Ниту една жена не смее да се чувствува како жена со помала вредност оти не родила дете. Ниту една од нив не е помалку жена оти не се реализирала како мајка. Реализацијата како мајка не е единственото нешто што нè прави жени. Нашата вредност е многу поголема, па дури и кога би станале мајки. Верувам дека да се биде мајка е највозвишеното чувство на овој свет, чувство што дава смисла на живот и чувство што води напред, но не смееме да се потпреме само на тоа чувство кога се реализираме себеси.
Фото: Лична архива, Мери Јордановска
„Наместо да шеташ куче, шетај дете!“, ми довикна возрасната жена додека ја шетав Љиљана (сосема е во ред да се насмеете на името), додека моето куче одеше накај неа и ѝ се радуваше, мавтајќи со опашката пред локалниот маркет. Посакав да ја запрам жената што ми го даде овој бесценет совет додека се движеше со торбите намирници, оти не еднаш го имам добиено, секако, „најдобронамерно“. Посакав да ја седнам на првата клупа и да ѝ раскажам – зошто покрај моето куче нема дете. Искрено, немам некоја особена потреба да се правдам за моите одлуки, ама општеството како постојано да притиска да објасниш зошто шеташ куче без дете. Или зошто шеташ сама. Зошто имаш маж, а немаш дете. Зошто немаш маж и немаш дете.
Можеби не сакам да имам дете. Можеби не можам да имам дете. Можеби во моментов го изодувам најтрнливиот пат за да имам дете. Можеби одредена здравствена состојба не ми дозволува да имам дете. Ама се чини дека луѓето тоа не ги интересира, пред да ти ја залепат етикетата дека си „бездетна“. И тоа како по правило да значи дека за тебе нема иднина, стануваш предмет на сожалување, како статуа од жена пред која стојат дузина луѓе, а меѓу себе си шепотат:„А фино ќе беше да си родат едно детенце“, „Слушнав дека имале некои проблеми, не можеле…“, „Остај, се изнамачија, луѓе зборуваат дека направиле многу ин-витра“, „Ќе се каат за ова еден ден, ама ајде, сакаа да бркаат кариера…“.
Да може статуата да прозбори, веројатно би кажала дека секоја жена, која по своја или не по своја волја нема деца, сигурно поминала долго време за да го „свари“ моментот дека можеби нема да биде како сите останати. Во тоа време, таа статуа од жена треба да прифати и многу други работи – зошто не го направила тоа порано, зошто не го направила тоа додека нејзините родители биле помлади за да помагаат, зошто не родила во време кога речиси сите од нејзината генерација го направиле тоа, зошто баш таа има одредена здравствена состојба кога мора да бира меѓу своето здравје и затруднувањето или пак едноставно – зошто нема потреба да има дете.
Со тие милиони „зошто“, таа статуа од жена почнува да се чувствува како помалку жена, како помалку вредна, како на челото да ѝ пишува:„потфрли“. И така, таа статуа полека почнува да се чувствува како да ја губи својата вредност, иако изгледа исто, стои исправено, вреди многу. Но, сите стравови – убиецот на сечија психа, носи илјадници моменти кога таа смета дека треба да се објаснува, да се правда, дури и кога никој не го бара тоа од неа. Да не ги набројувам притоа сите толку многу прекрасни, а сепак истоштувачки моменти – детски родендени од кои се враќаш со плачење, толку многу мекици на кои се радуваш од една страна, а во себе се кинеш од друга страна.
Сите овие жени не се само статуи на кои случаен минувач од локална продавница може да им „плукне“ нешто во лице, со два-три збора, небаре да ги освести. Ниту една од нив не смее да се чувствува како жена со помала вредност оти не родила дете. Ниту една од нив не е помалку жена оти не се реализирала како мајка. Реализацијата како мајка не е единственото нешто што нè прави жени. Нашата вредност е многу поголема, па дури и кога би станале мајки. Верувам дека да се биде мајка е највозвишеното чувство на овој свет, чувство што дава смисла на живот и чувство што води напред, но не смееме да се потпреме само на тоа чувство кога се реализираме себеси.
Сопствената реализација е многу повеќе од реализација на раѓање. Познавам многу жени кои комплетно се реализирале преку професијата, преку осознавање на светот, патувања, дружби, секакви хумани активности, подигање на јавната свест, наоѓање среќа во работи кои жената од пред локалниот маркет нема да ги сфати. И тие жени се еднакво, понекогаш и посреќни од оние кои се реализирале како мајки. Исто како што постојат мајки кои се несреќни, иако се реализирале во тој поглед. И тоа не може и не смее да биде предмет на нечија осуда.
Да се биде мајка верувам дека е најблагородно чувство на светот. Но, не е единствено. Силата на жената е многу многу подлабока и поголема од тоа. Нашиот идентитет не е само да се биде мајка, иако лично, мајките ги сметам за најголеми херои. Но, ако ја сретнам жената пред локалната продавница – повторно, не би се правдала. Но, сепак, овојпат посилна, би ѝ кажала дека во себе имам љубов за секое живо суштество на овој свет, вклучувајќи ги и животните, луѓето и дечињата без родители кои можеби не ги носат моите гени (небаре тие се кралски), ама со цело срце би ги примила во мојот живот оти имам што да дадам.
Сосема е во ред и да се нема деца, и да не можеме да имаме деца, и да се трудиме да имаме деца, а и да не се трудиме, ако тоа не го сакаме. Тоа е наше и само наше право на избор. Ако некој тоа не го разбира, проблемот е кај него, а не кај нас. Возвишено е чувството да ја најдеме силата и да се прифатиме и засакаме себе, такви какви што сме – оти секоја од нас има одредена мисија во овој живот. Не мора и не треба таа мисија да е секогаш мајчинството, и тоа е сосема во ред!
Мери Јордановска
Новинска агенција Мета
*Текстот е објавен со дозвола на авторот