1. Се чини дека ВМРО ДПМНЕ ги „збива“ своите редови во Куманово, дека се надминати некогашните дилеми околу несогласувањата во раководството откако сте во опозиција. Кумановци сметаат дека во голема мера сте лично Вие заслужен за тоа. Дали се во право Вашите сограѓани?
Ако ова е Ваша констатација како констатација на поединец или медиум, Ви благодарам на истата. Доколку е, пак, перцепција на нашите сограѓани, како што велите, тогаш целиот тим околу мене, не само јас, сме на добар пат во остварувањето на еден од приоритетните цели што беа наведени во предлог-програмата со која се кандидирав за претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, а тоа е сплотено и конкурентно ВМРО ДПМНЕ на политичката сцена во Куманово после некое време. Лично сум убеден дека поединец може само да се обиде да чекори и да се бори за да стигне до одредена цел, но тимот е тој кој стига до целта. Затоа, првенствено, огромно благодарам до целиот ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, до секој член и активист поединечно, затоа што ако Куманово сега го перцепира кумановското ВМРО-ДПМНЕ сплотено и силно, тоа е резултат на заеднички труд и залагање на сите во партијата.
2. Дали кандидатурата за претседател на државата од страна на градоначалникот Димитриевски ве изненади во партијата и како ја коментирате неговата изјава дека ВМРО нема да победи, а СДСМ ќе изгуби?
Моменталната ситуација на политичката сцена во Македонија, огромната убедлива поддршка што ВМРО-ДПМНЕ ја има од граѓаните е доволен одговор на ова прашање. Или да бидам појасен, ВМРО-ДПМНЕ е толку силна и сплотена организација, со детектирани и анализирани можни потези во однос на секој политички субјект во Македонија, што не може ништо да ја изненади, а камоли една легитимна кандидатура на еден нов политички субјект во Македонија, претставуван од Димитриевски. Во врска со неговата изјава, во едно сум убеден, а длабоко верувам дека и самиот Димитриевски знае дека изјавата само 50% му е точна и тоа во делот кој се однесува дека СДС ќе изгуби, а кој дел јас со гаранција го надополнувам дека ќе изгуби историски гледано, епски катастрофално.Тој пораз ќе биде запаметен во аналите на парламентаризмот во Македонија, дотолку повеќе што поразот ќе ѝ се случи на партија која во моментот е владеачка. Во делот, пак, на изјавата каде што вели дека ВМРО нема да победи, како искусен политичар, претпоставувам дека свесно останал недоречен, односно свесно се изразил така и оставил простор да може по дознавањето на конечните резултати на претстојните претседателски и парламентарни избори повторно да може јавно да излезе и да ја продолжи изјавата со тоа што тогаш ќе може слободно да каже, а никој нема да може да му замери, дека не ја кажува вистината затоа што претходно останал недоречен со зборовите: – „ВМРО не победи, ВМРО заедно со народот испиша историја“.
3. Што, според Вас, треба круцијално да се промени за подостоинствен живот на Македонецот?
Првенствено треба со итно преземање на конкретни мерки, чекори и активности да му се врати надежта на Македонецот и довербата во институциите и државата. Тоа ќе биде процес кој изискува време, најверојатно во некој момент ќе нуди и непопуларни мерки што мора да бидат преземени за да истите после некое време како резултат дадат општо добро, широко за сите, но никако за поединци. Државата ќе мора да понуди и да гарантира во секој момент подеднакви можности за сите, на секое поле, без разлика на која партија или вера припаѓаат, базирано само на квалитет на поединецот, а никако на балансер. Нулта толеранција за корупцијата на сите нивоа по систем – кој се фати, веднаш да биде санкциониран без разлика „кој му е вујкото“, од која партија доаѓа или која националност е. За секого подеднаква можност, но и за секого заслужена одговорност во рамките на законот. Ако тргнеме вака, со вистински луѓе на вистински места, ако носиме системски, а претходно добро обмислени решенија каде што анализата преовладувала – имплементацијата ќе биде полесниот дел. Е, тогаш, СИТЕ НИЕ како лојални граѓани на Република Македонија ќе треба само да се однесуваме во рамките на системот, да го почитуваме законот и институциите како што ги почитуваме како кога сме во било која друга држава во Европа и бидете убедени, самите ќе придонесеме и ќе живееме подостинствено, а Европа ќе нè бара самата. Сето останато понатаму ќе се надградува и подобрува.
4. ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово е многу активна на терен. Отварате месни штабови, се спремате за избори, разговарате со своите сопартијци и граѓаните на Куманово. На што најмногу се жалат граѓаните на Куманово? Што најмногу ги боли?
