Мили ми се луѓето но, помила ми е вистината.
Отсекогаш и во се ја барав вистината и честопати ми беше тешко да ја најдам се додека не ја спознав. Сфатив дека помеѓу Бог и вистината има знак на еднакво. И кога тоа верување го вградив во своето битие и почнав да го живеам, вистината сама ми се открива, дури и кога не ја барам. Едноставно се препознаваме меѓусебно. Таа е мојата водилка при донесувањето на одлуките и правењето на избори во животот. И секогаш ме водела на вистинскиот пат.
Затоа не се сомневам во мојот избор и во моите верувања дека СДСМ е опцијата која има капацитет, може, умее и не води напред, во прогрес и гради напредно општество, со граѓанскиконцепт и европска перспектива.
По природа сум аналитична личност и сите работи ги разгледувам од секој можен аспект и по неколку пати се додека не им допрам до суштината.
А суштината на нештата е едноставна, се треба да биде во интерес и за доброто на сите, тоа е алтруистот во мене, а тоа е и мотото на СДСМ, „Едно општество за сите“, „Живот за сите“. И тоа не се само предизборни пароли. Тоа е програма која дава резултати во последните седум години. Резултати со кои се гордееме но, малку зборуваме за нив. Едноставно, оставаме делата да зборуваат за нас.
Во седумгодишниот мандат на СДСМ се решени многу прашања кои биле отворени повеќе од 12 години и предходната власт имала тотален игнорантски однос кон истите. Едноставно не ги ни спомнуваа, како луѓето кои беа засегнати да не постојат во општеството. А секој ден јавно настапуваа со отчет за сработеното само на хартија, на дела НИШТО.
Со доаѓањето на СДСМ на власт, со политики ориентирани кон општото добро и обезбедување на живот за сите,за само седум години, решен е проблемот со стечајните работници, кои 12 години никој не ги спомнуваше, минималната плата од 12 000 денари се зголеми на 20 170 денари, а во март годинава на 22 700 денари. Тоа не се само бројки туку факти. Воспитувачките во градинките,од 2017 до денес имаат дупло поголеми плати. Постојан раст на пензиите и помошта која ја земаат социјално загрозените семејства. Исплатата на ДДВ со кој дел од данокот се враќа кај граѓаните и тоа не преку наградна игра како што беше случај.
Субвенциониран студентски оброк, финансиска помош за основци, средношколци и студенти. Исплатени субвенциите на земјоделците кои им доцнеа од предходната власт…
Колку пари само се исплатени на граѓаните кои беа најмногу погодени од кризата и тоа не една туку во седум години преживеавме три кризи од кои беше зафатен целиот свет.
Стотици километри изградена патна инфраструктура, нови детски градинки, реновирани училишта и институции… Сето тоа се очигледни факти кои непобитно ја претставуваат вистинската борба на СДСМ за градење на едно модерно и функционално општество.
Дали е доволно? Не е. Не затоа што како граѓани сме неблагодарни, туку затоа што заслужуваме повеќе. И нашиот работен ден трае колку и на работниците во западно-европските држави, а работиме во далеку полоши услови од нив, плаќаме исти цени за помалку квалитетни производи па затоа и заслужуваме да имаме и приближни плати со нивните. И тоа ни беше на дофат на рацете но, го пропуштивме поради погубните политики на таканаречените „патриоти“ во чиј мандат од 12 години изолација на државата беа издадени најмногу бугарски пасоши на нашите граѓани, а денес, поради Преспанскиот договор, со кој ни се отвара патот кон европското семејство, обвинуваат за бугаризација.
Но, и покарај сите опструкции во изминативе седум години успевавме да го направиме најдоброто за граѓаните и покажавме дека тоа не е невозможно и недостижно. И верувам дека дадениот збор е збор и дека во следниот мандат на СДСМ ќе бидеме сведоци на придобивките од одлуките донесени во овој мандат.
Никој не веруваше кога тогашниот премиер Заев ветуваше дека просечната плата ќе биде 500 евра. Но, партијата докажа дека зборот е збор, а човек вреди колку му вреди зборот. Денес, просечната плата е повеќе од 630 евра со тенденција на зголемување во периодот кој доаѓа.
Граѓаните знаат да ги ценат делата кои не водат на вистинскиот пат. Знаат да изберат што е добро за нив и нивните поколенија и нема да им биде тешко да одлучат. Пред нив се две можности, европски пат или патот на изолација и омраза.
Национализмот кој го користат како свој адут и е нивна главна реторика веќе не е во мода. Ама изгледа никој не им кажал. Завршивме со примитивизмот, градиме цивилизирано и цивилно општество кое нуди можности за способните, а тие немаат такви меѓу водачите.
А зборот има тежина и со себе носи одговорност. Така,наспроти зборот кој дава оптимизам, ветува подобар живот за сите е зборот кој заплашува, создава несигурност и ветува дека ќе „летаат глави“ откако ќе се вратат на власт.
Но, народот избира. Дали е жеден за омраза или за соживот.
Не очекувам сите да се сложат со мене. Секој има свое гледиште на нештата. Ама очекувам заеднички да го градиме нашиот пат кон Европска и просперитетна иднина. Очекувам да имаме заедичка цел и заеднички да работиме на достигнување на целта.
МОРА ДА ОДЛУЧИМЕ!!!
Александар Арсиќ
Претседател на ОО СДСМ Куманово
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.