Се појавуваат симптоми дека „Степански вирус“ е тешка заразна болест, која што се пренесува со голема брзина. Опасен пример за оваа болест е реченицата што во последните години ја слушам многу често. Цитирам просечен кумановски авганистанец: „ Што су, бе, 100.000 долара?!?“ Во продолжение на реченицата, за која не знаете дали е во прашална форма или обична констатација, вообичаено следи: „ Купиш ново авто, два одмора сас жену, обновиш гардеробу и треба да чекаш тужбу за плуќа.“ И тоа не е страшно ако го слушаш од, како што вели еден лекар: „од врцу селску“.
Социјалните мрежи се чудо. Кога ќе помине извесно време, забораваш на важни работи и тогаш скоро секое утро фејсбук те враќа на „фабрички подесувања“. На екранот се појавуваат спомени за анализа на случувањата во Куманово. После поминати три години, дијагноза на проблемот е иста. Ние сме светски феномен, град во кој успешно е извршена селска револуција. Единствени на планетата.
Вот Тајлер и Џон Бол дигнале селско востание во Англија, во далечната 1381 година. Без успех.
Имаме селска буна во Хрватска, во 1573 година, поради теророт на Фрањо Тахија. Без успех.
Селска буна во Фландрија, во период од 1323 до 1328 година. Без успех.
Селско востание во Жакерја, во Северна Франција од 1356 до 1358.година. Без успех.
Кентска буна во 1450-та година. Исто така селско востание. Без успех.
Буна на романските селани во 1907, во Молдавија и Влашка. Без успех.
Селско востание во Кина во 1899 година, познато во историјата како „Боксерско востание“. Без успех.
Селско востание во Куманово во 2016-та година. Успешно.
Во познатата светска историја, најмалку од 8.000 години, единствената селска револуција е успешна токму во Куманово.
Окупацијата на градот не е намалена во 2024, туку прогресивно расне. Со тенденција да го надмине време траењето на османското царство.
Но, самата окупација не е толку голем проблем. Се појавуваат симптоми дека „Степански вирус“ е тешка заразна болест, која што се пренесува со голема брзина. Опасен пример за оваа болест е реченицата што во последните години ја слушам многу често. Цитирам просечен кумановски авганистанец: „ Што су, бе, 100.000 долара?!?“ Во продолжение на реченицата, за која не знаете дали е во прашална форма или обична констатација, вообичаено следи: „ Купиш ново авто, два одмора сас жену, обновиш гардеробу и треба да чекаш тужбу за плуќа.“ И тоа не е страшно ако го слушаш од, како што вели една докторка „од врцу селску“. Тоа и се очекува. Но, вакви мудрости сé повеке се констатирани од луѓе кои ги сметав за нормални ликови.
Чисто за пример, пред неколку месеци прочитав вест во српскиот дневен весник „Курир“ дека во американската држава Флорида, во градот Мајами, е извршен грабеж на банка. Меѓу загинатите беа луѓе од обезбедување на банката и старец кој чекал пензија. Ранети беа службеничка и хигиеничарка во банката. Од спротивната страна, имаме двајца загинати гангстери, еден тешко повреден во саобраќајна незгода, при бегство, со трајни последици на ‘рбетот. Пленот на грабежот изнесувал 67.500 долари.
Или во превод, на ново кумановски јазик, со дијалект на Паштуни и примеса на сленгови на Шиитите од Басра: „ Што су, да га ебу, 67.500 долара!?! Купиш просечно авто, ед’н одмор сас жену летоска (куде што она сака) и не може ни да помислиш да идеш на скијање.“
Во Мајами, американскиот гангстер е подготвен да ризикува живот за 67.500 долари.
Кумановац, инфициран сас степански вирус на окупацију, не разговара за помалко од 100.000 долара.
Состојбата е алармантна. Вирусот се шири со светлосна брзина.
Надеж дека ќе ја преживееме и оваа модерна окупација, поточно речено пандемија, ми влева филозофска мисла на драг колега од факултетските денови – Игор Југ. Тој вели дека народ кој поради Касандра со часови седеше покрај тв приемникот да види кој е следниот потег на Ранду, не може да биде уништен.
Јас немам што да додадам на ова, единствено можам да ја подржам со некои мои сознанија. На пример, не можете да уништите народ кој ги знае сите цитати од Задруга и Парови. Врвот на нескршливиот дух на потомците на Александар е една снимка објавена на социјалните мрежи каде што бивш полковник на војната контра-разузнувачка служба на СФРЈ, со прекар како чоколада „Милка“, заедно со актуелен градоначалник, покриен со старо југословенско знаме со ѕвезда петокрака, ја пеат песната за обединета Македонија во три дела. Дали е потребно да напишам дека постот имаше повеќе од 11.500 лајкови? Народ со вакви карактеристики заедно со стаорци, бубашваби и глисти без никаков проблем ќе ја преживее и Петтата Светска Војна.
За оние со слаб карактер, идиоти кои размислуваат со своја глава, сите таксисти со машински факултет и касиерки во маркети со просек над 8 од УКИМ, им останува да аплицираат за ИПАРД фондови и со светлосна брзина да го променат место на постојан престој – од Куманово во Старо Нагоричане.
За останатите нема излез. Степанскиот вирус е немилосрден. Единствено треба да прифатат едно наравоучение од анимираниот филм „Том и Џери“, дека оној кој не може да го победиш, подобро ти е да му се придружиш!
Милош Стаменковиќ
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.