Во сосема опуштен разговор,како што тоа само го знае непосредниот наш сограѓанин, Миодраг Црни, не ни забележавме дека поминало толку многу време. Пријатен човек кој раскажува непосредно и напати живописно за својата спортска кариера и животот. Искрен, несуетен, креативен за нови иницијативи и буден хроничар низ многу декади на градските приказни.
Се разбира, тука,на Плоштад.
За рубриката Мојата животна приказна барав маркантно име за старт. Име што не треба посебно да се најавува или претставува. Некој кој се докажал во својата кариера. Име кое има тежина. Мојот избор падна на ракометниот тренер Миодраг Јовановски-Црни. Кога кажав на моите пријатели дека ќе разговарам со Црни, од коментарите видов дека ќе имам добар соговорник. Коментарите се движеа од – браво, одличен избор, до – супер, Црни има што да каже. Интересно, никој не праша: извини, кој е т’ј? Разговаравме, се смеевме и забавуваме. Црни зборуваше, а јас фаќав белешки. Знаевме дека не можеме сé да кажеме, не можеме сите да ги спомнеме. Но, вреди и мора да се обидеме. Ова е неговата животна приказна.
ДЕТСТВО
Црни е роден во Куманово на 27-10-1953 година За себе вели дека е горд Соколанац. Соколана и Соколанскиот парк му биле и се уште се како втор дом. За неговото детство Црни малку зборуваше. Целата приказна вели може да ја каже со неколку реченици. Вели, не знам дали сите бевме исто сиромашни, или сите бевме исто богати. Ама, едно знам, сите бевме многу среќни. Раскажуваше како се играл маалски фудбал, џилик и димири. Како Коста чуварот ги бркал од Соколана кога се прекачувале на балконот за време на зимските турнири. Како спортувале на местото над Соколанскиот парк, каде што сега е атлетската патека. Колку боли кога се убодеш на димир боза. „И добри шангајке не те спасуев од так’в убод“, вели Црни.
У мое време немаше тинејџери, вика Црни. Штом малку пораснеш, одма си беќарче. Па, игранке, па девојке итд. Со голем мерак раскажуваше за екипата ФК ДИНАМО која три години по ред го освојуваше првото место во турнирот во мал фудбал во организација на Наш весник. А од каде Динамо? Зошто ФК Динамо, го прашав мојот соговорник. Црни, смеејќи се, вели: тоа беше компромис, за никој да не се лути. Во тимот бевме пола ѕвездаши, пола партизановци. ФК Динамо беше компромис што сите го прифатија.
ОД КАДЕ ПРЕКАРОТ ЦРНИ
Едноставно е, тоа е наша семејна традиција, вели мојот соговорник. Татко Перо фурнаџија викан Црни. Сестра Оливера викана Вера Црна, брат Миле викан Миле Црнковиќ. Нормално, според семејната лоза, како најмал, Миодраг Црни.
ЗОШТО РАКОМЕТ
Во Соколана во тоа време беа застапени сите мали спортови, вели Црни. Бокс, атлетика, гимнастика (машка и женска) и кревање тегови. Во кревање на тегови посебно се истакнуваше Драгољуб Стефановски-Драп, во тоа време еден од првите пет бодибилдери во Југославија. Јас прво почнав да тренирам кошарка. Мој прв тренер беше Мице Ивановски. Но, многу бргу го засакав ракометот. Сега веќе далечната 1966/67 година имаше екипи и во машка и во женска конкуренција. Ракомет активно почнав да играм во О.У. „Кочо Рацин“ каде што наставник по физичко ми беше Борис Николовски – Бизе кој ми ја пренесе љубовта кон ракометот. Како шестоодделенец имам две први места во училишната лига во Куманово, во конкуренција на сите општински училишта. После тоа почнавме да играме како спаринг партнер на РК Партизан од Куманово во женска конкуренција. Тогаш, крајот на шеесеттите години, РК Партизан беше многу јака екипа која се бореше за влегување во првата југословенска лига во женски ракомет. На неколку натпревари на кои ме следел Саневски, тогашниот тренер на РК Куманово во машка конкуренција, задоволен од мојата игра, ме повика на страна и ми кажа: “Tи мора да играш ракомет” . Подоцна ракометот го заменува со фудбалот. После една мала расправија со тренерот Чедо Трајановиќ заминува во подмладокот на ФК Куманово. Игра две години како еден од најдобрите во тоа време. На позиција лев бек или лев халф. Јак во одбраната и опасен во нападот, во стилот на бековите во модерниот фудбал како Роберто Карлос, Марсело или Роберт Јарни. По завршувањето на средното училиште заминува во Загреб и две години само рекреативно игра фудбал, а после две години се враќа во Куманово и повторно влегува во ракометот. На покана на тренерот на РК Куманово, Пеце Илиевски, повторно игра за Куманово и запишува виша фискултурна школа.