Драго ми е што нашата активност на терен како ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово е забележана, но тоа не треба ништо да изненадува имајќи во предвид дека ВМРО – ДПМНЕ е најголемата и најдобро организирана политичка партија во Македонија. Да,отвораме местни штабови во сите делови на Куманово, во населбите и селата и истите се полни со луѓе, наши сограѓани кои безрезервно ни ја даваат својата поддршка затоа што сите се свесни дека само ВМРО-ДПМНЕ е спас од овој криминален и неспособен режим. Пред некој ден го отворивме и нашиот централен штаб со навистина, за Куманово спектакуларно отворање во присуство на над 1.000 наши сопартијци и подржувачи, но и луѓе кои за прв пат присуствувале на ваков настан затоа што сакаа да слушнат што има да каже идниот премиер на Македонија, нашиот претседател, проф. д-р Христијан Мицкоски. Апсолутно секој наш граѓанин е незадоволен од стандардот на живеење генерално, од немање сигурност и доверба во институциите, од неквалитетните услуги што истите (не)ги нудат, а задолжително мораат. Згрозени се што младите луѓе заминаа од Македонија, а најнов тренд сега е заминување на цели смејства на кои не им недостигаат финасии, семејства кои се добро ситуирани тука, но немаат доверба во институциите со кои раководат некадарни и корумпирани кадри на СДС и ДУИ, па заминуваат надвор барајќи само нормални услови за живот.
5. Во Вашите јавни настапи ниту еднаш се нема забележано таканаречениот говор на омраза кон опонентите. Дури, може да се забележи дека алудирате на едно христијанско единство, каде што способните, а не послушните, секогаш ќе го добијат вистинското место во раководењето низ институциите. Дали е тоа „новата, модерна, центристичка нормалност“?
Кој барем малку ме познава, ќе може да Ви потврди дека говорот на омраза за мене не е „алатка“ што ја користам кон политичките опоненти и сметам дека истата не треба да се користи не само во јавните настапи кај политичарите,туку и во секојднениот живот, на сите нивоа од општественото делување. Зошто? Затоа што сигурно тоа не е патот до изнаоѓање на било какво решение во било која ситуација. Напротив. Како Македонец кој верува во Бога, а е член на демо-христијанска партија, за мене е сосем нормално да алудирам пред сé на единство за кое јас честопати го претпочитам изразот „заедништво“ и да, тоа ми е едно од животните начела, не само во политиката. Oтсекогаш сум бил поборник за мерит системот, каде што најпрвин способноста и квалитетот на поединецот (а потоа и неговата волја и желба за работа) ќе биде единствен фактор што ќе одлучува дали некој треба да се најде на некоја, не само раководна позиција, туку било која позиција во институциите. Во една прилика, не толку одамна, на еден мој непосреден раководител, како потврда дека воопшто не ми е битно на која работна позиција ќе ме прераспореди, туку дека ми е битен квалитетот на сработеното, му одговорив: – (читај на кумановски) Врата да ме распоредите да отварам, најдобро ќе ги отварам. Мислам дека бев доволно јасен.
6. Дали повеќе верувате на максимата „историјата се повторува“ или на „историјата ја пишуваат победниците“? Кој ќе биде победникот во април и мај? Ве молиме, макар и поради политичка коректност, да не кажете дека граѓаните ќе победат. Тие, имено, историски, се најголемите губитници.
Апсолутен победник, со историски најголема победа откако се памети парламентаризмот во Македонија и во април и во мај ќе биде ВМРО-ДПМНЕ! За ова прашање не треба да се дискутира. Подобро ќе беше да прашавте колкава ќе биде победата на ВМРО-ДПМНЕ во април и во мај. Па, еве да одговориме и на тоа прашање – победата ќе биде поголема од двојно изразена во пратенички мандати, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат над 61 пратеник. Историјата нема да се повтори, затоа што ваква, пак ќе потенцирам, епска победа се нема случено никогаш досега, посебно таква победа да извојува партија, во случајов ВМРО-ДПМНЕ, од позиција на опозиција. Историјата, и тоа не таа толку далечна, покажала со факти дека не секогаш граѓаните се најголемите губитници, напротив изборот на граѓаните на регуларни демократски избори е избор на самите граѓани и тие после секои избори самите најдобро почувствувале дали изборот им бил правилен и добар. Е сега, прашање за милион долари е за кого и што е правилен избор затоа што постои избор за личен интерес, по цена на општото добро и обратно. Нè има и такви и такви. За жал. Затоа на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе промовира, а потоа ЌЕ МОРА ДА ПОКАЖЕ ДЕКА НЕ СЕ СИТЕ ИСТИ!
7. Постои ли законска основа да се ослободат „уставобранителите“ од зандани кога ВМРО ДПМНЕ би освоила мнозинство во Собранието?
Правник не сум, но едно знам. ВАЖНО Е дека на овие луѓе, апсолутно неправедно осудени, не им е потребно “ослободување”. Тие бараат праведно судење, бараат праведна процедура, правда бараат, а не нарачани од режимот судски пресуди кои ги добија и пред да започнат нивните судски процеси за да му бидат црн застрашувачки пример на народот македонски заради кој исплашен и со наведната глава го чекаше секое наредно државно предавство на владата предводена од СДС и ДУИ. Најмалку што може и мора, ВМРО-ДПМНЕ по победата во април и мај е да им овозможи фер судење затоа што сите знаат дека „уставобранителите“ се неправедно и наменски осудени.
8. Кое е најголемото ветување што сте го исполниле откако сте во раководната структура на партијата?
Единствено ветив дека ќе дадам сé од себе!
Р.П.