-касти) во претставувањето на своите идеолошки позиции. Со тоа може лесно да се дојде до политики кои поефикасно се усогласуваат со десничарските или центристичките ставови и народски кажано само ќе се чека да одлучат дали се со Курто или Мурто. Меѓутоа, оваа перспектива премногу ја поедноставува комплексноста на политичките идеологии и мотивите зад политичките актери. Има многу посветени левичари низ светот кои цврсто се залагаат за нивните принципи и работат на прогресивни промени, останувајќи отпорни на влијанието на десничарските агенди. На крајот на краевите, политиката не е монолитна (што би рекле овие од ДУИ), а поединците во рамките на овие немонолитности можат да имаат различни мислења и верувања, нели? Етикетирањето на некој угледен професор по кривично право како небањат или „контролиран“ од друга политичка структура е премногу редукциска за ова модерно време. Арно ама, како и сите социјалисти и овие ќе глумат дека се сиромаси низ кампањите, а   народот си сака барем да гледа во моќта, ако веќе не може да ја поседува. Не пали веќе она познатото за друже Тито, док си ти крао имало је и за нас, ови краду само за себе.

Бидејќи редакцијата на Плоштад е составена од стари, да не речеме мудри кумановци, одлучивме анализата за движењето ЗНАМ да биде во некој од наредните броеви и поопсежна со оглед дека сме локал патриоти, бидејќи освен постулатите на асномска Македонија, не би знаеле во овој момент како да ги протолкуваме нивните „залагања“ дека сакаат Македонија да ја вратат на прав пат со „независни интелектуалци“ и градоначалник со еден ипол мандат. Инаку, состанокот го одржавме во Соколанскиот парк, седејќи на бетонските клупи и еве сега пиеме увин чај за бешика. Фрливме симболично и по една паричка во фонтаните, а желбата ни се вика трамвај.

Дочитање!