РАБОТА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
Малку е познат податокот дека Црни работел и како професор по физичко воспитување. Кратко, но доволно да остави трага. Додека работел во О.У. „Маршал Тито“ во селото Лопате и со тоа училиште освојува прво место во општинската лига во женски ракомет помеѓу екипи од Куманово, Кратово, Крива Паланка и Свети Николе. Потоа заминува во војска и повторно помеѓу децата во училиштата, работејќи во училиштата О.У. „Христијан Тодоровски Карпош“ во селото Младо Нагоричане и О.У. „Светозар Марковиќ“ во селото Старо Нагоричане. Тој период е исполнет со многу активности, односно активно играње за РК Куманово и тренирање деца во училиштето.
УШТЕ ЗА РАКОМЕТОТ
Активно игра ракомет до 1981/82, но еден инцидент на натпреварот помеѓу РК Куманово и РК Металург ги менува неговите планови. На натпреварот навивач го напаѓа судијата, а Црни ни крив ни должен е казнет со една година забрана за настапување на официјални натпревари. Тогаш целосно се повлекува од активно играње ракомет и се вработува во Агрокуманово. Но, Црни и ракометот се во нераскинлива врска. Повторно се враќа во ракометот по една случајна средба со чичко Љубо Тодоровиќ, во неговиот втор дом – Соколански парк. На таа средба добива понуда да биде помошник тренер на Димитар Антевски во РК Куманово во женска конкуренција. Тоа се случува далечната 1983/84 година кога Димитар Антевски поднесува оставка Црни се соочува со огромниот предизвик да обезбеди опстанок на екипата во втората сојузна лига која тоа време е многу силна лига. Тренер на ЖРК Куманово останува до 1989 година кога екипата повторно ја презема Димитар Антевски. После година дена Црни со својата екипа го одвојува првото место во македонска лига и влегува во втора сојузна лига (исток). Пред војната резултатите се за голем респект. Екипата се бори за прво место во многу силна конкуренција. Тимот на ЖРК Куманово е составен само од ракометарки од Куманово, а на голот е репрезентативката на Бугарија, Аделина Павлова. Распадот на Југославија и војната го спречи влегувањето во првата сојузна лига.
Црни уште ни кажа, во ракометот сум иглолисен не листопаден.
Но и иглолисните мора да паднат кога тогаш.
Ракометот во секој случај останува на младите.
КАКО АДЕЛИНА ПАВЛОВА ПОТПИШУВА ЗА ЖРК КУМАНОВО
Еден од најзаслужните е долгогодишниот претседател на ЖРК Куманово Николај Јовановски – Коки кој ни даде налог да одиме во Бугарија и да ја убедиме Аделина Павлова да потпише за нашиот тим. Главната работа ја заврши легендарниот пејач Нино Величковски, раскажува Црни. За потпис за нашиот тим на преговори во Бугарија заминува со Нино Величковски и Власто од Агрокуманово. Преговорите оделе тешко, а Нино пеел нон стоп, цел ден кај тренерот, а потоа цел ден и ноќ кај Аделина дома. Тоа се случува 1989/90, кога Нино настапува на Фолк фест Валандово со песната „Бабино девојче“. Кога во преговорите и условите биле додадени и карти за Фолк фестот, понудата била прифатена и трансферот бил готов.
ИГРАЧИ КОИ ОСТАВИЛЕ ТРАГА ВО ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ ВО КУМАНОВО
Многу е тешко, вели Црни, да се набројува. Сигурно некој ќе биде заборавен. Имаше многу квалитетни играчи. Но, сепак овие морам да ги спомнам:
1.Марина Китиќ
2.Виолета Станојковска
3.Валентина Радевска
4.Јасмина Цветковска-Николова
5.Елена Спасовска
6.Снежана Величковска
7.Марга Петковска
8.Жаклина Нешевска
Тоа е првата генерација кога почнува мојата тренерска кариера. Посебно сум горд на Наташа Ѓорѓевиќ, еден од најдобрите пивоти во македонската репрезентација и член на „Кометал Ѓорче Петров“. А, и овие имиња морам да ги спомнам:
Сандра Огненовска
Валентина Николовска
Габриела Арсовска
Ана Марија Тот
Елма Пршеш
Биљана Тричковиќ
Сузана Антевска
Сузана Симоновска
Бранкица и Елена Димковски
Ивана Трајковска
Наталија Зафировиќ
Во машка конкуренција
1.Љубиша Димковски
2.Александар Јанчиќ
3.Даниел Трајчевски
4. Давид Цветковски
5. Андреј Миладиновски
6.Христијан Димковски
Посебно ми е чест што работев во ракометна школа Карпош Вардар од која излегоа врвни имиња во македонскиот ракомет.
