„Особено ме засега професионалното однесување и воспоставена работна дисциплина!“ – М-р Биљана Ивановска, Вд Директор на ЈЗУ Општа болница Куманово , во интервју за Плоштад Прес, ја открива својата решителност болницата да биде ставена во функција на нашето здравје по сите стандарди, засилувајќи го впечатокот дека е челична лејди со извонредни менаџерски способности.
1. Ве молиме да направите темелна проценка на моменталната состојба на Градска болница Куманово. Особено ги интересира нашите читатели за грижата на пациентите, опремата со која располагате и севкупната оперативна ефикасност. За да не дојдеме во ситуација „пациентот да го носиме за Скопје“.
Со оглед на тоа дека Општата болница Куманово е болница од секундарен карактер, секогаш постои опцијата пациентот да го носиме за Скопје. Еден ден ако прераснеме во Клинички центар – терциерно здравство, верувам дека носењето на пациенти ќе се минимизира. Да се надоврзам на почетокот на Вашето прашање. Широк е дијапазонот на нашето делување – како новитет во изминатите месеци и по извесен период на стагнација, се вршат офталмолошки операции (очно одделение), покрај гастроскопија се работи и колоноскопија (интерна амбуланта), доплер на крвни садови – ги врши лекар дерматовенеролог, а од овој месец започнуваме и со доплер на каротиди, прегледи кои до сега пациентите ги реализираа во приватни клиники и интернистички амбуланти. Всушност, за секој од одделите при ЈЗУ Општа болница имаме што да кажеме до каде сме и кои се следните чекори, но во тој случај би требало да изостанат остатаните прашања од интервјуто. Сакам да истакнам дека како менаџер сум отворена на секој вработен, но и за секој пациент. Особено ме засега професионалното однесување и воспоставена работна дисциплина. За да се усогласи работата на матичните лекари и лекарите од болницата, на моја иницијатива се одржа и состанок со цел усогласување и навремена услуга на пациентите. Надвор од прашањето, ја користам оваа прилика да потенцирам дека Брза помош не е дел од болницата, туку е дел од Здравен дом (Уред), затоа што сметам дека на голем дел од граѓаните тоа не им е познато.
2. Со какви финансиски предизвици моментално се соочува болницата? Какви буџетски кратења имате и дали истражувате нови текови на приходи, како што се на пример побарувања на дополнителни средства од владини или приватни извори?
Главен извор на финансирање на болницата е Фондот за здравство. Моите видици се широки и опфаќаат реконструкција на повеќе објекти, како и набавка на повеќе апарати, но за реализирање на истото, неминовно е зголемување на буџетот со кој располагаме. Секако не изостанува опцијата од донации и спонзорства. На тој начин делумно го уредивме болничкиот двор, набавивме нови медицински, како и униформи за немедицински кадар (техничка служба и служба за обезбедување), по повеќе од десет години, обезбедивме беџови за идентификација, после изборниот период ќе адаптираме ВИП соба на акушерскиот оддел, пристапи на инфективно и ушно одделение, приспособување на ЕХО кабинет за деца, отварање на амбуланта исклучиво за тироидна жлезда –што подразбира и нов ехо апарат за тироидна. Како новитет би очекувале и отварање на Центар за ментално здравје, како и дијагностика за остеопороза. Веќе е доставен проект до невладина организација за реконструкција на кујната и пералната. Во подготовка е и проект за реконструкција на објект што во моментов не е во функција, а би го намениле за физикална медицина и рехабилитација, со што работата ќе се одвива во две смени, за да опслужи поголем број на граѓани. Во тек е и акција на Ротари клуб од Куманово, од која средствата ќе бидат наменети за реновирање на детскиот оддел и набавка на апаратура за истиот.
3. Ве молиме да ги оцените тековните извори на човечки ресурси за да ги убедите граѓаните на Куманово дека тие се усогласени со потребите на болницата. Притоа, зборуваме и за морал и за програми за обука за подобрување на вештините на постоечките членови на персоналот.
