Почетна ИНСАЈДЕР ВО ПРЕСРЕТ НА ПРЕТСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ

ВО ПРЕСРЕТ НА ПРЕТСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ

Македонија влегува во нов изборен циклус.
Изборите не би биле ништо посебно доколку не се прогласуваат за историски, т.е како најважни, дека за опстанокот се работи и слично. Па, да фрлиме поглед наназад на досегашните изборни циклуси и што им беше заеднички именител. Тоа е според онаа позната латинска поговорка “Divide et impera” (ПОДЕЛИ, ПА ВЛАДЕЈ) што му се припишува на Гај Јулие Цезар, а којашто најдобро го опишува досегашниот тек на сите претходни избори, на сите нивоа. Таа максима претставува комбинација на политички, воени и економски стратегии, која овозможува зголемување и одржување на моќ, со разделување на свои противници, за да истите не се во состојба да се спротивстават и наметнат. Во поново време Николо Макијавели ја претпочиташе сличната метода во својата книга „Уметност на војување“. Според него, добар војсководец треба да настојува да ги разедини силите на својот непријател, така што неговиот противник се посомнева во своите луѓе во кои дотогаш верувал, или на било кој начин го присили да ги раздели своите сили и на тој начин ги ослаби. Во својот есеј „Вечен мир“, филозофската скица на Имануел Кант, максимата „подели, па владеј“ ја ставил како трета по важнот за добар владетел. Првите две се: „Fac et excusa“ ( делувај, извини се подоцна ) и „Si fecisti, nega“ ( кога ќе направиш, забрани ). Употребата на стратегијата раздели и владеј им се припишува на бројни европски владетели уште од францускиот Луј XI, сé до Хабсбурзите, со цел успешно и долгорочно владеење. Овие филозофско-политички вистини, користени во досегашната историја за успешно владеење на државници и војсководачи, се само добро спакувани и употребени денес, во 21-виот век, во нашата држава која себеси се смета за демократска и перспективна, ама обесправена и неразбрана, како од меѓународната заедница, така и од сопствените граѓани, та затоа уште не е интегрирана во ЕУ. Се поставува логично прашање, дали темелите на оваа држава се добро поставени, дали донесените закони се израз на волјата на граѓаните, дали изборните резултати согласно изборниот закон ги пресликуваат вистинските односи на политичките сили и расположенито на граѓаните, дали… уште многу дали и зошто, зошто влеговме во четвртата деценија од осамостојувањето, а уште сме во неизбежна транзиција и никако да стигнеме до посакуваната дестинација, до членство во ЕУ.

Ако сиромаштијата и незадоволство на граѓаните од функционирањето на, пред сé, правниот систем, е со висок процент, тоа е воедно и предуслов за лесно манипулирање при „демократски избори“, кога гладните и незадоволните се фаќаат како давеници за сламка и се задоволуваат со понудените ветувања за остварување на сопствени интереси без какво било резонско размислување. Во една таква држава, со толку голема сиромаштија и незадоволство, нема елементарни предуслови за демократија. Во демократски држави, народот, пред да се занимава со политиката, мора прво да има да јаде, да се облече, да работи, да се занимава со спорт и уметност и сé друго, па дури на крај со политика – да одлучува, размислувајки слободно и по свое убедување. Со празен стомак, гол и бос, без сигурна и добро платена работа, не се води политика. Е, така се регрутира армија на послушници, граѓани ни криви ни должни, без способност да градат сопствени ставови, а да ги бранат „возвишените цели“ на своите “владетели”. Втората метода е ставање над законот по углед на познатата изрека – „државата – тоа сум јас“. По тој метод, челниот и неговите најверни послушници се над важечките закони, тие живеат како недопирливи, а примената на право е селективна, со субјективен пристап на поданиците од било кој ешалон, кои уживаат во привилегијата да управуваат во име на позицијата што ја имаат. За непречено владеење неопходни се и парите. А, до нив најлесно се стига со озаконети и легализирани перфидни методи на „испумпување“на буџетски средства во контролирани фондови или на приватни конта, од каде подоцна се плаќаат сите проекти за стекнување и одржување на власта и владеењето. Што е тоа што најповеќе ги плаши моќниците од симнување од власта? – стравот од вистината која може да излезе на виделина и евентуални санкции за евентуално незаконските работи во време на практицирање на власта. Со што се тешат за евентуално паѓање од власта? – со праксите од минатото каде се потврди онаа народната “Врана на врана очи не вади“. Во секоја демократска држава, на опозицијата ѝ се доделуваат контролни функции на системот како доказ за функционирањето на правна држава. Позицијата во демократски системи не се плаши од контрола и ревизија, зашто работи легално и законски. Зошто кај нас позицијата сака да ги има и овие функции, мислам дека на секого му е јасно. И нешто за иднината на Република Северна Македонија. Со вака поставената политика која досега се практикуваше од сите партиципиенти на власта од осамостојувањето па до ден денес во сите партиско-политички комбинаторики, покажа со сигурност дека полека, но сигурно, и едните и другите имаат за цел да градат тоталитарен систем, за кој главен метод е „перење на мозоци“ потпомогнат од поткупени гласноговорници со буџетски пари. Помагачите за остварување на вакви цели обично се празноглави, но добро наградени за нивните ангажмани, за жал со парите собрани од граѓаните. Носителите на високите функции во голем број се со дипломи од сомнително потекло или народски кажано со “купени дипломи”, а резултатите од такво владеење на сите ни се познати, ама нема на кого да се жалиме бидејќи, наводно, самите сме ги бирале?!?

Почитувани граѓани, сиромаштијата се издржува, ама неправдата, понижувањето и газењето на достоинството на граѓаните се причини за прелевањето на чашата на издржливоста. Упорната усилба граѓаните да се поделат на НАШИ и ВАШИ, има само една цел – полесно да се владее со нив. Но, изгледа конечно ќе се крене гласот на граѓаните. Граѓанинот мора да се издигне на нивото на својата задача, а тоа е: државата што ја сочинува и гради и да ја контролира целосно преку своето неотуѓиво право на глас и одлучување за нејзината иднина. Тие што ќе бидат избрани мора да се во службата на граѓаните, а не граѓаните во нивната служба и истите мораат да бидат “Primus inter pares” (ПРВИ МЕЃУ ЕДНАКВИТЕ). Само така можеме да ја обезбедиме извесноста на иднината на нашата држава.

Luxury Catering Service

ГРАЃАНИНОТ Е ТОЈ ШТО ГО ИМА ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР, ДА ЖИВЕЕ ГРАЃАНИНОТ! ДА ЖИВЕЕ ДЕМOКРАТИЈАТА!

Името и презимето на авторот познати на редакцијата.

Ставовите изнесени во рубриката инсајдер не се ставови на редакцијата на Плоштад.