Почетна ИНТЕРВЈУ Франкенштајн коалицијата ЗНАМ & ДПМНЕ работи само за лични интереси

Франкенштајн коалицијата ЗНАМ & ДПМНЕ работи само за лични интереси

Финансискиот менаџер, Дарко Ристовски, работи вредно на изработка на изборната програма за СДСМ,политички идол му е Нелсон Мандела, а од прозорецот на својата канцеларија може да види до кај е реконструкцијата на малиот плоштад.
Дознајте и зошто ја користи синтагмата „за инат коалиција“, во интервјуто што го даде за Плоштад.

1. Што најмногу Ви користи во  политичката кариера од досегашното искуство како член на Извршниот одбор на општинската  организација на СДСМ од 2017 година? Имате ли впечаток дека оттогаш до сега драстично се променил електоратот во Вашиот роден град?

Полека, но сигурно,работите стануваат појасни на политичката сцена во нашиот град, за разлика од 2017 година. Се избиструваат работите и на виделина излегува фактот дека единствено СДСМ се стремат за подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и креирањето и оддржувањето на соживотот помеѓу сите етнички и верски заедници.

Luxury Catering Service

Впрочем, единствени социјалдемократи по убедување во нашата земја се само  СДСМ и само со нив е загарантирано чекорењето по европскиот пат. Од  друга страна, пак, имате франкенштајн коалиција на ДПМНЕ и ЗНАМ или „интерес коалиција“, коалиција што работи исклучиво за сопствени интереси и само со клиентелистички пристап.

2. Сте биле и заменик шеф на штабот на ОО СДСМ на локалните избори во 2022 година. Кои беа Вашите обврски и дали некогаш си рековте самиот на себеси: „што ми требаше ова во животот“?

За ништо во животот не се предомислувам, зашто сите мои одлуки пред да бидат донесени длабоко сум ги анализирал и процесуирал, за да на крај, сега, зад секоја конечна одлука гордо стојам и сум спремен да дебатирам и да ја бранам.

Свесно влегов во таа приказна бидејќи, пред сé, сакав граѓаните и град Куманово да изберат тим кој што навистина ќе го поведе Куманово кон  нешто помодерно и нешто со визија за поквалитетен живот, а не само асфалтирање и бекатонирање на мали, маалски улички и сé тоа поткрепено со енормен и гол популизам од страна на ИНТЕРЕС КОАЛИЦИЈАТА. И, да не заборавиме, на тие локални избори листата на СДСМ освои највеќе гласови.

3. Јавна тајна е дека сте директно вклучени во креирањето на политиките за економски раст и развој во СДСМ за претстојните парламентарни избори. Колку ќе биде таа минимална плата?

СДСМ работи на новата програма за изборите 2024-2028 година и јас сум само еден мал дел од сложувалката, од плејадата на познати професори и доктори на науки кои учествуваат во создавањето на програмата, во која имаме за цел да го подобриме животниот стандард на граѓаните и тие да ја почувствуваат благосостојбата и подобриот квалитет во својот живот сé до конечната цел – влез во ЕУ до 2030 година. Како една од мерките што ќе  биде вклучена во програмата е и ветувањето дека минималната плата во 2028 ќе изнесува над 600 евра, а просечната над 1.000 евра.

4. Дали навистина мислите дека за овие избори сеуште „пали“ вашата фамозна стратегија „од врата до врата“? Што најмногу ќе ги убедувате своите сограѓани, вон Вашата професија како финансиски експерт во менаџментот?

Стратегијата „врата до врата“ не е за да „пали“. Со неа се ослушнува гласот на граѓаните, а со одговорот, добиен од граѓаните при посета на нивните домови, понатаму да се процесуира, а добиените податоци, идеи и видувања подоцна да се инкорпорираат во самата предизборна програма на СДСМ. Во секојдневните разговори со граѓаните им укажувам на фактите дека во 2020 година се стекнавме со статус полноправна членка на НАТО, благодарение на владата предводена од СДСМ и добивме кандидатски статус во ЕУ. Токму врз база на тие остварени ветувања, порачувам дека Владата, која што ќе ја состави и предводи СДСМ до 2030 година ќе ја внесе државата како полноправна членка во ЕУ.

