Интервју со Драган Гелев, уметник
Драган Гелев e сликар кој живее и твори во Швајцарија. Препознатлив е по тоа што досега има организирано повеќе донаторски изложби. Минатата година беше отворена таква изложба во Уметничката галерија Безистен во Штип, а за годинава е најавена изложба во САД . Вели дека го сака апстрактното сликање во стилот на славните Пикасо и Мазев…
1. Очигледно е дека имате вроден талент, меѓутоа, кога почнавте посериозно да се занимавате со сликањето и творење на вака препознатливи уметнички дела?
– Најпрво Ви благодарам на муабетов, задоволство ми е. Искрено, јас се уште не се занимавам сериозно со уметност, но, и те како работам на тоа уметноста да ми биде нешто на кое ќе трошам повеќе време од одењето по земја наречено живот. Препознатливи? Можеби тој дел од она што јас го правам е помалку препознатливо веќе за некои луѓе, но секако моите погледи на уметноста се изградени и се градат на минатото и на уметниците кои работеле пред нас. Убаво е уметникот да се пронајде себе си во своите дела и да успее да остави некој сопствен печат, но само со многу труд и време можеби ќе дојде тој моментум. И да не се случи тоа, сепак, секое дело носи само од себе некоја своја порака и печат.
2. Дали добивате инспирација исклучиво од плими и осеки во Вашето расположение или тоа зависи од други фактори?
– Искрено, јас не бирам момент кога би цртал. Го користам секое слободно време. Некогаш емоцијата и идеата доаѓаат со работата или дијалогот со самото дело кое го водам додека работам на него. Не секоја солза на очите е од тага и не секоја насмевка е од среќа. Така е и во сликарството. Има некоја мистичност под и во бојата.
3. Дали имате повеќе инспирација кога сте среќни или тажни?
– И среќата и тагата се дел од животот на секој човек. Многу убави експресни, колоритни слики се настанати во светската историја токму во тешки времиња. Се трудам сликањето да му даде убава димензија на моето постоење и многу често да го менува колоритот на секојдневието и се’ она што тоа со себе носи (нормално позитивно).
4. Кои техники ви се омилени и ги практикувате најчесто?
– Работам најчесто масло на платно, но многу пати знам и да експериментирам со други техники и бои.
5. Живеете во Швајцарија, но Македонија е застапена во Вашето творење и визуелно и со музика. На што се должи тоа?
– Македонскиот воздух е првиот кој сум го вдишал, македонското шаренило е она што сум го здогледал. Јас сум горд што сум се родил во Македонија и уште погорд што сум Македонец и како таков имам чест да се претставам на светот.
6. Си дозволувам да искоментирам како влубеник во уметноста, следејќи го Вашето уметничко творење, дека Вие сте всушност олицетворение на еден навистина сестран уметник. Притоа, не мислам само на Вашите уметнички дела туку и на Вашиот талент да ги споделувате најубавите стихови и ноти напишани од врвни поети и музичари. Сето тоа Ве отсликува како уметник во вистинска смисла на зборот. Што би додале?
– Цело е кога се има се’. Ја сакам уметноста не само сликарството, го сакам и пишаниот збор, добар филм, музика… Уметноста за мене е дел од религијата, еден од деловите кои го разубавуваат здивот на еден човек со својата слобода, ширина, длабочина и слободоумие, нормално, ако им приоѓаш со чиста душа и уште поискрена љубов. Нема убавина без искрена љубов.7. Минатата година имавте хуманитарни изложби во Македонија. Какви планови имате за 2024 година?
– Оваа година веќе имав изложба во Базел каде што и живеам, во мај треба да патувам за Америка каде што со свештениците кои ја водат Македонската парохија во Чикако организираме изложба на мои слики. Сите средства од продажбата, на моја желба, ќе останат во Македонската црква таму. Од неодамна сум и член на едно уметничко друштво на ликовните уметници од Србија кои живеат во Швајцарија, а кое постои веќе 30 години. Годинава, со тоа Друштво се планирани две изложби во Базел и Париз, по повод нивниот јубилеј. Здравје, на лето и рана есен, се гледаме пак во Македонија. Во меѓувреме работам и на организирање на прва самостојна изложба во Белград и во Измир, Турција. Се работи со полна пареа. Јас сум познат зависник од адреналин.
8. Уметници и луѓе како како Вас се раритет, но за среќа постојат. Продолжете да ширите љубов и убава енергија…
– Ви благодарам од срце за секој збор.
Интервјуто го водеше Весна Левко