Почетна МОЈАТА АЗБУКА МОЈАТА АЗБУКА Со Дамир Вујадиновиќ

МОЈАТА АЗБУКА Со Дамир Вујадиновиќ

Кумановска гатанка. Кој е тоа? Попрво би се опишал како гробар, отколку како угостител или бизнисмен; би прочитал повеќе Алан Форд, отколку здодевна политичка анализа; би отстапил место на постар во автобус; би напишал долг пост за невоспитани (луѓе) кучиња; би останал анонимен во најголемите хуманитарни акции; би бил пресретлив ако ви треба услуга иако ја има чуено дури и песната „Ја ратујем сам“, од албумот на Рибља Чорба „Бувља пијаца“; ретко нормален кумановец со смисла за хумор а ла Рики Жервез, димп’л пинч неодолива насмевка и мајсторски синтагми во своите коментари – погодувате, Дамир Вујадиновиќ, бруклинец во Куманово, во нашите рубрики Азбука и Топ 5

А

Агора – Свратилиште на рок енд рол, алтернативци, металци и остали тресоглавци отворен од Зајко и Срки пред скоро 30 годинни во срцето на “Гарнизон”. Лаваца еспресо се поштуе и ден денес.

Б

Боб Рок – Роберт (Боб) Рок, син на Ебенизер, брат на Тим, Том и Тумб. Таен агент на ТНТ. Лик кој што ке каже “Смири се Грунфе, њих је двојица, а ми смо сами!Не улази у борбу у којој си бројчано надјачан!”, не може да биде ништо друго него – легендиште!

Luxury Catering Service

В

Вокри,Фадиљ – легендарниот напаѓач на ФК Партизан и Приштина. Робустен играч,се знаеше со топката,шутираше со двете нозе, комплетен фудбалер. За жал во Партизан не остави подлабока трага,само 1 куп и една длабока траума од двомечот со Фљамуртари.

Г

Гордана – мојата сопруга. Само она можеше да ме истрпи сите овие години, и кога бев на врвот, и кога бев на дното, во торнадо, или олуја, таа беше мој светионик, и за тоа од мене секогаш ке ја има мојата љубов и почит.

Д

Денис – мојот брат. Толку различен карактер, а толку сме слични, и двајцата љубители на спорт, рок енд ролот, Научна Фантастика. Човекот на изглед повлечен, дистанциран, но доколку поведеш разговор со него на некоја интересна тема, секогаш изненадува со исцрпно знаење од сите аспекти.

Ѓ

Ѓекановски, Дариуш – Легендарниот Полски напаѓач на Легија Варшава. Го памтиме ние постарите фанови од двомечот Селтик – Партизан кога во реваншот (5:4) постигна 4 гола, но Партизан отиде понатаму поради 4-те гола постигнати на гостински терен.

Е

Еликсир – Често се прашував после бурно проведени ноќи каде е чаробниот Еликсир кога ти треба? Не ти е битно во тој момент да се погоди еликсирот за да живееш вечно, или да останеш вечно млад, само да ти помине главоболка!

Ж

Жабокречина – Ова во што ние сите колективно се ваљаме 30-тина година наназад, тешко дека може поинаку да се опише.

З

Закон – Што да кажеш за општество каде што за човек во суперлативи ке се збори “Закон си човече!”? И тоа кога ке подразмислиш подобро, има многу симболика кај нас. Некои луѓе, се над законот. Се е работа на толкување. Но едно е сигурно, кај нас само обичен смртник, како мене, може да сноси и одговорност!

И

Исак Њутн – Познати се неговите закони за инерција, движење, акција – реакција, сите се во принцип засновани на дејство на сила. Но каква сила може да ги промени навиките на класичниот Кумановец? Да речеме, да престане да пљука по улица? (најлоша навика, верувам дека градов е најиспљукано место у галактички систем по метар квадратен!) Да фрла ѓубре во контејнер? Да застане на црвено? Да пропушти пешак на пешачки? Да не ти паркира во дворот, демек за две минути? Да поштуе персонален простор кога се чека во редица? Да чека во редица? Да не фрла фотељи,
телевизори, машини за садови во река? И така можам до сабајле.

Ј

Јутјуб – Јутјуб е сине најдобриот изум на човештвото по аналогниот телефон, тв, и радио станици. (малку сарказам не е на одмет) Тука може човек да слушне и види милијарда глупарии, но може случајно да наиде на Planet Caravan од Black Sabbath, Little Wing на Jimmy Hendrix, или Please Tell Mother од The Telescopes, и да најде некој нов музички жанр што досега не знаел дека постои. А може и да гледа клипови од Бака Прасе. Изборот е твој.

К

Командант Марк, Блаф, Жалосна Сова и Флок!

