Често се среќавам со прашањето „Како Македонија стигна до ова дереџе?“. Многумина аналитичари и новокомпонирани експерти причините ги наоѓаат во корумпираниот судски систем, политичарите, странските амбасадори и имаат стотици други објаснувања. Но, вистинсото прашање е „кој е тој пат што води до дното“?
Одговорот го пронајдов во „кругот на двојка“, кај хохштаплери кои седат по белградските кафеани, помеѓу „Три шешира“, „Два јелена“ и „Златни бокал“. Името на тој фамозен процес, како кога се поминуваат сите граници на безобразлукот, е „Вулинизација“, процес наречен според српскиот политичар Александар Вулин, поранешниот министер на одбрана, полиција, шеф на канцеларијата за Косово и директор на БИА.
Како е можно таков лик да извршува најодговорни функции во една држава? Како вели Среќко Шоиќ во Бела лаѓа: „Када ја доѓем на власт, све што је сада могуќе, постаќе немогуќе. И све што је сада немогуќе, постаќе могуќе.“ Тоа е и дефиницијата на Вулинизација. Прв пример за овој процес е самиот Александар Вулин. Што можете да речете за еден настан, конкретно кога министерот на внатрешни работи, односно Вулин, оди во службена посета на соодветен колега од Унгарија, кога излегува од колоната и приоѓа на смотра на полицијата во Будимпешта, поминувајќи ги специјалците и доаѓајќи до граничарите. Во тој момент, белгијскиот овчар, куче дресирано специјално за пронаоѓање наркотици, почнува да лае и режи на министерот од Србија. Неговиот дресер со две раце пробува да го задржи, но залудно. Кучето не знае дека човекот во Бриони одело, со Патек Филип часовник, не е шеф на Кавачкиот клан, туку министер на полиција на соседна држава. Втор пример на Вулинизација е тужбата на Мирослав Грчиќ до Михало Улемек. Улемек, екс полковник на српската доброволна гарда, кој стана интернет ѕвезда во Србија, во една емисија го обвини директорот на електро стопанство на Србија дека нема диплома, но Грчиќ не беше мрзлив и му стегна тужба. Инаку, работно искуство на генералниот директор на ЕПС е печење прасиња. Тој цел живот имал печењара и единствен допир со струја му бил прекинувачот во кафеана и штекерот за вртење на прасињата. На судот во Стара Пазова, судијата ја покажува дипломата од факултетот Унион од Крушевац, со датум на започнато образование на 11 март 2012 г. и завршен факултет на 07 ноември истата година. Но, пред да се донесе пресуда во корист на Грчиќ, Улемек изјавува: -„Господине судија, јас никогаш немам кажано дека директорот на ЕПС нема факултетска диплома. Јас знам дека истата ја има купено. Јас тврдам и одговарам пред судот за изјава дека нема завршено средно училиште!“. Дали треба да споменам дека второто рочиште никогаш не се одржа? Овие два примера се доволни да разбереме што се случува во Македонија. Нашата пропаст има име и презиме. Тоа е „Вулинизација“. Сега на секој му е јасно како Бојан Маричиќ е заменик премиер. Мора да имате квалитети кои не ги поседува никој друг. Запрашајте се кој од вашите блиски може да изеде шест бифтеци за ручек на сметка на граѓаните? Тука не ги сметаме другите оброци и маренди во текот на еден работен ден. Тој е класичен пример на Вулинизација од СДСМ. Ако и пронајдете некој пријател или роднина со тие квалитети, тогаш замислете Маричиќ да ви дојде на слава? Не знам за вас како ќе се чувствувате, но во моето село ќе тераат мајтап со години на мојата сметка. Човек кој не би го примиле на слава одлучува за европска иднина на Македонија.
Со вулинизација е зафатена и ДПМНЕ. Тука се потполно исти. Како сијамски близнаци се. Класичен пример е Александар Николовски. Можеби не е репрезент за собранискиот ресторан, но и тој има фантастични квалитети. Кога би имало дисциплина на олимписките игри за најголем полтрон, Николовски сигурно би освоил златен медал. Кога веќе правиме паралела со Србија, мора да цитирам уште една изјава на Шоиќ, што најдобро го отсликува вулинизираниот Николовски: „ Гледам те и не могу да разумем. Фаца ти лоповска, а лоши резултати на изборима. То не иде заједно.“ Нашата трагедија не е во тоа каков е карактерот на заменикот на председателот на ВМРО, туку во фактот дек истиот, еден ден, ќе ја води државата и ќе донесува политички одлуку на наша сметка. Како локал патриот, обврска ми е да ги искоментирам и „Дечки у успону“. Во случај на движењето ЗНАМ ќе тргнам од анти-вулинизација, бидејќи има многу примери на оваа појава, така што е полесно е да пронајдете нејзина негација. Не сакам да спомнувам имиња, бидејќи се безначајни и во исто време суетни лутковци. Мора само да напишам за најистакнатиот „Вулин“ од редовите на ЗНАМ, а тоа е дека според извори на германската тајна служба БНД, истиот штеди за факултетска диплома, која е веќе отпечатена од универзитетот во Свети Николе. Само ЗНАМ да знае дека и ние нешто знаеме. Анти-вулинизација е всушност процес на нормализација. Не ми е јасно зошто лидерот наместо форсирање на разни Вулини не експонира интелектуалци, нормални и паметни луѓе од неговите редови. На пример, Наташа Пешевска и Даниел Стојчевски. Не е доволно да бидете на извршна функција или професор во училиште. Потребно е делување, сега и веднаш. Куманово е град борец. Прва пушка. Можеби е време да започне анти Вулин борба за препород на Македонија. Стоп за Вулинизација!
П.С. На кумановски да даду два добронамерни савета за лидера на ЗНАМ. Немој више да правиш грешку како у подкаст Лазаров и спомнуеш Платона и Државу, пошто од авион се гледа дека не си гу видеја књигу, а не па прочитаја. Остани на научени текстови за Бугари, ДУИ и недефинирану будуќност. Друг савет е да не фрљаш паре за купување дипломе. Држи се до Натета и Даниела, пошто противник ов’ј пут не ти е Оливер Илиевски. Боби га води ВМРО, а не Бране. Такој да, не рачунај ни на гласови на ВМРО. Остануе ти само борба против вулинизацију на Куманово. Имаш време. Још не е касно.
Милош Стаменковиќ
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.