Една од омилените професорки во Куманово, Елизабета Секирарска, непогрешливо, по кој знае кој пат, успешно направи мал социолошки експеримент преку виртуелната вртелешка фејсбук; таа направи уште еднаш да се запрашаме дали живееме помеѓу инертен публикум, зафатен со шунд, на малата провокација дека рок’ен’ролот е ранет и поентира дека, сепак, секој од нас се вградил себеси во другите, алудирајќи на своите над 4.000 ученици на кои е горда, оти дефинитивно се има вградено во нив, сосе фамозниот бастун.
1. Професорке, повод за ова интервју е Вашиот (еден од последните) постови на фејсбук, во кој се наѕира, безмалку разочарување од тоа што Вашата фотографија, на која сте „фатени“ филмски со сопругот на една променада низ градот, предизвика многу повеќе лајкнувања отколку Вашите сериозни писанија на тема образование, воспитување, школство, институции, култура…Патем речено, фотката навистина беше вонвременска, а вистината и правдата и онака постанаа луксуз.
Не знам дали е ова само вовед во нашиот разговор, или би требало да се произнесам по основ на мојата емоција околу фотографијата, но сепак ќе речам вака: овој формат на папарацо овековечување на нашата променада ми беше предизвик да направам, така да речам, еден мал социјален експеримент, со тоа што ќе го објавам и секако, не очекував да помине незабележано (можеби сепак не толку забележано, тоа да). Фејсбукот е, сепак, своевидна виртуелна вртелешка на која сите ние се обидуваме да го објасниме нашиот поглед на свет, дур се вртиме и го гледаме околу нас, секој на свој начин. Она што е сигурно, фотографијата ми ги потврди двете нешта кои што предолго ги живееме, а се дефинирани како факт и како непобитна реалност: на сите ни треба топлина, пред сé. Затоа ја забележуваме секаде каде што таа може да ја шири својата миризба, па дури и во чекорите на двајца подостарени луѓе кои делат живот многу време. Исто така, си потврдив и дека имаме сé помалку желба, волја, потреба конечно, да се фокусираме на сферите во кои секој од нас придонесува со она што самиот е. Немаме потреба да исчитаме, да сослушаме што има да каже кој било од нас, а да не се однесува на кич, шунд, медиокритети, на пизма и осуда. Професионализмот е на маргините, еднакво како и напорот да се разбуди заспаната идеја дека по еден чекор во професијата од секого од нас, гради километри за сите нас. Особено важни за оние кои одат по нас, а за кои, благодарејќи на она што им оставаме, личната препознатливост се сведува сепак само на фотографија.
2. Вие, освен што долги години работите како професор, бевте и колумнист, а благодарение на социјалните мрежи станавте на некој начин активист оти будно ги следите општествените промени и начинот на кој тие влијаат врз Вашите ученици. Имате ли впечаток дека Вашите мудри зборови допираат/допреле до „крајните корисници“?
Минатото време, во кое во прашањето стои глаголот Сум, ми личи како половина одговорено прашање. Се повлеков некое време од тој тип на ангажирање, од различни причини. Да, бев долгогодишен колумнист, со свои секогаш отворено изнесени ставови и мислења на различни општествени теми, особено оние што се однесуваат на образованието. Бев еден од основоположниците на наставничкиот пленум во време на силното пленумско организирање – средношколско, студентско, наставничко, професорско, родителско, кога, би рекла, беше корисно за здравје да се одмолчи. Тоа е таа длабочина за која секогаш зборувам, а која како глас, а не ехо, им го должиме на оние по нас. Бев и граѓански активист во време и околности кои според случувањата, ги сметав за сфери кои бараат промени. И денес наострам тастатура кога имам потреба да посочам. Останувам во надеж дека и јас и сите ние, нели, оставаме некој свој печат во времето, по кое ќе се препознаваме. Секако, цврсто верувам дека, пред сé заради мојот тридецениски професионален багаж, сите оние мои деца, (вкупно 4.327, без оваа генерација) кои делеле со мене време, простор, ум и ставови, а се моите „крајни корисници„ понеле со себе во животот некој мал дел од она кое им го давав. Знам дека е така. Верувам, конечно, и дека секој од нас се вградил себеси во другите, на некој начин со она што го манифестирал како дел од она што самиот е.
