Почетна Спорт Изаим Бајрами – Најпознатиот кумановски и македонски велосипедист

Изаим Бајрами – Најпознатиот кумановски и македонски велосипедист

Со велосипед на интервју од Куманово до Скопје, во МТВ, нормално дека ќе се задоцни, но ќе се евидентира!
Засекогаш во спомените на кумановскиот спорт, и тоа на две тркала, Изаим велосипедистот, само на Плоштад, со неверојатна животна сторија!

Нашиот сограѓанин, велосипедистот Изаим Бајрами е еден од ретките спортисти од градот кој е навистина жива спортска легенда, но не единствено поради резултатите кои ги постигнал во својата четириесет и пет годишна велосипедска кариера, туку и поради неговиот неверојатен талент, ентузијазам, фанатизам и упорност за што говори и бројкатата од поминати, односно извозени повеќе од 1.000.000 километри.

Навистина, во неговиот случај е многу чудно и несватливо еден спортист кој ги поседува сите афинитети и перформанси што треба да ги има еден врвен спортист, а при тоа за цели четириесет и пет години напорна работа, тренинг и безброј самооткажувања од приватниот живот, да не направи ниту еден врвен резултат со кој би го крунисал сиот свој труд но и сета таа жртва, што ќе рече потрошено време посветено на велосипедизмот. Секако, во вакви случаи секогаш не е виновен само спортистот, туку најголема вина сносат одговорните, пред сé, стручните луѓе од фелата на велосипедизмот, како и од раководството на Велосипедската федерација на Македонија, а на чие што чело прв човек т.е. претседател на федерацијата еден мандат бил и човек од нашиот град. Тие луѓе, сите до еден биле должни во вистинскиот момент во неговата кариера да застанат зад него и да му овозможат максимални услови за тренинг, но и да му дадат вистински препораки и вистинска шанса што тој со својот талент ги заслужувал.

Luxury Catering Service

Тој за прв пат со велосипедизам почнал да се занимава на својата шеснаесет годишна возраст, а своите први велосипедски километри ги поминал во 1973 – та година како член на ВК Куманово каде што прв тренер му бил нашиот сограѓанин Трајче Мијалковски. Изаим Бајрами во својата долгогодишна велосипедска кариера настапувал за велосипедските клубови ВК Куманово (1973-1992), ВК Теута (1993-1996), ВК Вело М (1998-2018), една година (1997) настапувал и за ВК Денда од Скопје, а еден период од 1979 година бил и член на ВК Партизан од Белград со кој што клуб како негов член во 1979 година учествувал на трката низ Босна и Херцеговина насловена како трка „По патеките на АВНОЈ“, каде што од шеесетина учесници го освоил 25-то место и истата година учествувал на меѓународната трка „Низ Србија“, каде што во конкуренција на 100 велосипедисти го освоил 20 -тото место.

Во својата кариера учествувал на 11 меѓународни трки и тоа сите во државите во нашето опкружување, меѓу кои во Србија, Бугарија, Косово и Албанија, каде што немал некој врвен и позабележителен настап, односно резултат. Неговиот најголем квалитет како велосипедист биле неговата неверојатна физичка предиспозиција и неговата неверојатна физичка спремност и издржливот, за што говорат и меѓународните трки „Трка за мир“ 2003год) која што се возела на релација Албанија – Црна гора – Косово – Македонија – Албанија, а на која што тој настапил како највозрасен велосипедист со 47 години и трката „Низ Косово“ (2014), која што се возела во пет етапи по 100 км на која што тој настапил со дури 57 години и на која што во конкуренција на шеесетина велоспедисти го освоил 29 – то место. Тој во припремниот период пред трките на еден тренинг, возејќи непрекинато поминувал и по 270 километри (Куманово – Маврово – Куманово), а на свои 55 години како од шега на тренинг вози од Куманово до граничниот премин Деве Баир и назад, со што само се потврдуваат неговите вродени и неверојатни физички потенцијали.

Неговата долга и велосипедска кариера била проткаена и со неколку навистина неверојатни и многу интересни настани кои говорат за неговиот приод и неговите сваќања за спортот воопшто.

 

Својот прв велосипед тој го купил во 1971 година, на своја 14 годишна возраст, а тоа истиот го сторил на многу необичен и несекојдневен, но уште повеќе на еден многу непопуларен начин и тоа така што тој еден ден додека татко му спиел, тој од неговиот паричник „позајмил“ одредена сума на пари со коишто подоцна си купил велосипед. Оваа негова случка тој отворено и лично ја призна и ја кажа неодамна при едно гостување на една локална кумановска телевизија.

Имено, Изаим во 1980 година на денот на својата венчавка, рано изутрината му кажал на својот татко дека итно го повикале на работа (бил вработен во спортската сала) и дека мора да оди, а дека во спротивно ќе си има големи проблеми за што од татко му добил одобрение. Но, истиот ден, тој всушност имал важна велосипедска трка за првенството на Македонија што се возела на релација Сарај – Тетово – Гостивар и назад и на која што тој возел како член на ВК Куманово и на која што трка го освоил првото место. Од трката се вратил некаде околу 12. 00 часот и веднаш оттука заминал дома каде што неговите домашни со нетрпение го очекувале, а свадбата поминала во најдобар ред.

Во 2011 година, во националната телевизија МТВ, Изаим Бајрами во точно прецизиран термин имал договорено интервју во спортската редакција. Но, како што почнал да се наближува терминот за почеток на интервјуто, а тој сеуште не бил пристигнат, од редакцијата станале загрижени дали тој ќе пристигне на време и го побарале на телефон, а откако тој им одговорил дека е близу и дека е штотуку пристигнат, но и дека доаѓа со велосипед, сите вработени од спортската редакција, се разбира, заедно со камерманот излегле пред зградата на МТВ за да го пречекаат при што со камера го регистрирале и неговото пристигнување. Инаку, Изаим Бајрами како спортист важи за многу посветен, одговорен и професионален и спортист кој навистина многу го сака велосипедизмот, а на велосипед поминал толку многу километри што на крајот кога ќе се соберат сите извозени километри излегува дека тој со велосипед дури 25 пати ја обиколил земјината топка, што само по себе претставува податок за целосен почит и респект.

Што се однесува пак до македонскиот велосипедизам, како спорт за прв пат во Македонија се појавил во далечната 1924 година, кога во Битола бил формиран и првиот македонски велосипедски клуб ВК Пелистер, а 14 години порано, во 1910 – та година во Македонија од страна на битолчанецот Милтон Манаки бил внесен и првиот велосипед.

Подоцна, односно само една година откако е формиран првиот велосипедски клуб во Македонија, во 1925 година во Македонија бил произведен и првиот македонски велосипед, а веднаш по Втората светска војна, во 1947 година, бил формиран и првиот Велосипедски Сојуз на Македонија.

Т.Д.