Како велешанец е Ѓорѓи, но како кумановец засекогаш Бошко
Kога ќе се сретнете со Ѓорѓи Андов и после многу години ќе поразговарате, по одмерениот глас со совршена дикција и извонредна артикулација, по прецизната меморија, ќе сфатите дека пред себе имате човек кој бил и останал актер во најубавата смисла на зборот. Актер кој како магнет ги привлекуваше очите на публиката врз себе – на сцената или вон неа.
„Роден сум во Велес, на 8 нември 1946 година. Татко ми беше железничар, мајка ми домаќинка која се грижеше за четирите деца, ќерката и трите синови од кои кои јас сум најмлад. Основно и Гимназија завршив во родниот град. Во Куманово дојдов во 1970 година, кога се пријавив на аудицијата за млади актери распишана во „Нова Македонија”, и – бев примен. Во тоа „златно“ време на кумановскиот театар, директор беше Драгољуб Димковски – Шетко. Се најдов во екипа од познати искусни актери Ѓоко Гоко Николовски, Момир Христовски – љушка, Милојка Ковачевиќ, Љупка Варџиска, Боро Величковски, Илија Струмениковски, Љубица Гојковиќ, Шенка Колозова… “
Прва претстава на која работи како млад актер во кумановскиот театар е „Градина“ во режија на Бранко Ставрев од МНТ, во која ја толкува улогата на тинејџер во Америка и неговите конфликти со дисфункционалното семејство. „За таа улога, која ја одиграв без никаква трема, добив убави критики од тогашната критичка јавност, бев забележан од публиката, добив многу аплаузи на отворена сцена. Тоа – за еден млад актер на самиот почеток од кариерата е голем поттик да продолжи да се развива и да дава максимум од себе“.
Во 1972 следува премиерата „Електра“ – античка драма од Софокле, за која добива награда за специјално актерско остварување, на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Приnеп – за улогата на Орест. Одлични критики на истите театарски игри добива и во сезоната 1972/73 од познатиот критичар Иван Ивановски, за улога на момче – жртва на револуцијата во Ирска, во претставата „Јунона и паунот“. На секоја изведба добива аплаузи на отворена сцена и е одлично примен од публиката.
„Во една театарска сезона имавме по седум премиери (две за деца и пет за возрасни) и дури до 250 претстави. Се работеше секојдневно, без престан, а се играше скоро секогаш пред преполна сала. Имам остварено триесетина улоги, од кои некои се врвни успеси од кои сум многу задоволен. Да ја споменам претставата „Поглед од мостот“ според текстот на Артур Милер, каде играв сиромашен емигрант од Сицилија – Марчело, дојден во Америка нелегално, улога многу предизвикувачка – преку молчење и гестови ги изразував мислите и емоциите. Тоа ми е една од незаборавните улоги“.
Од Милисав до Бошко
Потоа следува „Врањскиот драмски опус“ со делата од БораСтанковиќ како „Ташана каде го игра Турчинот Сараош. Во 1977 е премиерата на „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Петре Прличко, кој ја игра и главната улога во претставата – Јеротие Пантиќ. Ѓорѓи Андов го толкува ликот на Милисав, околиски писар. „За цело време на пробите, дури и на претставите, се смеевме на импровизациите на Прличко. Никогаш не знаевме што ќе измисли, па и ние актерите уживаваме како публиката. (За оваа улога Петре Прличко доби награда на „Војдан Черно- дрински“).“
„Оваа година, кога се прославуваат 85 години од првата изведба на „Ленче кумановче“ според драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски, со големо задоволство се сеќавам на оваа претстава. Премиерата беше на 16 август 1971 година, беше присутен и авторот, човек во веќе поодминати години, заедно се неговото семејство. Премиерата беше спектакл, со многу гости од Скопје, а се поклопи со 10-годишнината од постоењето на Народниот театар – Куманово. Добивме невидени овации. Колку што имаше публика во зградата, уште толку остана надвор, немаше место „ни за лек“. Претставата доживеа многу изведби, гостуваше во Велес, во Крушевац , на 600-годишнината од постоењето на тој град“.
(Во 1972 година, македонската телевизија ја сними „Ленче кумановче“ и досега многупати е прикажувана, секогаш на задоволство на публиката. И покрај многуте улоги, во меморијата на кумановци, Ѓорѓи Андов секогаш ќе остане Бошко.)
„Во меѓувреме, како вонреден студент дипломирав на Правниот факул- тет и во мај 1982 година ги напуштив „Даските што живот значат“ и се вработив во Стручната служба на Собранието на општина Куманово. Работев две години како референт за нормативни дејности, во 1983 станав шеф на Отсек за надзор во комунално – стамбената област во инспекцијата во Куманово. Потоа станав началник на одделение за комунални и стамбени работи. Во 1992 започнав да работам во „Југ-турист“ како помошник генерален директор за правни и кадровски работи. Од 1994 година, до пензионирањето во 2012, работев како адвокат“.
Слободното време како пензионер го поминува во читање, на сето она што можеби го има пропуштено во текот на животот. Белетристика, политичка историја, дела од областа на филозофијата. Во убава комфорна куќа на „Зелениот рид”, живее со сопругата Снежана, дипломиран економист во пензија.
„Од ќерката Тања и синот Петар имаме пет внучиња, од кои најстарото е 14 – годишно, а најмалото има само една година. Не пропуштам ниту една премиера во театарот, ги следам Деновите на комедија од почетокот.
Знаете, по толку време поминато во театарот, жал ми е што никој не се секава да ме испочитува како дел од историјата на театарот – со покана, со карти за премира, или со фотографија во фоајето, за која верувам дека напорно сум ја заслужил. Порано имаше други стандарди во однесувањето кон актерите, се знаеше кој и што е актер, но сега се поинакви времиња зарем не?
Објавено 8 Ноември 2013