За да опстојува едно општество и да биде функционално, најважно е да биде насочено кон обезбедување на квалитетен живот за сите граѓани, а особено за младите на кои велиме светот им останува.
Патриотизмот, како поим, означува позитивно чувство кон татковината искажано преку ставови како: гордост за постигнувањата и културата, желбата за зачувување на карактерот и основата на културата и себе-пронаоѓање со другите членови на нацијата.
И покрај тоа што патриотизмот е тесно поврзан со национализмот, тие два збора не се синоними еден за друг од причина што национализмот е идеологија што може да биде непријателски настроена кон различностите, т.е „кон сé што не е НАШЕ“.
Бидејќи живееме во мултинационална држава, а и светот околу нас е толку многу различен, по секоја основа, место за национализам не треба да има затоа што национализмот е погодна почва за сеење на омраза, нетрпеливост, нетолеранција и сето она што во цивилизираниот свет одамна е надминато.
Затоа ние како СДСМ, од самото формирање на партијата до денес, во нашата идеологија го промовираме патриотизмот во неговата суштина и позитивна конотација, а суштината на патриотизмот е што ние како индивидуи сме направиле за својата татковина зашто таа ни припаѓа на сите нам кои сме се родиле и живееме тука од нашите пра, пра дедовци до денес. И токму во таа конотација сакаме да го вградиме патриотизмот како чувство во младите.
Толку си патриот колку што си придонел за твојата татковина да биде подобро место за живот.
И тука е разликата помеѓу патриотите кои градат еднакво општество за сите и квазипатриотите кои повикуваат на „сечење глави“, „сечење на канџи“, „ноќ на долгите ножеви“ и да не набројувам понатаму, кои 12 години ја држеа својата татковина во изолација и го принудуваа народот, особено младите да земаат пасоши од туѓи држави за да можат да се движат слободно низ Европа и не направија ниту еден чекор за приближување кон Европската Унија, туку нè вратија 30 чекори наназад.
По нивните 12 години „патриотизам“ останаа руинирани студентски домови без струја поради неплатени сметки од „способното“ раководство. Тепани и затварани студенти. Неадекватни и неприлагодени реформи во образованието што оставија многу генерации функционално неписмени.
За разлика од квазипатриотите, по 7 години власт на СДСМ станавме членка на НАТО што донесе многу промени и бенефиции на вработените во армијата и оние кои велат дека ако ја освојат власта ќе истапат од НАТО, се борат да станат дел од армијата, да се вработат во армијата заради придобивките од тоа што сме дел од НАТО (повисоки плати и многу бенефиции) – тоа е тој квазипатриотизам.
Факт е дека во седумгодишното владеење, СДСМ обезбеди студентски оброк за 28. 000 студенти, 140 ден. дневно, со можност да се користат средствата од цела недела во сабота. Со тоа на студентите им се дава можност сами да одлучуваат како ќе располагаат со средствата. Ваучери за превоз од 600 до 1.200 денари месечно. Износот на студентските стипендии е зголемен за 100%. Сите студенти кои ќе одлучат да изучуваат до-дипломски студии на земјоделските науки имаат 18.000 ден. како поттик за унапредување на земјоделието. СДСМ исто така обезбеди 25.000.000 евра за комплетна реконструкција на 9 студентски домови во државата. И најважно од сé е фактот дека студентите ја поддржуваат заложбата на СДСМ за градење на политики што Македонија ќе ја направат членка на ЕУ затоа што се свесни дека тоа е патот за напредок и градење на здраво општество.
Се донесе закон за младинско учество и младински политики со кој се овозможи директно учество на младите во креирањето на младинските политики. Се овозможи учество во општественото живеење.
Тоа е патриотизам во функција на татковината, особено на младите. Татковината се сака со учење, работа, грижа за секој поединец и грижа за околината, сé останато е злоупотреба на термини за прикривање на нечесни намери и недостаток на идеи, ставови и стратегии, што би рекол нашиот народ „продавање магла“.
Не беше лесно, но избравме да донесеме тешки одлуки за да им го олесниме животот на сите граѓани на нашата татковина, на нашите деца и идните поколенија. Затоа без срам, гордо стоиме зад одлуките и верувам дека граѓаните ја препознаваат опцијата што нуди просперитет и интеграција во европското семејство наспроти изолација и злоупотреба на патриотското чувство на поединецот за остварување на лични цели на мала група луѓе.
Да, јас сум патриот, граѓанин на Република Северна Македонија и сите мои заложби се во правец на градење на просперитетна држава во која живеат среќни граѓани, а среќните луѓе немаат непријатели, ним сите им се пријатели. И во таков дух сакам да им го пренесам чувството за патриотизам на младите во партијата, младите во градот и татковината.
Александар Арсиќ
Претседател на ОО СДСМ Куманово
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.