Актуелниот директор на Фондацијата за спорт и култура, младиот, како самиот се нарекува исполнител на комерцијална музика, а не естраден уметник, Марио Арангеловски, за нашата рубрика Топ 5 смета дека е своевидно лажно претставување оти неговите сограѓани го пишуваат она што мислат дека читателите го очекуваат од нив. Затоа, тој самиот се потрудил да биде оригинален и да се претстави во вистинското светло. Во „Мојата азбука“ од А до Ш го има совладано сензибилитетот на една јавна личност.
Мојата азбука веднаш ме потсети на убавите времиња, од пред скоро 15 години, кога почна да се емитува македонскиот „Идол“, прво и последно издание, за жал. Таму се појави еден наш сограѓанин и мој тогашен “колега” кој остави сериозен белег во тоа шоу. По експанзијата на социјалните мрежи, кумановската азбука, како тој милуваше да ја нарече, беше вистински хит. А – авион, Б – балон, В – вагон, Г – грамофон… и така натаму. Но, 15 години подоцна, дојде редот и јас со јавноста да ја споделам мојата азбука. На секоја буква ќе напишам по еден збор, што ќе ми падне на памет, без да барам логика. Доколку постои објаснување, ќе се надоврзам.
А
АВИОН, како мое омилено превозно средатво. На моја среќа, со авион сум летал само за убави работи. А, патувањата се моја пасија и нешто што сакам сосема суптилно да го правам до крајот на животот.
Б
БАБА, мојата втора мајка, мојата Ратче. Неодамна ми почина, но, остави траен белег на мене, моето детство, спомените. Во секоја можна прилика ќе ја спомнувам и ќе се сеќавам на неа. Се плашам да не ѝ го заборавам гласот, ликот, допирот… оти се уште не можам во целост да ја прифатам вистината дека таа веќе не постои во физичка форма.
В
ВОРТЕКС. Кој знае што тоа значи, објаснување не му ни треба. Кој не знае, можеби и не е паметно прво од мене да го слушне тој термин, затоа што контекстот не ми дозволува да бидам опширен, а, ако се скратам, ќе звучи “пластични”.
Г
ГЛАВА, како метафора за нејзината внатрешност и “место” од каде што извира суштината на сé она што го сведочиме.
Д
ДАНИЕЛА. Името на мајка ми. Зарем тоа не е доволно!?
Ѓ
ЃОРЃЕ ДАВИД, како еден од моите омилени луѓе кои ми жирираа додека учествував во “Ѕвездите на Гранд”.
Е
ЕЛКА, како атракција во главниот град за време на новогодишните празници.
Ж
ЖЕНА, симбол за моќ и честа муза.
З
ЗДРАВЈЕ, како најголем благослов што природно ни припаѓа.
Ѕ
ЅВОНЧЕ, како најочекуваниот момент за време на училишните денови.
И
ИГРА, како нешто по што ќе го паметам моето детство. Имено, јас сум од последните генерации кои израснаа на улица, во најубавата смисла на зборот.
Ј
ЈАЈЦЕ, како мој редовен појадок, додека сум на режим и работам на себе.
К
КАРОЛИНА ГОЧЕВА, како пример за вистинско “македонско девојче”.
Л
ЛЕБ, како нешто што се подразбира, а, некому е луксуз, за жал.
Љ
ЉУБОВ. Што друго на “Љ” ако не љубов, како двигател на апсолутно секое поле.
М
МАРИО, мило ми е.
Н
НОСТАЛГИЈА, нешто со што сé почесто се соочувам, како поминуваат годините.
Њ
ЊУЈОРК, како град на можностите, град во кој што си ветив дека ќе стапнам до мојата 30-та година. Имам фора уште две години, упс.
O
ОТОРИНОЛАРИНГОЛОГИЈА, како термин кој често се користи во друштвени игри од типот на “асоцијација”, од причина што не секој со леснотија може да го изговори.
П
ПРОЦЕС, како составен дел при реализација на секој еден проект, цел, работа.
Р
РАДОСТ, како најубавото чувство на светот.
С
СРЕЌА, како право на избор.
T
ТАТКО, како исклучително значајна фигура при раст и развој на секое дете.
Ќ
Како ЌЕБЕ. Составен дел од удобноста во текот на зимата.
У
УВО, како една од основните “алатки” кои ми овозможуваат да го работам она што најмногу го сакам – музиката.
Ф
ФИЛМ, како средство за едукација, социјализација, забава
Х
ХРАМ
Ц
ЦВЕТ, како симбол за живот.
Ч
ЧОВЕК
Џ
ЏОКЕР, “у рукаву”, што би кажала Цеца, хаха.
Ш
ШАХ, како друштвена игра или спорт, кој никогаш не ми делуваше доволно примамливо за да му покажам некаков интерес.