Ако кажам дека во моментов болницата има речиси 700 вработени, ќе кажете – о, па тоа е многу…сепак не е така, бидејќи покрај Куманово опслужуваме шест околни општини. Во изминатиот период има одлив на кадарот, што поради иселување, што поради пензионирање на веќе постоечкиот кадар. Добро е што покрај себе имам добар менаџерски тим, па настојуваме работата да се одвива непречено. Очекуваме после изборите да реализираме нови вработувања. Знаете, сите служби ќе може да се изменаџираат и да функционираат, но ако се доведеме во ситуација да недостигаат лекари тоа би било mission impossible, бидејќи лекарите се носители на дејност. Кога се во прашање обуките за вработени, сакам да истакнам дека ЈЗУ Општа болница е акредитирана установа и согласно тоа ние сме должни да реализираме обуки, но и предавања. Ги поддржувам сите вработени кои бараат едукација, тоа е неминовно ако сакаме да следиме стандарди и новитети. Работам и на полето на умрежување со болници од регионот, за да можат наши вработени да поминат обука во некоја од нашите соседни земји. Ако нешто ме разбеснува тоа е моментот кога ќе слушнам поплака од пациент поради несоодветно однесување на персонал. Токму поради тоа настојувам да обезбедам обука за комуникациски вештини за секој еден вработен во болницата. Сите треба да бидеме свесни дека граѓаните доаѓаат во нашата установа кога имаат мака. Здравјето е нешто што нè засега сите и затоа треба да ја подигнеме емпатијата на едно повисоко ниво кога ги даваме нашите услуги.
4. Како се справувате со имплементирање на практики засновани на докази, подобрување на мерките за контрола на т.н клиничка бактерија (за која постои основано сомневање дека е всушност извор на Ковид и други вируси), намалување на времето на чекање и подобрување на резултатите на задоволството на пациентите?
Во болницата согласно законските норми постои и функционира Комисија за интрахоспитални инфекции, во која покрај наши вработени, членови се и лекари од Центарот за јавно здравје. Се вршат редовни контроли и проверки, а целиот персонал е подложен на континуирани и редовни систематски прегледи, со цел детектирање на евентуално присуство на бактерии. Во однос на разграничување на вирусна од бактериска инфекција веќе во јуни оваа година нашата лабораториска дејност ќе започне со работа на нов апарат кој за неколку часа дава резултат дали кај инфицираното лице се изолира бактерија или вирус. Со овој апарат ќе се намали непотребно препишување на антибиотска терапија, поточно давање на соодветна терапија.
5. Барате ли можности за соработка со други здравствени организации, групи во заедницата и владини агенции за справување со заедничките предизвици и подобрување на испораката на здравствена заштита во заедницата?
Болницата е во тесна соработка со Министерството за здравство. Ние сите согласности и барања ги имаме првенствено од Министерството. Веќе напоменав дека сме отворени за соработка со секоја организација која покрај тоа што ќе биде наш пријател, ќе биде бенефитна не само за персоналот, туку и за пациентите. Во соработка сме со повеќе општествено одговорни компании, невладини здруженија и организации. Во изминатите неколку месеци добивме донација од Исламска Верска Заедница, од Здружение Коло Српских сестара, Фондација Дарио Петровски, Ротари Клуб Куманово, повеќе приватни стопанственици. Сепак очекувам листата на пријатели да се зголеми. На дел од прашањето одговор е и во горенаведениот текст. Би сакала да истакнам дека за овој неколку месечен период додека сум на менаџерска позиција на мое големо задоволство, со особена почит кон постарата популација, првиот меморандум за соработка го потпишав со Здружение на пензионери од Куманово, а членовите на здружението добија услуга за бесплатно психолошко тестирање за деменција. Соработуваме, односно веќе се имплеметираа работилници со дечиња од градинка „Ангел Шајче“. Практикуваме предавања за превенција и во сите основни и средни училишта во градот. Инаку за соработка со други здравствени установи, на ниво на Република Северна Македонија постојано има обуки токму за таа цел. Минатата недела присуствував на еден таков настан наменет за менаџерите, а за подобрување на условите во болниците, организиран од СЗО. Сепак, според мене, буџетите се клучни за да знаеме како да делуваме и што да направиме.
6. По што ја паметите Флора Краут?
Се сеќавам на Флора Краут. Знаете веќе, нашиот народ е секогаш подготвен за критика, па за нејзиното име се слушаа и позитивни и негативни критики. Флора беше актуелна пред дваесетина години, кога мојот фокус беше насочен во друга насока, но ја знам како хуманитарка, која обезбеди во тоа време голема донација. Следејќи ја нејзината приказна веќе поставив прашање на лице кое е отселено во Германија: – Зошто да не бидеш втората Флора Краут?
За крај, би се заблагодарила на поканата на Плоштад и Вашата иницијатива граѓаните да се доближат до нашата установа. Ќе повторам дека сум отворена и достапна за сите, со единствена цел – да се зголеми задоволството на граѓаните како наши корисници.
И ќе бидам искрена, кога ме поканивте да бидам Ваш гост, неколку дена размислував за Мојата азбука 🙂 …. веројано некој следен пат …
Р.П.