Кумановска гатанка. Кој е тоа? Попрво би се опишал како гробар, отколку како угостител или бизнисмен; би прочитал повеќе Алан Форд, отколку здодевна политичка анализа; би отстапил место на постар во автобус; би напишал долг пост за невоспитани (луѓе) кучиња; би останал анонимен во најголемите хуманитарни акции; би бил пресретлив ако ви треба услуга иако ја има чуено дури и песната „Ја ратујем сам“, од албумот на Рибља Чорба „Бувља пијаца“; ретко нормален кумановец со смисла за хумор а ла Рики Жервез, димп’л пинч неодолива насмевка и мајсторски синтагми во своите коментари – погодувате, Дамир Вујадиновиќ, бруклинец во Куманово, во нашите рубрики Азбука и Топ 5
Како голем љубител на Научна Фантастика, дали се работи за филм или
книги, сеедно, акцентот и во двата сегмента ке биде на овој жанр.
Книги
1. Дали Андроидите сонуваат за електрични овци? – Филип Дик
Научно фантастична новела на Филип Дик од 1968, инспирација за филмот “Блејд Ранер”. Во книгата приказната е сместена во пост-апокалиптично Сан Франциско, за разлика од Лос Анџелес во филмот. Главниот лик, Рик Декард, има задача да ги “пензионира” 6-те избегани Нексус 6 модели на репликанти, во главно со администрирање на Војд-Кемпф тестот кој што е наменет за искажување емоции, посебно емпатија, нешто за што не се способни Андроидите. Класик кој што секој љубител на жанрот мора да го прочита.
2. Дина – Френк Херберт
Една од најпознатите новели од жанрот, Дина, издадена во 1965, е епска приказна за млад наследник на Војводата Лето Астрид, шеф на куќата одговорна за планетата Аракис, дел од интер-галактичка феудална империја. Аракис, пустинска планета е од несекојдневна важност поради нејзин богат ресурс – психоделична дрога или често наречена “зачин’, која меѓу останати својства на подмладување и рекреативно користење служи и како компонента на интер-галактичко патување. Новелата служи како инспирација за екранизација на Дејвид Линч за неговот остварување од 1984, и најновиот обид на Денис Вилнев (Дина 1 и 2)
3. Баскеервилски Пес – Артур Конан Дојл
Еден од најдобрите (според мене) романи на Артур Конан Дојл, идејниот творец на легендарниот детектив од Лондонскиот Бејкер Стрит – Шерлок Холмс. Во романот, потикнати од приказната на хирургот Џејмс Мортимер за смртта на неговиот пријател Чарлс, Шерлок и Вотсон заминуваат во Девоншир на имотот на Баскервили, каде што Хуго Баскервил во 17-ти век наводно стана прва жртва на митското Баскервилско куче.
4. Дон Кихот – Мигел де Сервантес
Нема многу да зборувам за заплетот полн со згоди и незгоди на Дон Кихот, неговиот коњ Росинанте (име на бродот од “The Expanse” сега звучи познато, нели?) и Санчо Панса, верувам дека голем број на вашите почитувани читатели го прочитаа ова ремек-дело макар еднаш.
5. Злостор и Казна – Фјодор Достоевски
Слично како и за претходното дело, нема потреба многу да се елаборира околу приказната за пропаднатиот студент Родион Романович Раскољников, неговоте маки предизвикани од заложување на часовникот кај лихварката Алјона и субсеквентно нејзино убиство зачинето со убиството на нејзината сестра која се најде на погрешно место и погрешно време. 9 дена пред убиство, и 9 години после. Безвременски класик.
Филмови
1. Silence of the Lambs – Jonathan Demme (1991)
Екранизиран според новелата на Томас Херис, приказната ја прати младата студентка на ФБИ Академијата Кларис Стерлинг која што е назначена од својот шеф Џек Крофорд да го интервјуира поранешниот психијатар, сега канибалистички убиец Ханибал Лектор, за кој што смета дека има сознанија околу серијскиот убиец познат како “Бафало Бил”, кој што таргетира и убива жени со ултимативно дерење на нивната кожа. Улогите на Стерлинг и Ханибал Лектор феноменално ги толкуваат Џоди Фостер и Ентони Хопкинс.
2. Apocalypse Now – Francis Ford Coppola (1979)
Ремек делото на Копола со свој реалистичен пристап на Виетнамската Војна ни донесе приказна за Капетанот Вилард (Мартин Шин) на кој што му е доверена задача да го терминира командирањето со Специјалните сили на Полковникот Курц (Марлонг Брандо), кој што без дозвола и контрола се бори со Црвените Хмери, припадници на Виет Конг,и Виетнамските сили. Снимањето на филмот го одбележаа низа инциденти, меѓу кои хајлајт сигурно е срцевиот удар и влошена ментална состојба на Мартин Шин, проблемите меѓу Денис Хопер и Марлон Брандо кои што кулминираа до таа мерка глумците да не се појавуваат на ист сет истиот ден. Исто така и лоши временски услови во добар дел го попречија нормалното снимање на филмот. Но, крајниот резултат е феноменален, сцената кога ликот кој што го глуми Денис Хопер пушта “Ride of the Valkyries” од Рихард Вагнер пред напад со хеликоптерите на Виетнамско село, е сигурно една од најиконичните сцени во модерната кинематографија во последните 100 години. Филмот е секако еден од најдобрите во историјата, особено кога е класифициран со воена тематика.
