Почетна Спорт НАПРЕД НАШИ! И БЕЗ ВАР СЕ ГЛЕДА УСПЕХОТ НА КУМАНОВСКИОТ ФУДБАЛ ВО...

НАПРЕД НАШИ! И БЕЗ ВАР СЕ ГЛЕДА УСПЕХОТ НА КУМАНОВСКИОТ ФУДБАЛ ВО 70-ТИТЕ ГОДИНИ ОД МИНАТИОТ ВЕК!

Во својата богата, стогодишна фудбалска историја  (1924 – 2024),  фудбалскиот клуб Куманово имал безброј падови и успони, но сепак според постигнатите резултати и успеси се чини дека годините од седмата декада од минатиот век (1970 – 1980) се сметаат за едни од најуспешните во фудбалската историја на клубот.

Имено, во почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, благодарение  на ФК Куманово во градот завладеа вистинска фудбалска грозница поради која што едноставно фудбалот, како што многумина луѓе ширум светот отсекогаш го сметале за најубава или најдобра споредна работа на светот, и во Куманово преку ноќ стана тема број еден и главна преокупација меѓу жителите на градот.

Секако во прв план и на прво место како најголем успех во историјата на клубот е влегувањето на ФК Куманово во тогашната Втора сојузна лига – Источна група, во нашата поранешна држава, СФРЈугославија, што се случи во 1971 година кога екипата на ФК Куманово во дербито на  годината на домашен терен ја совлада екипата на „Пелистер“ од Битола со 2:0 и тоа пред 5-6.000 гледачи, а веројатно и повеќе,испишувајќи ја тој ден фудбалската историја на клубот и на градот Куманово.

Luxury Catering Service

Тој ден за жителите на градот беше вистински фудбалски празник, а на радоста и на еуфоријата кај домашните навивачи и љубители на фудбалот им немаше крај. За време и по завршувањето на натпреварот,над стадионот и над градот постојано леташе авион и со транспарент, испишан на платно, информираше за резултатот и за победата на ФК Куманово, а на стадионот за време на натпреварот и еден страствен навивач на Куманово тој ден како младоженец од семејна веселба пристигне со комплетна музика, составена од десетина трубачи што кај многубројната публика предизвика вистинска еуфорија и воодушевување. По завршување на натпреварот славјето продолжи низ улиците и на градскиот плоштад, каде што најверните навивачи на клубот на раце го носеа во тој момент најзаслужниот човек во клубот, тренерот Александар Петаковиќ.

Во тоа време ФК КУманово исто така постигна голем успех кога во пријателски фудбалски натпревар пред своите гледачи и пред преполниот градски стадион ја победи белградска Црвена Звезда со 2 : 1, која во тоа време беше шампион во Првата сојузна фудбалска лига на Југославија, a овојголем  успех го сврте вниманието дури и на целата фудбалска јавност во тогашната држава и истиот беше објавен во сите најголеми и најчитани југословенски спортски весници.

Тогаш ФК Куманово ги имаше и едни од најдобрите подмладоци во својата фудбалска историја, инаку составен од многу талентирани фудбалери, за кои што, за жал, тогашниот стручен штаб и тогашната управана клубот немаа доволно доблест и слух за да им пружат вистинска шанса како би можеле во иднина да заиграат и за првата сениорска екипа.

Дека тогаш фудбалот во Куманово беше спорт број едени дека во градот владееше вистинска фудбалска треска говори и податокот за уште едно гостување на екипата  на Црвена Звезда од Белград, но овој пат во спортската сала во Куманово, каде што одигра пријателски натпревар во малфудбал со, во тоа време, нашата најдобра екипа, ФК Тони, а спорската сала беше премногу мала да ги прими сите оние кои сакаа да го гледаат тој натпревар.

Во таа декада од 70 – тите години од минатиот век кога фудбалот во градот и воопшто во државата беше во вистинска експанзија, во Куманово покрај силната општинска лига постоеја и неколку екипи кои штосе натпреваруваа во вардарскиот регион, по ранг на Втора македонска лига. Во таа лига  се натпреваруваа екипите на ФК Чик, ФК Димче Еребица, ФК ГП козјак, ФК Искра и ФК ЗИК, а од сите нив како најдобра и најквалитетна екипа беше екипата на ФК Чик, предводена од тренерот Мите Атанасовски,екипа засилена со неколку квалитетни и искусни поранешни фудбалери на ФК Куманово и составена исклучиво од домашни кумановски фудбалери со цел да избори пласаман во тогашната Прва фудбалска лига на Македонијаоваа екипа . И покрај тоа што екипата имаше силен и квалитетен состав, на крајот сепак, поради низа несфатливи,субјективни причини, за жал не успеа да обезбеди пласман во повисок ранг.

За тоа време неправедно би било да не се спомене и огромниот интерес на кумановските љубители на фудбалот за турнирите во мал фудбал, пред сé, на таканаречените Работнички спортски игри, но секако и на останатите силни и многу квалитени турнири што се одржуваа на игралиштето во Соколана, секогаш пред преполни трибини.

И на крајот, како резултат на една лоша фудбалска политика од страна на управата на клубот со ангажирањет на голем број на фудбалери  од страна и тоа баш од периодот од 70 – тите години од минатиот век кога беа запоставени и уништени безброј млади, талентирани и квалитетни фудбалери од градот и од неговата околина, во кумановскиот фудбал  ( се мисли на ФК Куманово) настана една голема и долга криза, за која слободно може да се каже дека трае и ден денеска. Неа во моментот се обидува колку-толку да ја ублажи екипата на ГФК Куманово, која се натпреварува во Третата фудбалска лига, но која што своите натпревари наместо во Куманово како домаќин, ги игра во с. Доброшане.

Ајде, барем сме махери секогаш да бидеме во офсајд и да си даваме автоголови.

А, немаме средства ни да купиме ВАР техника, барем да видиме кој тоа со години не бил во право за развојот на кумановскиот фудбал.

Т.Д.