Почетна КОЛУМНИ Правда за уставобранителите!

Правда за уставобранителите!

Македонија, скоро седум години е во заложништво на најдеструктивната власт од нејзиното осамостојување во 1991, па до денес. Нејзиното устоличување беше овозможено преку настаните на 27 април 2017 година за кои веднаш се покажа дека се работи за една судско-полициска конструкција, сценарио коe требаше да го олесни инсталирањето на антимакедонскат власт предводена од СДС и Зоран Заев. На криминалниот комплот му беше потребно експлицитното насилство за да ја шокира и изманипулира јавноста и странците. Неопходно беше да се изрежира инцидент во соработка со компромитираните елементи во дотогашната власт, за да се добие некаква основа на која пропагандно ќе се искреира монструзен лик на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и да бидат легитимирани идните политички прогони и егзекуции врз илјадници активисти и поранешни функционери на партијата.

Уште од самиот почеток, работеа на создавање на перцепција за зло кое ќе добие препознатлив човечки лик со цел да биде подобро разбранo и прифатенo од меѓународната и домашната јавност. За таа цел беа избрани жртви од толпата на граѓани која влезе таа вечер во Собранието и тоа личности, кои според нив, со своите профили, најдобро ќе одговараат на нивната пропагандна манипулација. На луѓето им подметнаа обвинение и на крај и ги осудија за терористичко загрозување на уставниот поредок. Системските џелати, Рускоска и Кацарска, утврдија терористичко делување во простор во кој огромен дел од присутните снимаа со телефоните и известуваа за чинот. Чуден некој тероризам, со часови пренесуван во живо, од луѓе кои слободно мониторираа помеѓу ,, терористите”, нешто како риалити тероризам. Судските процеси и медиумската хајка станаа секојдневие и за жал успешно го држеа народот во страв, да не биде во можност да се спротивстави на криминалот и на проектите за идентитетски инженеринг, најмногу преку штетните договори со Бугарија и Грција. ВМРО-ДПМНЕ како најголема закана за новиот режим, мораше да биде изложен на секојдневни напади и судско-полициски прогони кои траеа со години.

Најмногу страдања претрпеа уставобранителите кои заедно со нивните семејства го понесоа најголемиот товар, осудени од македонското судство кое беше клучна алка во системскиот садизам спонзориран од СДС и ДУИ. Секој ден на разни телевизиски дебати и дневници, на сите можни портали и на социјалните мрежи, се демонизираа луѓето, се претставуваа како најголеми терористи и непријатели на државата. Во меѓувреме нивните семејства беа жигосани а добар дел од нив се соочуваа и со егзистенцијални проблеми. После првиот бран напади врз нив, многумина увидоа дека се работи за искрени патриоти кои беа дел од последните очајни обиди да се спречи операцијата за рушење на легитимната народна власт и на нејзино место, поставување на криминалната и окупаторска коалиција на СДС и ДУИ.

Luxury Catering Service

Уставобранителите издржаа до крај, и покрај сите удари и огромната неправда , не дозволија да згасне нивната љубов кон Македонија и македонскиот народ. Камшиците на власта им нанесоа многу рани, предизвикаа многу лични и семејни фрустрации, но не успеаја да им го искоренат патриотското чувство. Тие до крај, достоинствено и на своја штета, се соочија со сите закани, уцени, понижувања и иживувања по затворите. Не штедеа средства за да им го скршат моралот , да ги притиснат да соработуваат со нив, конечно да се предадат, но попусто, тие останаа силни и достоинствено ги совладаа сите предизвици. Кога многумина го изгубија своето чувство на заедништво, доброволно заборавија за припадноста кон македонскиот народ и пошироката заедница и почнаа да проповедаат дека ,,секој треба само за себе да се грижи”, уставобранителите со своето мачеништво беа светилникот кој не престана да му пркоси на наметнатиот тренд на егоизам, обезличеност и безрбетништво.

Се поставува прашањето каде бевме сите останати и што направивме за овие луѓе, кои седум години се трошат за заедничката кауза? Дали вршевме притисок, дали се мобилизиравме доволно за да им дадеме подршка и заеднички да се избориме против недемократската власт? Учествував во протестите на кои се бараше правда за нашите уставобранители во Скопје и пред затворите во Штип и Прилеп, како и многумина мои браќа и сестри, истомисленици. Покрај овие протести, може да ги спомнам многуте охрабрувања и полемики со многу луѓе на улица, како и актуелизирањето на борбата на социјалните мрежи. Резултатите на фејсбук беа прилично скромни, посебно со мал придонес во поттикнување на свест кај другите за состојбата во која се наоѓаме, а повеќе во пронаоѓање на личен спас во безграничниот виртуелен простор кој нуди експлоатација на памфлети со рок на траење од три дена. Во тоа царство на патетика, очај и лицемерие, после секоја објава или коментар, чувствував некакво олеснување дека сепак не сум нем сведок на оваа неправда врз мене и мојот македонски народ, која најбрутално се манифестира врз уставобранителите.

Дали можев повеќе од тоа? Секако дека можев, но не направив ништо друго. Некои беа многу погласни од мене, но и тоа не беше доволно. Очигледно стравот, меѓусебната недоверба и хроничната поделеност се беа рашириле кај сите. Среќа е што тоа време е позади нас, гнилите остатоци на заевизмот се во заминување, но сепак останува мекиот стомак на Македонците, изложен на ризик во иднина повторно да биде прободен од некоја нова генерација на опортунисти и криминалци како Зоран Заев и Оливер Спасовски. Поучени од горкото искуство, но и обединети околу националните интереси, должни сме да не дозволиме повторно да ни се случи ваков пад, кој може да биде фатален.

Уставобранителите мора да имаат праведно судење. Тие се херои на нашето време и без оглед колку претходно биле исправни или погрешни нивните животни патишта, сите ќе бидат врежани во колективната меморија по големата храброст, патриотизмот, и непокорот кои ги покажаа, во време кога многумина потфрлија. Нивното ослободување, целосна рехабилитација и соодветна валоризација на нивната жртва се нужен услов за излез од една од најсрамните периоди на нашата историја.

Дејан Ристов

политиколог

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.