3. Аlien – Ridley Scott (1979)
Нема многу да зборувам за филмов, мислам дека сите љубители на жанрот го гледаа, по неколку пати. Филмот е секако еден од највлијателните на сите времиња, инспирација за еден куп последователни филмови со истава тематика, дури и кросовер со една друга франшиза, но за тоа некој друг пат.
4. No Country for Old Men – The Coen Brothers (2007)
Филмот инспириран од истоимена новела на Cormac McCarthy, и е всушност класичен филм на браќата Коен, во овој случај еден вид на суб-жанр на Нео-Ноар – Нео-Вестерн. Во филмот приказната се врти околу три лика, ловџијата Llewelyn Moss (Josh Brolin) кој што ни крив ни дужен наоѓа два милиони долари и дрога во дил кој што е отиден во погрешен правец, професионален убиец Anton Chigurh (Javier Bardem) и шериф веќе во позни години Ed Bell (Tommy Lee Jones). Филмот изобилува со насилство, особено се истакнува ликот на Хавиер Бардем, убиец-психопат кој што за улогата сосема заслужено доби и Оскар 2008 година.
5. Carlito’s Way – Brian De Palma (1993)
Ете, јас од сите култни класици, Кум трилогијата, Скарфејс, Гудфелас, Хит (Жештина), Бронкс Тејл, 10 од 10 пати би го избрал Патот на Карлито (Бриганте). Неверојатно стилски снимен трилер, Ал Пачино го презема екранот од првите сцени на враќање после 5 годишен затвор во неговиот дел од Њу Јорк, преку превземање на клубот, првиот контакт со Бени Бланко, па се до последниот здив по предавство од страна на Пачанга. Шон Пен исто така беше феноменален во улога на адвокатот на Карлито Дејвид Клајнфилд.
Песни
1. Manic Street Preachers – Motorcycle Emptiness (1992)
Од деби албумот на Велшкиот бенд “Generation Terrorists”, песната е инспирирана од во одредена мерка од бајкер генг културата, модерниот конзумеризам, индивидуализмот, материјализмот наспрам креативноста, слободниот дух, социјализација.
2. Love Will Tear Us Apart – Joy Division (1980)
Не треба многу да се збори за песнава, толко многу релеватни луѓе од областа на музичката култура дале свој суд, за мене, ова е химна, на мој живот, на моето постоење, личноста. Без обзир на тоа дали ке се врзете за текстот на песнава, текстот кој што веќе болниот од епилепсија Иан Кертис го напишал за брачните тешкотии со својата сопруга, музички и текстуално, ова е најблиско нешто до совршенство, со сите свои врлини и мани, но чистата, сировата емоција е тука, за сите можни времиња!
3. Radiohead – Karma Police (2007)
Многу тешко е да се избере фаворит од еден од најдобрите албуму на сите времиња, “Ok Computer”. Кога имате толку силен “album opener” со Airbag, се останато ѕнаете дека ке биде сув квалитет. Продуцент на албумот е Nigel Godrich, кој што работеше на проекти со R.E.M, Air, Travis, Beck, итн. Зошто баш Karma Police? Веројатно поради различни толкувања на песната.
4. Jeff Buckley – Grace (1994)
Џеф, син на легендарниот Тим Бакли, беше веќе познат музичар и имаше солиден број на фанови и пред да го издаде синглов од истоимениот албум. Неговиот глас беше импозантен, во ранг на тенор, и со својот Фендер Телекастер набрзо по издавање на албумот стана култна фигура на новиот талас музичари низ целиот свет. Но неговиот живот згасна прерано како и на неговиот татко, влегувајки во водите на Мисисипи во близина на Мемфис потполно облечен. Реморкер поминувајки во неговата близина направил таласи кои го голтнале Бакли и го одвлекле на дно на речното корито.
5. Made of Stone – The Stone Roses (1989)
Сега може пак да се постави прашање зошто баш оваа песна од цел албум, проткаен со неверојатни траки, незаборавно деби на момците од Манчестер. Веројатно поради повторно тематиката на песнава која е толку отворена за интерпретација, но веројатно и заради легендарниот неуспешен прв настап на бендот на Националната ТВ (БиБиСи) кога по една минута им снемува струја во студиото, и остана вклучен само микрофонот на Иан Браун, кој што не ја штедеше телевизијата од критики пред демонстративно да замине од студиото