1. Давид Димевски – младински репрезентативец на Македонија и член на РК Мулти Есенс
2. Глигор Трајковски – голман, кадетски репрезентативец на Македонија. Исто така член на РК Мулти Есенс
3. Марио Бошковски актуелен член на машка екипа на РК Куманово.
Имаше многу квалитетни и талентирани ракометари, но некои од нив се откажаа и не покажаа повеќе. Големи таленти, но без волја за тренинзи и напредување. Сепак како круна на мојата кариера е едно име. Немам доволно зборови да кажам колку сум горд што работев, го тренирав Жикица Милосављевиќ, еден од најдобрите ракометари во светот. Две години, 1993/1994, работев како технико во РК Шевро, а подоцна повторно се враќам во женскиот ракомет. Долги години, до 2005/2006, наизменично работев со машките и женските ракометни екипи. Своја приватна школа за ракомет отворам со Љубиша Димковски и Александар Јанчиќ, а подоцна ни се приклучува и Наташа Младеновска-Ѓорѓевиќ. Со работа почнавме како Ракометна академија Карпош а потоа се преименувавме во Карпош Вардар. Игравме од мини ракомет (за мали деца, што се игра на пола терен), па до ракомет во лигата на Вардар. Со овие екипи секогаш се боревме за првите три места. После 2019 година станувам тренер на младинска, кадетска и пионерска екипа во машка и женска конкуренција. Од почетокот на 2024 работам како помошен тренер на Љубиша Димковски.
МОЈА РАНА СОКОЛАНА
Од моите 70 години, 67 сум во Соколана и Соколанскиот парк. Ден денес, душата ме боли ако барем еден круг не направм во паркот и не погледнам кон нашата убавица Соколана. Како горд соколанац прв почнав да се борам да се реконструира или доизгради Домот на малите спортови и игранките во Куманово. Моментално сум ангажиран во организација на Втора Соколанска ноќ на 17 Март 2024 година. Исто како и минатата година да се собереме и потсетиме на времињата кога бевме посреќни. Ќе има калавешница, ќе се ламкав јајца, ќе има музика , веселба и дружење. Најискрено посакувам и се надевам дека ќе биде готова и реконструирана за Трета Соколанска ноќ, наредната година.
ИДНИНАТА НА СПОРОТОТ ВО КУМАНОВО И МАКЕДОНИЈА
Политиката и спортот не треба да одат заедно. Спортот мора да биде оставен на спортистите. За наша среќа имаме луѓе кои се докажале во својата кариера. Потребно е да се направи стратегија за наредната деценија. Во една прилика му предложив на актуелниот градоначалник Димитриевски во Куманово да се формира Спортско друштво Куманово со цел попаметно да се распоредуваат средствата за клубовите спрема рангот на натпреварувањето. После тоа докажаните имиња во фудбалот да се грижат за фудбалот во Куманово, ракометарите за ракометот, шахистите за шахот и така натаму. Без политика, без партиски влијанија и притисоци. Да ги вратиме младите на спортските терени, кумановците на трибините, да ги натераме да купуваат карти. Да го заживееме спортот како многу важен сегмент од нашето живеење. Не треба многу. Само волја да се успее, а ние спортистите сме познати како упорни луѓе.
ЗОШТО ПАРТИЗАНОВАЦ
Кога еднаш влезам во еден табор, останувам и во добро и во лошо. Останувам за век. Нема назад. А, јас влегов во семејството на црно-белите и останувам доживотно. Колку сум горд соколанац, толку сум поносен партизановац.
Да кажеме на крајот, ете почитувани читатели, таков е нашиот Миодраг, никој не би знаел на кого се однесува напишаното. Но, ако кажеме, тоа е нашиот Црни, кумановац, соколанац, реали
Ќе пееме, ќе се сеќаваме на првиот „стискавац“, можеби ќе се натпреваруваме кој од нас подобро ја пее Бабино девојче после некоја греана ракија, ќе ги коментираме новите клупи во Соколанскиот парк и ќе зборуваме за спортот на кој, не само за ат’р на Црни, несомнено треба да му се даде голем приоритет во Куманово.
Р.П.