Мистериозни приказни за скриени богатства, подземни премини и подводни соби, низ клисурите и опустошените предели од варварските народи, низ цркви, мостови, пештери, преку седум ридови и седум долини, нека ве води угледниот археолог, Дејан Ѓорѓиевски, со своите живописни писанија, само на Плоштад.
3. Костоперска карпа и нејзината подземна просторија
Во регионот на Куманово постојат уникатни релјефни форми настанати како резултат на вулканските активности пред околу 10 милиони години. Осумте базалтни плочи се единствените денешни остатоци од периодот кога големото езеро кое ја покрило некогашната цела плоча од лава се повлекло, а околните реки ја разградиле и ги формирале помалите карпи кои и денес се видливи. Сите тие се со зарамнети врвови кои доминираат со околината, па поради таа физичка предиспозиција биле населени уште пред скоро 5000 години. Од нив, најголема населба се развила на Костоперска Карпа, наречена уште и Жеглиговски Камен или едноставно Св. Петка, поради гробјанската црквата посветена на оваа светица, изградена на источните падини на ридот. Тука се наоѓаат остатоци од материјалната култура уште од енеолитскиот период, но, за жал, градежните активности од хеленистичкиот, доцноримскиот и средновековниот период скоро целосно ги имаат уништено овие најстари остатоци. Па сепак, овој локалитет се уште крие тајни и уникатни наоди.
Со градењето на модерниот пат кон Паланка, биле оштетени и слоевите од јужната падина на локалитетот, каде што подоцна археолозите нашле вредни наоди од т. н. Црвено фигурален стил на грчкото сликарство, односно садови со фигурални претстави кои се поврзуваат со култот на Дионис-богот на виното. Интересно, но и денес се одгледува виновата лоза на самиот локалитет, а квалитетот на виното од тој регион високо се цени кај добрите познавачи на овој напиток. Во пространите ниви западно од карпата, во доцноримскиот период, се формирал градот на мртвите – пространа некропола со квалитетно градени гробни конструкции кои се уште чекаат да бидат истражени. Од оние пак, кои биле ископувани, е понајдена уникатна појасна гарнитура од римски војник, кој веројатно дошол тука од номадските степи, за да служи на браникот на Империјата, во годините кога бил напаѓана од големиот Атила. Денес таа е изложена во Музеј Куманово и една од неколкуте такви во светот. На врвот на ридот, пронајдени се две црковни градби, поставени една врз друга, како сведоштво за важноста која населбата ја имала во христијанскиот период. Иако ридот имал природна заштита, сепак бил ограден со ѕидови, кои и денес, иако под земја, се видливи на релјефот, особено на северната падина.
За големото значење сведочат и откриените остатоци од цркви – освен двете ранохристијански базилики, истражена е и малата Св. Врачи на западната падина, Св. Никола во гробиштата над Св. Ѓорѓи и Св. Димитрија покрај патот кон Вујевска маала. Најсочувани се Св. Петка и Св. Ѓорѓи, со остатоци од прекрасно поствизантиско сликарство, но и со бројни графити(потписи) од средновековни трговци – голем дел од нив од регионот на Дубровник, што значи дека главните трговски патишта поминувале токму тука. И не случајно во близина постои пат кој бил нарекуван камиларски, а во регионот на Клечовце пак е наречен Стамболски. И не случајно оттука морал да помине и Стефан Дечански од Топлица кон Ќустендил за да победи во Велбуждската битката, пред тоа земајќи Божји благослов од светиот воин Ѓорѓи во Старо Нагоричане, китејќи ја со злато и сребро велелепната фреско-икона на светецот во црквата изградена од неговиот татко, Милутин. Местоположбата, покрај овие фреквентни патишта условила населбата да порасне во една од најголемите во регионот, па, многу истражувачи тука го лоцираат градот Жеглигово, иако тој можеби и никогаш не постоел, односно, можеби претставувал област, а не град.
За населбата има многу мистериозни приказни за подземни премини, ходници кои ги поврзуваат ридовите и слично, во кои никој не веруваше, се до доцните осумдесетти години на минатиот век. Имено, тогаш, кога ридот почнал најмногу да се оштетува поради работата на каменоломот, работниците наишле на влез во подземна соба, во која, нормално, се плашеле да влезат. За собата дознале и археолозите од кумановскиот музеј, Блажо Ѓеорѓиевски и Ленка Трајковска, кои успеале да направат притисок кај властите за да започнат истражувањата.
Ископувањата резултирале со целосно истражување на поголема просторија направена под земјата, вкопана во мекиот вулкански туф, со скоро идеална ориентираност во насока исток-запад. Влезот е пробиен од западната страна, по што се влегува во поголема просторија со клупи од страна, а има и помали соби во кои се влегува преку големата. Никој всушност не знае кога била направена и за што точно служела просторијата. Присуството на водоотпорен малтер на ѕидовите ги навело првите истражувачи да помислат дека објектот е цистерна за вода. Иако има систем за собирање на вода, сепак, градбата не може да послужи само за таа цел. Од друга страна, многу елементи наликуваат и на голема подземна гробница, но сепак, и за тоа нема доволно докази. Неколку истражувачи тука гледаат и постоење на хипогеум – подземно светилиште на боговите, или пак, едноставно, подземна стражарница која преку отвори гледала кон југ, односно го контролирала патот. Се разбира, оние кои од пред некоја деценија најмногу ја оштетиле токму од јужната и источната страна, веруваат дека таа била полна со богатства и дека се уште постојат ходници кои треба да се откријат. Сепак, со истражувањата на Музеј Куманово, откриена е целосно просторијата – најден е и почетокот и крајот, без никакви показатели дека постои дел кој не е откриен. Самата просторија денес е необезбедена – има пробив на земја од јужниот дел и оштетувања одозгора, кои можат да резултираат до целосно затрупување на објектот и на оној кој се наоѓа внатре. Затоа, во никој случај не треба да се влегува, се додека не се обезбеди пристапот.
Како и да е, просторијата сведочи за неоткриените мистерии кои оваа населба ги имала. Градењето во карпа, кое е присутно во регинот, но и во прилепско, навело некои истражувачи да помислат дека тука била населени дојденци од Кападокија, кои добро ги познавале овие техники. Досегашните истражувања покажуваат дека ридот бил атрактивна локација за живеење уште од најдамнешните времиња. Оттука секако се изродило и селото Младо Нагоричане, кое Турците го нарекле Кирклисе, односно 40 Цркви. Голем дел од нив ги знаеме, но остануваат уште многу кои треба да се откријат. А Костоперска Карпа останала култно место кај населението. Дел од маалите на Нагоричино уште се погребуваат на околните гробишта, а на ридот, непосредно врз двете ранохристијански цркви, постоеле гробишта пред околу еден век. Длабоко респектирано од жителите, повеќе од страв отколку од почит, местото долго време останало неуништено. За жал, главните уништувања, преку градењето на патот и употребата на каменоломот, се случиле во поновиот период, кога постоеле сите институции за заштита на културното наследство. Свежите трагови од копањата на трагачите по злато, во непосредна близина на патот, ја покажуваат и дрскоста која ја поседуваат овие личности. Сето тоа зборува дека треба многу да се работи за унапредување на мрежата за заштита на културното наследство, како преку законските измени,така и преку менување на свеста кај луѓето.
Дејан Ѓорѓиевски, археолог