Само во Плоштад, дознајте како размислуваат младите, умни кумановки на тема „Зошто е важно младината да земе активно учество во политиката?“. Конкретно, разговаравме со г-ѓица Мила која пријатно изненадува со аргументацијата за нејзините мотиви да биде дел од движењето Знам – за наша Македонија. Пркосно и храбро, ако дозволувате да забележиме.
Да, убаво прочитавте. Република Македонија. Родена сум во Куманово, 2002 година, во Република Македонија и за мене Северна не постои. Од мали нозе вредно, правдољубиво и трудољубиво дете кое денеска изразна во амбициозна и храбра девојка која што не одлучи да ја напушти својата земја и да замине во туѓина. Тоа е доволно и оправдано за да го добијам епитетот “храбра”.
Денеска, како дипломиран правник, вработена како правник и низ неколкуте шанси да се истакнам како младински лидер, научив како вистински се сака својата татковина, не само на зборови туку низ конкретни дела. Факт е дека младите се запоставена категорија во општеството со кое мора интензивно да се работи, а не само пред избори – ова им го препорачувам од искуство на сите политички партии.
Покрај тоа, и минималниот број на млади луѓе кои добиваат шанса да се истакнат од својот круг и да бидат вклучени во процесите на донесување на одлуките, често пати не се компатибилни и релевантни поради веќе постоечката пракса низ години наназад – од своите редови, дете на богати родители, на родители на функции, партиски итн. Истакнувајќи се како Претседател на Студентско Собрание, кој што цврсто ги бранеше и застапуваше правата на студентите, денеска сум Претседател на политичкиот подмладок на движењето ЗНАМ – за наша Македонија во општина Куманово, бидејќи не спаѓам во ниту една од погоре наведените пракси, туку сум поради мојата смелост, храброст и желбата за правда и подобро утре на сите млади. Мојот основен мотив што ме води напред е тоа што како студентски лидер ги воочив реалните проблеми на студентите и младите воопшто, и колку и да се трудев и сите околу мене во тимот, не зависеше ништо од нас -туку од функционерите, бидејќи, сепак, тие ги носат одлуките на крај. Останувавме со врзани раце секој пат бидејќи кај истите тие не постоеше доволно политичка волја за решавање на проблемите. Отпосле решив и јас политички да се активирам поради самиот факт дека не постои друг начин за да смениме некоја конкретна работа или да решиме некој проблем додека не ги преземеме работите во свои раце. Во овој случај додека не се активираме политички, од причина што ние младите ќе бидеме тие кои што ќе бидат утре на нивно место, но што ќе си ја вршат својата работа транспарентно и чесно. Во оваа прилика и во таа насока им препорачувам на младите наместо да бидат незаинтересирани, да следат што се случува околу нив и да бидат информирани затоа што на тој начин се развива критичкото мислење што сметам дека е многу важно за натамошното одлучување и расудување на нештата.
Потребите на младите не може подобро да ги знае никој, освен самиот млад човек. Затоа е потребно на младите да им се даде шанса во политиката како нови, нерасипани и чесни луѓе, наместо да бидеме запоставени во ќошот на општеството, маргинализирани и протерани од својата држава. Поради тоа, го користам овој формат јавно да им се обратам на сите млади кои барем еднаш во животот биле на исто место и се чувствувале како мене, запоставено, изиграно, со врзани раце и изманипулирано. Не очајувајте и примерот земете го од мене – не се откажувајте и не си заминувајте оти тоа е најлесно. Затоа, за сите млади и квалитетни луѓе кои имаат желба да ги променат работите и да ја преземат таа одговорност, секогаш ќе постои место во подмладокот на движењето ЗНАМ, заедно и сплотено да застанеме на браникот на нашата татковина Македонија.
Мила Петрушевска
Претседател на Клубот на млади при Општинска организација на движење ЗНАМ
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.