Почетна Спорт Наша гордост- Куманово Еуроспорт

Наша гордост- Куманово Еуроспорт

Заврши меѓународниот фудбалски турнир организиран по повод 20 години од формирањето на ФК Куманово Еуроспорт. Во натпреварувачкиот дел победник е белградска Црвена Звезда. Но, резултатот беше во втор план. На турнирот победи спортот, ферплејот, пријателството…

Победи фудбалот.

Се е едноставно кога се сака, а задоволството е уште поголемо кога на крајот на денот целта е постигната и го добиваш финалниот резултат. За да бидеш успешен во тоа што го работиш треба да се вложи многу труд, работа, посветеност и време. Тоа е дефиниција за успех без разлика дали се работи за индивидуа или колектив.

Luxury Catering Service

Таква успешна приказна е и Фудбалскиот клуб Куманово Еуроспорт на чело со претседателот на клубот Александар Маневски, која оваа година слави јубилеј 20 години од формирање и постоење на тимот. Започна како идеја, потоа со реализација за да полека овој фудбалски клуб прерасне во бренд кој не е само препознатлив по својата работа во Македонија, туку и во Европа.

Потврда за одличната работа и дека се на вистинскиот пат како спортски колектив е меѓународениот фудбалски турнир по повод овој голем јубилеј кој се одржа на фудбалскиот стадион на ФК Речица. Честа и привилегијата за домаќините беше голема затоа што на турнирот настапија големите Депортиво Ла Коруња од Шпанија, Црвена Звезда од Србија, Бершот од Белгија, Бриње од Словенија, Сараево од Босна и Херцеговина, КХС од Малта, ЦСКА Софија од Бугарија како и домашните фудбалерчиња на Еуроспорт.

Турнирот беше одлично организиран и на високо ниво од страна на домаќинот, помина во најдобар ред. Првото место го освои претставникот на Србија, белградска Црвена Звезда која во финалето ја совлада шпанската Депортиво Ла Коруња со 3:1. Третото место го освои домаќинот Куманово Еуроспорт кој во утешното мало финале го победи ФК Сараево од Босна и Херцеговина со 2:0. Најдобар голман e Сергеј Цветковски ФК Еуроспорт Куманово а најдобар стрелец Тијаго Лопез Депортиво Ла Коруња.

Најдобар играч на турнирот е Матија Живановиќ од ФК Црвена Звезда Во текот на тридневниот фудбалски хепенинг продефилираа голем број на млади фудбалски таленти кои ги покажаа своите фудбалски вештини пред многубројната публика која ги следеше сите натпревари.Беа видени многу атрактивни потези и мајстории од страна на малите фудбалски виртуози кои се надеваме дека ќе бидат идните големи европски и светски фудбалски ѕвезди.

Натпреварите се играа 40 минути односно две полувремиња од по 20 минути, со по 5 минути пауза меѓу двете полувремиња. По завршување на групната фаза каде екипите беа поделени во две групи од по четири тома каде сите играа еден против друг, првите две екипи продолжија во нокаут фазата и обезбедија пласман во полуфиналето (по принцип првиот од едната група вкрсти со вториот од другата група)додека екипите што завршија на 3 и 4 место во групата разигруваа за пласман од 5 до 8 место. Натпреварите се играат во формат 6+1 фудбалер на терен со димензии 50 на 30 метри.

Големина на головите беше 5 метри, се играше на природна трева, додека големината на топката беше таканаречената петтка. Резултатот беше во втор план затоа што на турнирот победи спортот, ферплејот, победи фудбалот. А на фудбалскиот клуб Куманово Еуроспорт уште еднаш им го честитаме овој голем јубилеј со желба и надеж во иднина да слават уште многу вакви родендени, а на спортски план да бележат големи успеси.

Р.П