3. Кажете ни нешто за зборот ексклузија, наспроти експлоатираната инклузија на „сите“ за „сé“ низ нашите институции, особено образовните, за кои најчесто го употребувате зборот „туга“.
Ова прашање би можела да го одговорам повеќедимензионално. Ако поентата на прашањето е насочена кон концептот на сериозната општествена исклученост по различни основи, како показател особено на отсуството на социјалната кохезија, тогаш би рекла дека предолго живееме во општество во кое стапката на општествената нееднаквост, стигматизирање и поделби е многу висока. Најакутна е секако социјалната исклученост, како феномен што сепак опфаќа многу повеќе елементи од самата сиромаштија и освен од економска, вклучува и други димензии, како социјална, културна, политичка, морална. Тоа упатува и на фактот дека борбата против социјалната исклученост бара многу поширок зафат – посериозен и поширок пристап до институциите и оние кои ги дефинираат. Сепак, не е „секој за секаде„ и тоа треба да биде базичниот фокус. Критериумите и стандардите мора да се вратат дома.
Другиот аспект пак, би го насочила само кон образованието, како особено сензитивен организам по основ на прашањето на „сите можеме да бидеме учители„. Со сета почит, но без извинување, сепак не е така. Образованието не смее да биде прифатен центар за подобни, туку исклучиво професионално привилегиран простор за оние кои го доживуваат исклучиво како таков. Без тоа, и понатаму ќе биде и ќе остане Туга.
4. Дали може културата да ни се реставрира преку строги правила за тоа кој, што и каде треба да го изјавува и твори или, сепак, таквиот пристап би бил своевидно стрелање на слободата на говор?
Реставрацијата на културата бара сериозни реставратори, пред сé, а потоа и учесници кои ја разбираат потребата и веќе навистина крајното време за реализација на овој „зафат„. Ако културата ја мериме низ призмата на ововременската комуникација, облечена најчесто во неукост, во непристојност, во инсистирање на толку голема плиткост, да личи дека сите ќе се исподавиме во неа, а сета убаво завиткана во целофан сосе раскошна машна, која се етаблираше како слобода на говор, тогаш би рекла дека културата сериозно не умее да ја најде нашата адреса, како до луѓе на кои толку многу им е потребна. Толку многу е заталкана, да некако ми спласнува оптимизмот дека воопшто постојат насоки, како своевидни Андриќеви „Знаци покрај патот„ кои би ја вратиле назад. За жал, некако се случи да како луѓе полесно реагираме на репресија и казни, отколку на насока и совет, а и кога се воведува тоа строго правило за кое зборуваш, повторно се случува силна пукотница и тоа рафална, баш по основ на предолго овозможуваната слобода на говор. Истата прерасна во моќно оружје, кое секој си го користи по сопствено наоѓање без никаков проблем. Шарениот виртуелен фб простор е еден од најочигледните полигони за длабокото позиционирање на концептот на слобода на говор, каде веќе како да не постои рачна сопирачка за тоа кој, што, како и каде ќе го изјави, напише или создаде. Како човек да не изговори Туга?
5. Мислите ли дека живееме во време кога ако сé повеќе кажувате нешто искрено, луѓето сé помалку Ви веруваат, поради тоа што владее некоја епидемија на несигурност, несигурност на луѓето за сопственото здравје, работното место, иднината на своите деца?
Секако. Комоцијата во ширењето на лаги и нивното прифаќање како единствена вистина, сепак оди рака под рака со слободата на говор. Комплексно прашање, заради кое царува себељубието, егоизмот, саможивоста, губењето компас. Ретко кој во вакви токсични услови, во кои ништо веќе не е свето, има енергија, желба и волја да биде Диоген и барајќи го човекот, да ја најде и вистината. Особено во услови во кои заради ерозијата на моралните вредности, стравот за тоа каде сме сега, каде одиме и дали тоа се вика Иднина и за нас и за нашите деца, полека, но сигурно се прифаќа сигурноста на лагата, наместо силата на вистината. Точно така, стравот и потребата да се одмолчи вистината имаат епидемиски размери.
