Почетна ЕДНО ПРАШАЊЕ ЕДЕН ОДГОВОР ЕДНО ПРАШАЊЕ ЕДЕН ОДГОВОР СО СОЊА ТОДОРОВСКА

ЕДНО ПРАШАЊЕ ЕДЕН ОДГОВОР СО СОЊА ТОДОРОВСКА

После претепувањето на 15 годишно девојче во Скопје од свои врснички, до кога ќе го обвинуваме системот?
Што е тоа, впрочем систем?
На оваа прашање се обидува да одговори нашата сограѓанка, Соња Тодоровска, професор во Гимназијата и истакнат член на СДСМ.

Г-ѓо Тодоровска, нè интересира кој е Вашиот став по прашањето на воспитувањето на денешните деца, од аспект на родител и наставник, пред сé, а особено поради тоа што ситуацијата како да излегува од контрола со врсничкото насилство, со „кревањето на раце“ на родителите кои се повеќе посветени на тоа да обезбедат услови за семејството, отколку да ги детектираат промените на своите деца во развој, со немоќта на институциите да се фатат во костец со овој голем социолошки проблем…

Ви благодарам што можам да дадам свое мислење за оваа важна тема за младите.

Luxury Catering Service

Во секојдневните разговори сите велиме дека децата ни се најважни, дека ти се наш приоритет. Но, дали е тоа така? Да се запрашаме само колку време поминуваме со нашите деца и на каков начин, колку знаеме за нив, нивните проблеми и потреби, колку се вложуваме во нивното растење и воспитување. Врсничкото насилство не само што е дел од секојдневието на младите, во форма на потсмевање, навредување, отфрлање, дискриминирање по начин на облекување, телефон, место на живеење, место на излегување и многу други основи, тоа стана и начин на “забава” преку снимање видеа и потикнување на физичко насилство. Јас овде морам да го потенцирам моето големо разочарување и жалење за последното насилство во
Скопје, брутално претепување на девојче, додека група нивни соученици навивачки ги бодрат, потикнуваат и снимаат. Оваа постапка ги поминува сите разумни граници на нормално однесување и поглед на светот, несвесни дека сите присутни се учесници и виновни за настанот. Одговорни се и нивните родители и наставници.

Овој настан нека биде само уште еден повик од младите до нас возрасните, родителите, учителите и психолозите за помош, воспитување, емпатија и љубов која им е потребна при нивното растење и спознавање на животот и светот. Секој од нас да најде доволно време за своите деца, да побара помош и стручен совет, да прочита по некој книга за воспитување на децата и да има слух за нивните потреби. Учителот и наставникот се важни во учење и воспитување на децата и тука треба да се сврти поголемо внимание, да се организираат обуки за наставниците и стручните служби во училиштата. Мислам дека при избор на претседател на клас и класна заедница мора да се знаат и почитуваат критериумите пропишани со правилник, тие ученици треба да се пример за другите ученици. Но, најчесто во училиштата се поправа и дополнува она што е пропуштено во семејството. Сѐ започнува дома, во кругот на семејството детето таму учи за емоциите, начини на однесување, емпатија, љубов, но и насилство. Во првите години од растењето посебно важна е улогата на мајката, нејзиното присуство и однос кон детето, психолозите велат дека тој однос подоцна станува урнек за однесување кон сите околу нас. Но, не помалку важна е улогата и на таткото. Живееме во време во кое семејствата ни се разнишани, децата растат во присуство на семејно насилство, родителите трчаат по градење кариера и материјално богатство, често отсуствуваат од домот, дружбите со пријателите и социјалните мережи им се поважни од разговор со децата. Сето тоа остава празнина кај младите и во периодот на адолесценција, кога се бараат себе си и свој  пример за однесување се соочуваат со искривени вредности и фрустрации и се повлекуваат, со можност да станат жртва, или стануваат насилници, како замена за вниманието и љубовта која им недостасувала. Двете состојби се опасни и брзо променливи, насилникот лесно може да стане жртва, жртвата насилник. Посебно сакам да ја потенцирам улогата на оние млади луѓе кои стануваат публика, навивачи и несвесни потикнувачи на насилството, со нив посебно треба да се работи за да станат свесни за позицијата во која се наоѓаат. Како наставници мора да работиме повеќе со учениците и да бараме формите на ненасилна комуникација да станат дел од образовниот процес.

Ова е многу важна и широка тема, јас овде допрев само мал дел од неа, со желба да потикнам размислување, поддршка и преземање конкретни чекори во растење и воспитување на младите. Заеднички интерес на родителите, наставниците и општеството е градење на здрава иднина, образовани и добро воспитани млади луѓе кои ќе се вградат во институциите и општеството.

Соња Тодоровска
Професор