Плоштад ја праша, а таа и покрај исполнетата агенда, најде време да одговори.
Оливера Трајковска, поетеса, граѓански активист, од неодамна претседател на Клуб на жени на движењето “Знам”. Прочитајте зошто г-ѓа Трајковска мисли дека глупоста стана пострашна и од војувањето. Само на Плоштад.
1. Вие сте сега претседател или претседателка на клубот на жени ЗНАМ?
Од пред два дена официјално сум претседателка на Клубот на жени при ОО Куманово на Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Терминот претседателка е правилен збор според македонскиот јазик бидејќи имаме феминитиви за некои именки кои означуваат професија. Секако, јас сум припадничка на женски пол, па така во никој случај не би можела да бидам претседател. Доколку со ова прашање сакавте да чепнете во родовата идеологија, тогаш мојот став по тоа прашање е јасен – родовата идеологија е вештачка, новокомпонирана творба.
2. Каква функција во општеството (ќе) обавува еден клуб на жени на граѓанско движење составено од независни интелектуалци?
Клубот на жени треба да биде јадро на независни, едуцирани и посветени жени. Жени интелектуалки, жени општествено реализирани, жени кои ги почитуваат вистинските вредности и се залагаат за нивно зачувување, жени – мајки и жени борци. Тој клуб треба да биде коректив во општеството, да поттикнува иницијативи со кои ќе придонесе за поквалитетен и подостоен живот на една жена која е интегрирана во современото општество. Терминот независни интелектуалки кој го употребивте би бил еден од точните описи на една жена која вложува во себе и во општеството, се грижи за заедницата, има изградено свое мислење и јавно го искажува соочувајќи се притоа и со несакани последици. Жените можат многу, тие се тивки двигатели во општествето споредбено со мажите кои се поофанзивни, но тоа не значи дека во многу општествени сфери жените не покажуваат подобри резултати.
3. Зошто сте убедени дека градоначалникот Максим Димитриевски е најдоброто нешто што му се случило на Куманово?
И ако навистина верувате во тоа, зошто тогаш не остане да го води градот?
Ова е ваш исказ, не мој. Јас сум дел од Движењето на Максим Димитриевски затоа што сметам дека тоа е ново политичко движење во општеството кое ветува многу. Секогаш сум искрена во своите одговори, дури и кога знам дека вистината ќе му пречи на тој на кого му се кажува. Ќе направам мала ретроспектива. Живеам 20 години во Куманово, секогаш сум била граѓански активист и сум се застапувала за правата на граѓаните. Локалната самоуправа секогаш беше глува на сите иницијативи и барања кои беа адресирани до нив. Со доаѓањето на Максим Димитриевски тој дел од непристапноста на Локалната самоуправа се смени. Адресирав неколку иницијативи до Општината на нивниот службен мејл. За ден – два откако ќе испратев мејл ме контактираа од општинските служби и ме упатуваа во секторите кои се задолжени за проблемот кој беше образложен од моја страна. На тој начин беа поставени направи за намалување на брзината на движење на одредени локации, беше демонтирана и отстранета бараката на „Житомел“ на крајот на улица „Моша Пијаде“ и многу слични акции. За мене како граѓански активист тој момент беше многу важен. Нешто подоцна и лично го запознав градоначалникот Максим Димитриевски и можев да поразговарам на повеќе теми и да ги согледам неговите убедувања и ставови. Максим Димитриевски е храбар политичар, која за разлика од многумина на политичката сцена, има храброст да зборува и за теми кои останатите ги премолчуваат заради привиден мир. Таа негова карактеристика некои противници ја дефинираат како популизам и е многу погрешна дефиниција .Оние кои добро го познаваат Максим Димитриевски знаат за што зборувам, сѐ останато е само ПР на политичките противници. Мое лично мислење , а и на многу други граѓани е дека Куманово интензивно се гради и многу проекти кои во изминатите децении биле мисловна именка сега се реализираат. Мораме да бидеме објективни и да признаеме дека многу од успесите не се признаваат бидејќи е во прашање специфичниот менталитет на народот, недоволно изградената свест и пред сѐ,политичката определба. Дали градоначалникот ќе остане да го води градот и зошто нема да остане, тоа прашање треба да го адресирате до него. Не сум компетентна да ви дадам одговор на ова подпрашање, упатете го до градоначалникот.
4. Дали сте забележале дека постои непотизам, да речеме, низ кумановските училишта и како тоа се рефлектира на децата?
Со децении во кумановските училишта владее непотизам. Тоа не е нешто ново, напротив, ние се обидуваме тоа да го елиминираме. Непотизмот и партиските вработувања се погубен момент за воспитно – образовниот процес и имаат негативно влијание врз децата. Често менување на учителки, вработување на недоволно образовани наставници и стручни соработници придонесуваат образованието да бидете на скалата на која моментално се наоѓа.А, таа скала е – дно. Од друга страна, ако се дрзнете да направите реформи во училиштата со намера да вработите соодветни наставници, тогаш неминовно е да се соочите со линч дека правите партиска чистка. Така да, сега јас би поставила прашање, доколку градоначалникот се обиде да вработи квалитетни кадри, а тоа е невозможно без одобрение на Министерството за образование и наука, дали тоа ќе биде правилно или не? Ова прашање е до целата кумановска јавност и би сакала во некоја прилика да го поставите.