5. Која е рамката за креирање на само-одржлив еко-систем во Македонија, каде што не мора да зависиме од „туѓо“ влијание и буџет?

Во право сте дека во народот владее такво мислење дека дефицит во буџетот не е „добра работа“. Меѓутоа, за да една земја во пракса бележи раст пожелно е, а за економските експерти и нормално земјата да влегува во дефицит, односно да троши повеќе отколку што има. Тоа повеќе трошење доколку се реализира во разни инвестиции и во проекти од инфраструктура и во јавни добра ќе придонесе нашите компании и работниците кои работат на тие проекти да земаат повеќе пари, а со тоа и да ја зголемат нивната потрошувачка, бидејќи ако луѓето имаат повеќе пари ќе трошат повеќе и спирално тоа ќе доведе до зголемување на бруто домашниот производ, а со тоа и до зголемување на економскиот раст на државата. Здраво е една држава да е во дефицит, но парите за задолжување да се инвестираат разумно.

6. Што најмногу Ве фасцинира кај еден политички лидер, не нужно од Вашата партија?

Фасцинантни за мене се ликот и делото на Нелсон Мендела, за кој се вели  дека е еден од последните вистински херои и „претседател на светот“. Како човек од Југот на Африка, со својата харизма, шарм и сплет на околности стана икона и се втурна во борба против варваризмот како што е апартхејдот – институционализирани расни сегрегации во кои афро-американското население, иако заземало 70 проценти од вкупното  население, биле граѓани од втор ред во однос на привилегираното малцинство на белите Европејци. На Македонија ѝ е потребен еден Нелсон.

7. Кога последен пат сте влегле во сериозна дискусија на домашна седенка поради спротивставени политички ставови и како се „браните“ од сé почестите изјави дека СДСМ ќе изгуби?

Јас сум секогаш отворен за дебата каде што би ги аргументирал моите ставови и визијата на мојата партија. Но, не сум човек кој влегува во расправии и бесполезни дискусии, посебно ако на моја страна стојат фактите и реалните успеси што ги постигна СДСМ. Одговорот ќе е ист. Во секојдневните разговори со граѓаните им укажувам на фактите дека во 2020 благодарение на Владата предводена од СДСМ станавме полноправна членка на НАТО и добивме кандидатски статус во ЕУ и врз основа на тие остварени ветувања порачувам дека Владата која ќе ја состави и предводи СДСМ на претстојните парламентарни избори до 2030  година ќе ја внесе државата како полноправна членка во ЕУ.

8. Од прозорецот на Вашата канцеларија имате убав поглед кон плоштадот, односно кон секојдневните активности на терен, на кој се врши реконструкција на малиот плоштад. Каков впечаток стекнавте досега? Се работи ли квалитетно, ама споро или само се забрзуваат извесни пред/пост изборни ветувања?

Да, за поздравување е сé што ќе се направи во интерес на моите кумановчани. Меѓутоа, ме тангира тоа што во последните 6 години во Куманово се нема изградено ниту еден нов објект, катна гаража, ниту еден нов проект, туку само се санира и реновираат веќе изградените објекти и проекти, или што би кажале ми кумановци – цепај кошуљу, крпи гаќе. Непринципиелната коалиција на ДПМНЕ и ЗНАМ или, како што јас љубам да ја нарекувам ИНТЕРЕС КОАЛИЦИЈА или ЗА ИНАТ КОАЛИЦИЈА, во последните две и пол години го уназади квалитетот на животот и наместо Куманово да  заличува на европски град, ние сé повеќе личиме на Касаба, полни со смет и без визија за тоа како градот треба да ни изгледа и без да им се понуди на кумановчани поквалитетен социјален и културен живот. За 6 години ниту еден нов проект, што е срамно за општина како што е Куманово.

Р.П.