Во интервјуто на Плоштад со парламентарецот од Куманово, Бране Петрушевски, откријте: кој го уништи македонското правосудство, зошто ни е потребен ре-старт на системот, постои ли натпревар во број на прегледи на емисии по социјални мрежи, зошто се дозволи судбината на народот да биде во рацете на политичарите и колку на овој наш познат сограѓанин влијае астрологијата?
Само на Плоштад, се разбира.
1. Плоштад забележа дека многу често во своите настапи го користите терминот „политички егзекутори“. На што точно мислите, знаејќи дека алудирате на СДСМ и поконкретно, на пресудата во граѓанската парница со Вашиот и наш сограѓанин, Мартин Костовски? Зарем Вашата партија да беше на власт истото не би го сторила со некој „свој“ судија/кадија?
Овој термин „политички егзекутори“ го употребив еднаш и се однесува за политички ставените функционери во судството, кои вршат политичка хајка врз неистомислениците. Поконкретно, го искористив за Лорета Ѓоргиева, член насудскиот совет, инаку сопруга на првиот човек на Зоран Заев во Струмица и долгогодишен директор на ЈПКД Комуналец – Струмица, Зоран Ѓеоргиев, која сметала дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета, што е базично и еклатантно непознавање на правото! Недвосмислено јасно е според Уставот исогласно член 16 од Законот за пратениците дека пратеник НЕ МОЖЕ да биде повикан на кривична или ДРУГА одговорност за искажано мислење во Собранието. Многу ме интересира мислењето на Лорета Ѓоргиева за постапувањето на судијата во предметот Ковачки против Ковачевски, каде на поранешниот Премиер му е уважен имунитетот токму за граѓанска одговорност. Како би одлучил Судскиот совет на претставка против овој судија? Токму ваквите двојни аршини на судската власт го уништија македонското правосудство.
Обично не одговарам на хипотетички прашања, но ако сакаме правна држава, борба против корупција и криминал, мора да обезбедиме независно судство. Затоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира ре-старт на правосудниот систем.
2. Каква е таа енергија за победа што се провлекува низ кампањите на ВМРО-ДПМНЕ? Народот гледа слики од партиски членови низ месни заедници и желба за промена на власта, но со каков кадар всушност располагате и што така „енергично“ ќе (ветите) сработите?
Ве поканувам да ги следите тематските трибини на ВМРО-ДПМНЕ. До сега се одржаа за здравство и економија, каде врвни експерти во соодветните области ги презентираат сите политики и проекти што ќе бидат спроведени од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Во суштина и со еден збор, потребен е ре-старт на системот.
3. Со илјадници испечатени страници за амандмани Ве видовме неодамна како сте решени да ја „ублажите голготата“ со новиот закон за вработените во одбрана, односно бранителите во т.н. конфликт од 2001 година. И освен флоскулите „а пропо“ или „виза ви“, како на друг начин се справувате со измените на законските регулативи (а пропо Вашите гостувања низ топ теми и само вистини, кои ретко кој веќе и ги гледа)
Блокада на некое законско решение, нормало кога е можна, бидејќи ретко власта поднесува закони во редовна постапка, е единствениот начин да се принуди власта да ги слушне аргументите на опозицијата. За среќа, за конкретниот случај нашиот притисок успеа, законот за бранителите се најде на дневен ред, по што го одблокиравме законот за вработените во одбраната. Инаку, јас термините „а пропо“ и „визави“ никогаш не ги користам, а вашата чудна и тенденциозна констатација дека никој не ги гледал моите гостувања се демантира едноставно, доколку го погледнете бројот на прегледите по социјалните мрежи на овие емисии.
4. Што бидна, кој ќе биде третиот спорен член на ДИК од опозицијата?
Ова прашање ќе мора да го поставите до Претседателот на Собранието или до владеачкото мнозинство, бидејќи тие ја диктираат динамиката на работата на Собранието.
5. Зошто за секои избори во „нашата држава“ се вели дека токму тие ја одлучуваат судбината на граѓаните?
Едноставно е, со гласање на избори граѓаните одлучуваат кој ќе ја владее државата и со тоа својата судбина.
6. Вашиот кандидат Максим Димитриевски најавува дека ќе ве прегази поубедливо и од десното крило на СДСМ, а вие (не лично, туку демохристијански во партијата) сеуште одбивате да се сликате пред амблеми на кои пишува Северна. Објаснете го тој феномен на некого кој живее во Проевце и уште гази во кал.
Имате премногу нелогичности и контрадикторности во прашањето за да може да се даде конкретен одговор. А ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да го прифати новото име на државата.
7. Велат дека една лошите страни на Вашиот хороскопски знак, Водолија, е тоа што мисли за секоја работа повеќе пати, што му одзема не само време, туку и сила. Тоа, дури, може да му ја потроши енергијата за победа оти сака да анализира и секоја работа или проблем да го набљудува од различни агли. Од друга страна, не толерира егоцентрични ликови и има силно сопствено мислење за секое можно прашање коешто го брани. Кое свое мислење сте го одбраниле најдобро пред кумановци, откако сте во законодавниот дом? И како сме се сите „офајдиле“ од него?
Жалам, но јас во своите политички постапки не се водам од астрологијата. Инаку, горд сум што овој пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ успеа да одолее на притисоците и да не гласа за уставните измени наметнати со т.н. француски предлог.
Р.П.