5. Се гледате ли себе на повисока партиска, државна функција, доколку движењето ЗНАМ оствари некој успех на претстојните избори?
Искрено, на оваа тема не размислувам. Во Движењето ЗНАМ се приклучив сосема случајно, бидејќи отсекогаш сум била аполитична, не сум била активист на ниедна партија (а сум имала соработка со сите партии како дел од граѓанскиот сектор) затоа што сакав да бидам дел од промена. Таа промена ја видов во ова движење и се приклучив без никакви претходни пресметки и очекувања. За тоа дали ќе продолжам понатаму ќе дознаете за кратко време, изборите се блиску. Доколку тоа се случи, тоа ќе биде уште една голема одговорност за мене, како што е случајот и со сегашната моја позиција. Титулите не ги сфаќам како титули, туку како обврска и одговорнст која ја должиме на електоратот кој стои зад нас.
6. Дали би ги школувале Вашите деца во Софија?
Тој избор им припаѓа на моите деца. Син ми веќе се запиша на ФИНКИ, така да таа опција кај него е исклучена. Кога ќерка ми ќе треба да одлучува, таа сама ќе направи избор. Моите деца не се одраз на мои ставови и убедувања, туку самостојни личности кои носат самостојни одлуки за своето школување и за својот живот со наполнување на 18 години.
7. Дали мислите дека секоја политичка партија или движење на ист принцип „ги наградува“ своите послушници, односно нивниот „активизам“ по социјални мрежи го следи будно и следствено, ги распоредува по јавни претпријатија и институции?
Со ова делумно ќе се согласам. Партиите (СДСМ и ВМРО) работат на принцип партиска директива, што не е случај и кај нас. Каков критериум е тој според кој некој што е активен во име на партијата на социјалните мрежи да добие работно место? Тоа е парадокс и дефинитивно ние не се водиме од тој принцип. Јас споделувам информации поврзани со мојата партија затоа што сакам, затоа што чувствувам потреба да ја информирам јавноста, не затоа што некој ми наложил. Тоа е многу важно. Ќе ви дадам пластичен пример: објавувате нешто поврзано со ваше патување или личен живот, тоа е затоа што тоа е дел од вашиот живот. Исто е и со партијата, ако чувствувате дека некаде припаѓате, вие имате потреба да го споделите тоа со останатите, посебно ако станува збор за позитивни остварувања. Онаму каде што постои притисок и директива нема напредок, токму затоа и имаме незадоволство од двете големи партии кои досега владееа.
8. Кој од советниците во Совет на Општина Куманово најубаво зборува литературно на македонски јазик?
Ќе бидам искрена, не можам да издвојам одреден советник. Сите кумановчани имаат специфичен акцент кога зборуваат на литературен македонски јазик. Ако треба да посочам најблизок пример, тоа е Николај Павловски (поранешен советник).
9. Ако потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство, за месец декември, беше околу 57.000 денари, колку треба да изнесува една просечна плата за она што го нарекуваме пристоен живот?
Една просечна плата би требала да изнесува 40.000 денари, кога двајца од семејството би биле вработени, тогаш би можеле да имаат и пристоен живот. Ние имаме реален проблем со начинот на живеење, се жалиме дека немаме за пристоен живот а од друга страна фрламе тони и тони храна. Сегашната минимална плата е недоволна за пристоен живот, тиа е непобитен факт. Но, вината за лошата економска политика треба да ја бараме во актуелната власт.
10. Анимозитетот што го чувствувате кон припадниците на безбедносните служби е видлив во Вашите јавни постови. Ако не постои конкретна причина за тоа, зарем не е „препишана домашна задача“ бидејќи градоначалникот и СВР Куманово се во мртва трка за ингеренции и препукувања на политичка основа.
Не би употребила термин анимозитет, би употребила термин незадоволство. Тоа се должи на општата безбедносна ситуација во Македонија, селективниот закон, неприменливоста на законот. Имав низа на лични голготи преку кои видов дека законот не функционира и дека ни личниот живот не е само твој, многу често е под надзор на одредени служби. Ќе ви дадам личен пример: пијан возач повреди близок член од моето семејство и не одговараше за стореното дело, блиски луѓе беа нападнати и добија тешки повреди и повторно полицијата не постапи правилно(под притисок ги заштити сторителите, дури и нудеше поткуп во нивно име).Секојдневно има обиди за хакирање на моите социјални мрежи и многу често по објава на политички содржини сум исклучена од нив по туѓа наредба. Војската е одамна распадната. Нашата војска некогаш и сега, немаат допирни точки. Дали сето ова изгледа дека е поврзано со препукувањата на градоначалникот и СВР Куманово? Јас не се чувствувам безбедно во својот град и во Македонија и тоа е мислењето на секој втор Македонец, токму затоа и ни се случува егзодусот – одлив на мозоци и масовно иселување на цели смејства.
Ви благодарам на поканата за интервјуто!