Што, всушност, претставува понудата за соработка од Универзитетот на Флорида за локалитетот Градиште во Бислимска Клисура и колку ваквите заеднички проекти придонесуваат за популаризирање на нашето културно наследство?
Понудата е резултат од претходна комуникација што ја имаме остварено, а е иницирана од интересните и изненадувачки откритија кои ги направивме последните години преку археолошките истражувања. Партнерството се состои во организирање на универзитетски археолошки камп од десетина студенти од САД кои би се приклучиле на истражувањата на НУ Музеј Куманово во 2026 г., а се предлага и натамошен развој на проектот преку вклучување на поголем број специјалисти од повеќе дисциплини во истражувањето, како и размена на студенти, доколку постои интерес кај нашите образовни институции. Моментално, Универзитетот работи на овој принцип во Италија, каде што проектот завршува во 2025 г.
Инаку, проф. Флорин Курта е еден од водечките истражувачи на раниот среден век, познат по книгата “Создавањето на Словените/ Making of the Slavs” издадена на Кембриџ, каде што ја преиспитува и негира т. н Голема преселба на народите и сфаќањето на Словените како компактна етничка целина.
Обединетата македонска дијаспора веќе е заинтересирана да се приклучи и да ја подржи иницијативата преку повеќе програми кои има можност да ги спроведе како организација, независно од универзитетската програма.
И не, не постои никаква можност за крадење на историјата, напротив, проектот претставува партнерска соработка со еден од најголемите светски авторитети за средниот век, која ќе резултира со популаризација на културното наследство со кое располага кумановскиот регион. Можностите за размена на студенти како и другите програми кои ни се нудат, може само да ѝ помогнат на нашата држава. Впрочем, сите поголеми локалитети во соседните земји се работени со помош на странски експерти, кои, освен што располагаат со финансии, помагаат и со зајакнување на институционалните капацитети, како преку опрема, така и преку размена на знаења.
М-р. Марија Миљуш-Божурска
директор на Национална установа Музеј – Куманово