Мистериозни приказни за скриени богатства, подземни премини и подводни соби, низ клисурите и опустошените предели од варварските народи, низ цркви, мостови, пештери, преку седум ридови и седум долини, нека ве води угледниот археолог, Дејан Ѓорѓиевски, со своите живописни писанија, само на Плоштад.
2. Палатата на античките кралеви од Нагоричане
Во екот на општонародното исмевање на т.н. „антиквизација“ и започнувањето на процесот на (само)негирање на националниот идентитет, започна да се истражува една скоро непозната населба, која, доколку беше многу порано проучена, можеби ќе ни ги отвореше очите за поинакво сфаќање на античката македонска цивилизација и нашите корени.
Над тивките житни полиња меѓу реката Пчиња и асфалтниот пат кон Бајловце, веднаш после исклучувањето од патот кон Бугарија, гордо стои ридот Градиште. Иако областа ја викаат Макрешки штали, катастарски, таа припаѓа на Младо Нагоричане. Денес, оваа тишина што природата со сета своја раскош тука ви ја нуди, единствено ја нарушуваат стадата овци и археолозите. Но, до пред некоја деценија не било така – случајно или не, вежбите на ЈНА биле токму овде и сериозно го оштетиле ридот, а подоцна, додека билa експлоатиранa за вадење камен, добар дел од северозападната тераса неповратно е уништена.
Како и да е, на овој рид, во немирните времиња настанати поради освојувањата на Александар Велики, а особено по неговата смрт и акумулирањето на големи богатства од страна на неговите соборци (4-3 в. пр.н.е), се развила населба која, на некој начин ја смени сликата за вклученоста на овие подрачја во цивилизациските текови во хеленистичкиот период (хеленистички е различно од хеленски; се работи за научен, хронолошки поим воведен пред повеќе од еден век и се однесува на ширењето на хеленската култура на деловите што не биле населени со Хелени).
Населбата е поделена на три тераси – највисоката (Акропола); средна, и долна – западна тераса. Целиот рид бил заштитен со голем бедем, а пред ридот се наоѓал ров. Но, бедем постоел и внатре, во самата населба. Внатрешниот бедем го опколувал само акрополниот дел, и ги штител само оние кои живееле таму. Тоа јасно укажува на поделеноста на луѓето, и аристократскиот статус на жителите од Акрополата. А таму, на Акрополата, тимот од Институот за археологија и Музеј Куманово, пронајдоа остатоци од огромна градба, со монументален влез, отворено двориште и простории групирани до него. Димензиите и планот на градбата, укажуваат дека наликува на аристократските куќи и палати на античките Македонци.
Истражувајќи ја нашата палата, наидовме на артефакти кои, на некој начин, ја менуваат официјалната историја за овие простори. Имено, на некои од сочуваните ѕидови, пронајдени беа остатоци од боен малтер, со имитација на штуко, во повеќе бои, скоро 200 год., пред Римјаните „официјално“ да ни го донесат боениот малтер. И, за големо изненадување, со исти бои кои имитираат ѕидарија како во најлуксузните куќи во градските центри на античкото македонско кралство. Понатаму, повеќе сочувани капители и бази од јонскиот ред на грчката архитектура беа најдени покрај тремот кој го следи одводниот канал на градбата, и кои, за сега, се единствени во овој дел на Балканот. Каналот пак, покажува дека градителот имал големи познавања за системот на собирање и одвод на вода, скоро исти како оние од родното место на Александар Македонски – во Пела.
Освен што сакал ѕидовите и столбовите да му бидат слични како градбите во Пела, оној кој живеел во оваа палата, бил добро запознаен и со луксузот на живеењето во античка Македонија. Па така, голем број на луксузни садови (дел од нив бронзени), од античките керамички центри биле купени и донесени тука. Овој локален владетел, сакал и да пие вино, но не од нагоричките насади, туку си нарачувал дури од островот Тасос – пронајдовме рачка од амфора (голем сад за транспорт на вино) со печат од Тасос и името на магистратот Мегаклеидес кој живеел на островот кон крајот на 4 в. пр.н.е. За сега, ова е најстар артефакт во регионот, на кој има пронајдено писмо. Ѕидовите на палатата сведочат дека била користена подолго време, со разни преправки и доправки, при тоа паралелно користејќи ги и постарите простории. Последните преправки биле направени некаде на крај на 4 и почетокот на 3 в. пр.н.е, кога бил додаден и влез со атриум, како и дрвени врата украсени со бронзени кружни аплики.
Токму овие аплики, повторно ја поврзаа градбата со античките македонски благородници – исти такви ги красат камените врати на гробницата во Агиа Параскеви и тумулот во Лангаза (двете во Егејска Македонија), а се регистрирани и во ископувањата на куќите во Вергина, Пела и Олинт.
Имаме индикации и дека на едниот агол од палатата постоела и кула, слично како палатата на Филип V во Деметриас. Освен керамичките наоди и деловите од архитектурата, за датирањето ни помогнаа и наодите на монети. Во самата палата беа пронајдени монети од македонскиот крал Деметриј, а поголемо депо со монети на неговиот современик – пајонскиот крал Аудолеон, се пронајдени надвор од палатата, а датирани се од почетокот на 3 век пр.н.е. На повеќе локации увидовме дека палатата настрадала во пожар, но, за жал, не знаеме точно во кој период. Дали тоа се случило во келтските грабежи или нешто подоцна, во екот на македонско – дарданските војни, се уште не сме сосема сигурни.
Во секој случај, откривањето на оваа градба ги изненади сите кои се занимаваат со историјата и археологијата. Публикувањето на откритијата од светиниколското село Кнежје и Отовичкото Теќе над езерото Младост, ги поткрепија нашите тврдења дека и овој дел од Балканот бил целосно вклучен во големите цивилизациски достигнувања кои настапиле по смртта на големиот крал Александар Македонски. Останува уште многу да се работи – да се доистражи палатата, но и другите делови од населбата, за да се согледа во целост културата која што таму се развивала. Локацијата на некрополата, исто така, е енигма која чека да биде решена… До тогаш, останува да се восхитуваме на убавината на наодите пронајдени во палатата од ридот Градиште – Младо Нагоричане, изложени на постојаната поставка во Музеј Куманово.
Дејан Ѓорѓиевски, археолог