Л

Левис 501 – Статусен симбол на класичен Кумановец во касни 80-ти и почеток на 90-ти години од минатиот век. Доколку култните фармерки се искомбинирани со популарните “стартки”, и Левис тексас палто, тоа беше нашиот одговор на напливот на “Дизелашка” култура од северот.

Љ

Љубица – мојата мајка. Мојот столб, стабилизатор, катализатор, ментор, од новороденче до ден денес.

М

Миа и Милош. Моите деца, моја гордост, минато, сегашност, и иднина! Ништо друго не е битно, тие од прв момент кога ги здогледав, ми дадоа сврха и цел во животот.

Н

НЛО – Неидентификуван Летачки Објект. Кај нас, може да биде се и сешто. Да речеме, во Куманово е најнормално човек да отвори прозорец и да фрли ѓубре на улица. Имаш среќа да речеме ако те мавне некој со пикавец, или изгрицкана семка сончоглед.

Њ

Њу Стори Кафе Бар – Касапски Круг, Куманово. Власник – Аце Русевски. Крај приче.

O

Orange Crush – Песна од бендот R.E.M. Сингл од шестиот албум на бендот, прв снимен за голема продукцијска куќа “Warner Bros”. Препознатлива еволуција на звукот на дотогашните фан фаворити на независната сцена. Песнава е инспирирана од “Agent Orange”, хемикалија користена во Виетнамската војна од Американските трупи.

П

Партизан – како дијагноза. Навистина, после се што имаме пројдено ние Гробари децении наназад, да се биде навивач на Партизан не е состојба на умот, туку дијагноза! Детачирани од реалноста,  црни овци на општеството, секогаш на тапет на естаблишментот! Гробар требаше да биде навреда од навивачите на еден друг клуб, но ние сме поносни на се што претставува Партизан од своето основање до денес. Авангарда!

Р

Рамоунс – бенд од Њу Јорк. Кога некој би ми поставил тешко прашање за тоа кој според мене е највлијателниот бенд на сите времиња, веројатно би се одлучил за нив, не затоа што беа некакви врвни музичари, напротив, нивната имперфекција во секој поглед беше толку заразна што луѓето 22 години нон-стоп беа на некакви турнеји, и притоа одржаа 2263 концерти.

С

Саманта Фокс. Ако некој ви каже дека 1986 година кога искочи Саманта со хитот “Touch Me” не му била секс-симбол, не знае да лаже!

T

Тенис. Веројатно најголемо тениско ривалство во историјата ке остане запишано она меѓу Новак и Рафаел. 59 меча тешко дека во нашиот век ќе имаме можност да сведочиме на било кое друго ривалство во следниве 100 години. Но дали тоа беа и најдобрите мечеви што сум ги гледал, и со додаток на неизбежниот виртуоз Федерер? Секако дека не. Оној што ги гледал ривалствата меѓу Агаси и Сампрас, па можеби Лендл и Мекинро, знае за што зборам.

Ќ

Ќускија – мултифунционален железен лост. Во широка употреба служи и како мерна единица за глупост. Од 1 до глуп како Ќускија!

У

Улага Примож – ски скокови. Во тим со Матјаж Дебелак, Миран Тепеш и Матјаж Зупан изборија сребро во Калгари 1988 година. Ке паметам додека сум жив.

Ф

Фикус – растение. Фикус или кодно име “Бенџамин” имаше буквално секое семејство во својот дом во Куманово пред 30-тина години. Се можеше да спомнеш, но дека не чини нечиј фикус, беше строго забрането, навредливо до коска!

Х

Харисон Форд. Не треба некоје посебно представување за него. “Star Wars”, “Blade Runner”, “Indiana Jones”. Жива легенда.

Ц

Цевка – легендарен кондуктер на Пролетер автобусите на релација Скопје – Куманово.

Ч

Чудесен Свет – Архангел. Што ли им текнало на Ристо и бендот да направат обработка (во нивен стил) на “лимунатката” на Black “Wonderful Life”, ке остане секогаш мистерија за мене?! Сепак, останува “Архангел 2” како еден од најдобрите албуми на еден наш бенд на сите времиња!

Џ

Џоди Фостер – Актерка. Моментално повторно не воодушевува со својотa улога во 4-тата сезона на Тrue Detective – Night Country. Лиз Денверс (Фостер) и Трупер Евенџелин Наваро (Кали Рејс) имаат фантастична синергија во серијата, но Џоди сепак да направам паралела со добар плејмејкер во кошарка, ги прави сите уште подобри со својата брилијатност!

Ш

Шарлатани – Псеудо-Научници, Псеудо-Исцелители, Псеудо-Доктори, Псеудо-Политичари. Еден куп Шарлатани се изнакотија последниве години. Се разбираат во се по дифолт, во нуклерна медицина, квантна механика, руско-украински сукоб, крипто валути, матични клетки, италијанска серија Ц, њујоршка берза.