Почетна МОИТЕ ТОП 5 МОИТЕ ТОП 5 со Драган Ивановски – Шани

МОИТЕ ТОП 5 со Драган Ивановски – Шани

Се обидел да работи и друго во животот, но актерот во него го прогонува како сенка на Балканот. Тој, едноставно, мора да пишува, да смислува скечеви, да уредува емисии, да преговара, да се бори за правата на локалните медиуми, да биде гласот на народот и да не очекува ништо за возврат. Помогна на многу наши сограѓани за време на Корона кризата, добитник е и на Ноемвриската награда. Кога Меркур е во неговиот знак Бик, не може да заспие од наплив на идеи. Нема љутиш Драгане Ивановски – Шани! 

За жал, во изминативе 7-8 години ми останува сé помалку слободно време за гледање филмови и читање книги. За среќа, за слушање музика не е потребна целосна концетрација и резервирано слободно време, па музика слушам постојано и во секоја прилика на местата каде што се наоѓам. Не поднесувам тишина и поради тоа и дома и на работа постојано се вклучени телевизорот, радиото или лап топ. Најчесто од тие направи пулсираат музички звуци што ме опуштаат во голема мера и ми обезбедуваат малку комфор во секојдневната пренатрупана, а неретко и конфузна агенда.

Музика:

1. Nirvana – Unplugged in New York 1992
Нирвана во живо е комплетно феноменален проект на MTV.

Luxury Catering Service

2. Круг – ЕКВ
Поради бунтовната младост.

3. Soldier of Fortune – Deep Purple
Поради многу прекинати врски. И Мои и туѓи.

4. Кажи ми – Драган Мијалковски
Поради името. А, и поради тоа што македонските шлагери од тоа време се неповторливи.

5. Bryan Adams – Have you ever really loved a woman
Поради мојата Дони.

Филмови:

1. Мирисот на жената – од 1992 година, како римејк на италијанскиот филм од 1974 година. На прво место, единствено поради извонредната актерска игра на Ал Пачино кој беше брилијантен во улогата на слепиот полковник. Според мене, таа изведба на Пачино е мал уџбеник за сите млади актери како треба да креираат улога. Секако, тој за оваа улога доби Оскар за најдобра машка улога, а филмот беше номиниран и за Оскар за најдобар филм и најдобра режија.

2. Пред дождот – од 1994 година, во режија на нашиот Милчо Манчевски. Наш кандидат за Оскар за најдобар филм вон англиско говорно подрачје. Поради одличната режија на Манчевски и маестралната актерска игра на Раде Шербеџија, кому послее оваа улога широко му се отворија вратите на Холивуд. И секако, поради неверојатната позитивна презентација на Македонија насекаде во светот. Тогаш Милчо беше херој, а сега, за жал, за некои е предавник, само затоа што пријави корупција во структурите кои кај нас одлучуваат кој е подобен да сними филм, а кој не.

3. Подземје – од 1995 година, во режија на Емир Кустурица.
Неверојатно луда идеја за сценарио и забавен филм во режија на Кустурица, кој со своите филмови го одбележа периодот на распад на Југославија со големо влијание на сите млади ентузијасти како мене кои беа вљубеници во филмската уметност.

4. Кум – Трилогија во режија на Френсис Форд Копола.
Во напливот на голем број на филмови кои ја откриваа тајната на италијанската мафија во САД, оваа трилогија се издвојуваше со големиот број на врвни актери, одлична режија и за разлика од другите, со уметнички изрази на сите чинители во екипата. И додека ние бевме во исчекување најдобрите актери од тоа време Роберт Де Ниро и Ал Пачино да се сретнат во една заедничка сцена и заспивавме во занес од мистиката на „Коза Ностра“ некои навлегоа во суштината на криминалот, па истиот го применија во 90-тите при преземањето на компаниите и „белеењето на социјалистичкиот капитал“, во стилот на мафијата.

5. Тетовирање – Во режија на Столе Попов.
Наш, домашен филм со реални и сурови приказни што верувам и вистински се имаат случено кај нас, без разлика што се толку бизарни и мизерни како да се се излезени од „Процесот“ на Кафка. Иако никој не ми се издвојува со својата актерска игра, што за мене верувам забележавте е можеби и пресудно некој филм да заземе високо место во мојата меморија, сепак пресудни за 5-тото место се реалните фрази кои Попов ги користи во филмот. Репликите од филмот до ден денешен се толку присутни, што имам впечаток дека го прегледувам повторно на секои два-три месеци.

Книги:

1. Мартин Идн – Џек Лондон
Поради упорноста и желбата за успех.

2. Убиство во Ориент Експрес – Агата Кристи
Поради тоа што сите книги од Агата Кристи иницираат длабока анализа.

3. Војна и Мир – Лав Толстој
Поради мирот. И поради тоа што ја игравме на сцена на Театарот во Куманово. Класика.

4. Том Соер – Марк Твен
Поради моите почетоци и претставата што ја подготвуваме и која ми донесе огромна популарност.

5. Злосторство и казна – Достоевски
Поради единствената казна што може да ги стигне неморалните кои ги украдоа нашите животи.