6. Која е најголемата заблуда за која што мислите дека луѓето ја имаат за Вас?
Одговорот сепак треба да го дадат оние кои се во заблуда кога сум јас во прашање. Туѓите заблуди не се дел од мојата себеопсервација, но ќе речам дека во заблуда ќе се сите кои не земаат предвид дека сериозно губат време, ставајќи се во заблуда кога се другите во прашање. Генерално, сметам дека држи вода фактот дека се занимаваме со другите кога не сме во состојба да се занимаваме со себе. Впрочем: не е ли прекрасна онаа старата, според која додека полошите се занимаваат со подобрите, подобрите се занимаваат со себе? Затоа и се подобри.
7. Како реагирате кога ќе Ви кажат дека се шетате со бастун, односно дека здравјето Ви е влошено, бидејќи сте ги примиле вакцините за Ковид 19?
Да го водевме разговоров во живо, ти би сведочела на сериозно смеење, затоа што првин, никој не се сетил да ми постави вакво прашање, сосема неспоиво во двата аспекта. Мојот р’бет е мојот верен другар веќе 15 години и заедно преживеавме премрежија кои нè зацврснаа и ни ја одржаа основната животна лекција: Човек навистина најмногу мора, кога најмалку може. По операцијата, учев повторно да одам, одам се уште, најмногу кога сé ме боли, а секако имам намера уште да се занимавам со таа активност. Мојот бастун е мојата дефиниција последниве 5 години. Немам проблем со него ниту во мојата училница, каде моите ученици од него и мојата приказна научуваат дека откажувањето навистина никогаш не е опција – нешто што многу ќе им се најде во животот. Корелацијата со вакцините-мачниот иснтрумент од оние мачни времиња (кога бевме на отстрел и на бришан простор) пак ми е исклучително забавна затоа што сум позната по тоа што не ги разубедувам оние кои не веруваат во нив, а се дружат со теориите на заговор. Секој со својот хоризонт, сепак. Вакцините немаат никаква врска со мојот бастун, кој инаку многу си го сакам, затоа што ми овозможува да си замислувам дека сум др. Хаус, на пример. Пуаро, евентуално.
8. Рок’ен’ролот не е мртов професорке. Ами, малку како да е ранет. Во левата нога. Така ли е?
Секако дека не е мртов. Иако ми личи дека двете нозе му се полни со куршуми и раните му се сериозни, секако заради напливот на новите трендови, се уште не би му издала умреница. Младите се заглавени во феномените на ововременскиот ритам, кој ги обликува во духот на новите певци и нивното испојување, тоа секако. Но во оваа прилика, не сакам да прозвучам како запенет критичар на младешкото однесување, за кое секогаш и секаде нагласувам дека е последица – причините се на друго место. Сериозните сколиози на музичките р’бети како, за мене, сепак драматична понуда, во функција на бастун на кој ќе се потпираат младите, не е она за кое нив треба да ги обвиниме. Ако на рок’ен’ролот гледаме како на своевидно искокање од шаблонот кој пречел и најголемо контракултурно движење, тогаш зборуваме за стресување на културата и сите аспекти на општеството во време кога се појавил. Она што важи за секое движење, важи и за него – постоело и постои заради луѓето, не обратно. Затоа сум сигурна дека и покрај инертниот публикум, зафатен со шунд, маестрално промовиран како квалитет кој создава следбеници, тој уште дише. На апарати, се чини, но сепак постојат некои такви луѓе кои него таков каков што е, го љубат и уште го држат жив. Затоа што сепак верувам дека едно такво енергетски и кративно моќно насочување на цели генерации низ звук, не може да се прогласи за конечен купувач на билет во еден правец. Нешто што важи за сé во животот – вредностите можат да се занемарат, да се деградираат, да се маргинализираат. Но, секогаш ќе постои некој кој ги почитува и ќе сака да ги следи.
Интервјуто го водеше Ивана Аткинс