Почетна КОЛУМНИ Март, месец во кој само погласно зборуваме за правата на жената или...

Март, месец во кој само погласно зборуваме за правата на жената или месец на цвеќиња и подароци

Месецот март најчесто го поврзуваме со Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Скоро секогаш, тој нè асоцира на подароци, внимание и убави зборови упатени кон жената. Ние, феминистките и борки за женските права, овој месец го одбележуваме со трибини, дебати и маршеви на кои зборуваме за постигнатото на полето за правата на жените, за родова еднаквост, за заштита на жените и рушење на стереотипите за жената. Овде, сакам само да се потсетиме на револуционерните чекори направени во 1871 година од страна на Роза Луксембург и Клара Цеткин во знак на почеток на борбата за правата на жената во светот. Само седум години подоцна во Македонија оваа борба ја започнале Роса Плавева и Накие Бајрам од Велес.Тие заедно ги организирале првите демонстрации во Скопје за правата на жените. Во 1945 година, 8 Март се славел како прв празник во слободата. Таа година жената добила право на глас и уште посилен мотив во борбата за родова еднаквост. Значаен придонес во оваа борба имала и Веселинка Малинска, како прва уредничка на првото женско списание ” Македонка”, издавано на македонски јазик.

Наша должност и обврска е да покажеме почит кон сите жени вклучени во НОБ, кон сите наши учителки, баби и мајки кои се вградија во борбата за женските права. Ние денеска, како жени, имаме обврска да го чуваме она што до сега е сработено и усвоено како наше право и да продолжиме уште посилно и погласно да работиме на оваа поле до целосна еднаквост и рамноправност, за нас и за нашите ќерки. Месец март нека биде месец во кој само погласно зборуваме за тоа како се практикува Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените. Дали и колку жената е заштитена на работното место од вознемирување и мобинг. Дали жената е дискриминирана само затоа што има различна боја на кожата, припаѓа на друга религија или не е облечена по мерка на мажот. Дали квалитетот, знаењето, годините и физичкиот изглед на жената се пречка или предност при нејзиното вработување или напредување. Март е исто така месец во кој треба да разговараме за позицијата на жената во домот, како таа се носи со професионалните и домашните обврски. Дали сеуште обврските ги делиме на машки и женски. Која е нејзината позиција во политичкиот живот, дали таа е бројка, квота или суштина. И на крајот, најубавиот подарок за секоја жена е букет направен од почитување и вреднување на нејзината личност и работа, рамноправно распределени обврски во домот, напишана домашна со децата, заедничка грижа за родителите, мирно утринско кафенце, подготвен ручек, заедничко поминато време, поддршка во градење кариера и сé она што ја прави своја, посебна и твоја.

Оти букетот од рози ќе овене и нема значење, ако не си со неа во сите нејзини борби за еднаквост и рамноправност. Подарокот ќе има значење само ако секој ден ги почитуваш нејзините права, слобода и личност. Секоја жена има сила, храброст и енергија да се бори за своите права секој ден и секој месец во годината, биди со неа, поддржи ја! Гласно и храбро драги дами! Борбата продолжува!

Luxury Catering Service

Соња Тодоровска,
член на ИО на Форум на жени на СДСМ

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.