Успехот на Оливер Јовановски – Оки е преточен во бројки, иако тој не е економист. Бројките ги покажуваат извонредните резултати од неговата кариера во фудбалот и футсалот. Спортист и одгледувач на Кавкаски овчари, на прв поглед е неспоива приказна, но пасионираноста секогаш била исплатлива, во човечка, не економска смисла.
Можеби многумина читатели и љубители на фудбалот од нашиот град, но и пошироко, ќе бидат изненадени и со неверување ќе гледаат во насловот на текстот но зад името на Оливер Јовановски-Оки навистина стојат извонредни и големи резултати, а токму тоа е причината за овој епитет од насловот. Првите фудбалски чекори Оливер Јовановски Оки ги направил во далечната 1995 година, кога на својата 12 годишна возраст почнал да настапува за пионерската екипа на „ФК Куманово“ под водство на тренерот Томислав Андоновски Барац, за потоа како голем талент преку кадетската екипа почнал да напредува со голема брзина и стигнал до подмладокот каде што тренер му бил поранешниот познат и успешен кумановски фудбалер, Зоран Ристиќ.
Во тоа време, на 16 годишна возраст, поради својот голем фудбалски талент, бил прекомандуван во првата екипа на „ФК Куманово“, каде што тренер му бил еден од нашите најдобри кумановски фудбалери, Павле Георгиевски, кој долги години има настапувано за екипата на „ФК Вардар“, екипа која во тоа време се натпреваруваше во Првата сојузна лига на Југославија. Но, тој, со оглед на своите години, тогаш истовремено настапувал и за подмладокот со кој што во 2000-та година го постигнува својот најголем успех во неговата кариера, играјќи во финалето на Македонија против екипата на „Беласица“ во Струмица, каде што подмладокот на „ФК Куманово“ по нерешениот резултат во регуларниот тек од 1:1, го загубил натпреварот по изведување на пенали. По две години успешен настап за екипата на „ФК Куманово“, тој заминува во екипата на „ФК Силекс“ во Кратово, каде што поминува една фудбалска сезона за да потоа, почнувајќи од 2004 година дефинитивно го напушта големиот фудбал и започнува кариера во мал фудбал или таканаречен Футсал и тоа во екипата на „КФМ Куманово 1903“ каде што тренери му беа поранешните кумановски футбалери, Красе Димитриевски и Зоран Ристиќ.
Дури тогаш кога почнал да игра во Футсал лигата на Македонија, Оливер Јовановски Оки почнал да го покажува сиот свој раскошен талент и фудбалско знаење и со своите добри игри веднаш го привлекол вниманието на челните луѓе на Футсал репрезентацијата на Македонија поради што истата година (2004) го облекол и дресот со државниот грб, така што таа година го имал и своето деби за репрезентацијата на Македонија и тоа против репрезентацијата на Романија.
Од тој момент неговата фудбалска кариера почнала да се движи само во нагорна линија, а тој поради квалитетот што го поседува како фудбалер играл и за најдобрите македонски футсал клубови „КМФ Алфа Парф“ (2 год.) и „КМФ Железарец“ ( 6 год.) од Скопје и со овие две екипи станал и шампион на државата. Тој исто така има настапувано и 3-4 години во странство и тоа во црногорските клубови „КМФ Подгорица“ (2 год.) и „КМФ Никшиќ“ (1год.), како и во српскиот клуб „КМФ Врање“ (6 мес.). Најпосле, при крајот на својата кариера, една сезона има настапувано и за клубот „КМФ Скопје“. За Футсал репрезезентацијата на Македонија Оливер Јовановски има одиграно вкупно 105 натпревари и има постигнато 46 голови, а поради бројот на одиграните натпревари тој влезе и во таканаречениот Клуб 100 на репрезентацијата во кој што клуб, сметајќи го и големиот фудбал, членуваат само десетина фудбалери меѓу кои и најголемите имиња: Гоце Седлоски и Горан Пандев, како и Футсал репрезентативците Бранислав Трајковски – Пижон, Зоран Левески, Дарко Ранготов, Ферид Агуши, Драган Петровиќ и др. Последниот проштален натпревар за Футсал репрезентацијата на Македонија Оливер Јовановски – Оки го одигра против репрезентацијата на Шпанија во 2016 година, кога воедно и ја завршува својата долга и успешна, дваесетгодишна фудбалска кариера. (1995 – 2016). По завршувањето на својата фудбалска кариера, тој стана голем вљубеник и миленик на кучиња поради што заедно со својата сопруга Бранислава основаа одгледувачница за кучиња и станаа одгледувачи на расата Кавкаски овчари. Секоја работа извршена со љубов дава резултати, па така тие во моментот го поседуваат и најтрофејното младо куче во Македонија. Во моментов Оливер Јовановски – Оки е и претседател на кинолошкиот клуб на Кавкаски овчари во Македонија, а за неговото долгогодишно успешно играње во Футсал репрезентацијата на Македонија од страна на раководството на репрезентацијата беше многу испочитуван и беше ангажиран како член на стручниот штаб на репрезентацијата, функција што ја извршува и ден денеска.