Екипата на ФК Форца од нашиот град, која се натпреварува во првата футсал лига на Македонија, оваа сезона играше во извонредна форма и на три кола пред крајот на првенството стана шампион на Македонија, а воедно и прва екипа од нашиот град што успеала да ја освои оваа титула. Во моментотв екипата е една од најдобрите спортски екипи од градот, за што зборуваат и досегашните резултати, па така екипата по 15 одиграни кола во првенството на Македонија е на чело на табелата со исто толкав број на победи и импозантна гол разлика од 127 дадени и само 25 примени голови.
Дека станува збор за навистина организирана и многу силна екипа зборува и податокот дека во моментот од футсал екипата на ФК Форца за футсал репрезентацијата на Македонија играат дури петмина фудбалери, што само по себе ја потврдува тезата дека без ниту малку претерување се работи за многу добра и многу квалитетна екипа.
Сега засега мал хендикеп за екипата на ФК Форца е недостигот, односно немање на спортска сала во градот бидејки станува збор за мал фудбал, спорт што се игра исклучиво во затворени спортски сали поради што екипата засега е приморана своите натпревари како домаќин да ги игра надвор од градот. т.е. во спортската сала во селото Слупчане, (каде што екипата е извонредно примена), но од управата на клубот се надеваат дека со завршување на спортската сала во Куманово и овој проблем ќе биде надминат, па така своите натпревари како домаќин ќе ги игра на домашен терен во Куманово. Освен потреба за спортска сала во градот, тимот на ФК Форца има потреба и од поголем финансиски клубски буџет, што се разбира, му е потребен за да може да го одржува високото ниво на квалитетот, за што во моментот управата на клубот вложува големи напори во иднина и овој проблем да биде надминат, а за кој што проблем екипата има добиено и цврсто ветување за помош и од страна на локалната самоуправа на градот.
Со освојувањето на титулата првак на Македонија, екипата на ФК Форца обезбеди и излез во Европа, со што автоматски се стекна со правото да настапува и на меѓународни натпревари и тоа во лигата на шампиони на Европа, што за љубителите на оваа игра од градот во иднина ќе претставува голема и ретка прилика да гледаат и меѓународни натпревари.
Инаку, освен во првенството, екипата на Форца бележи успех и во купот на Македонија каде што стигна до полуфиналето и каде што во завршницата што следи по завршување на првенството ќе се обиде со евентуален успех да се закити со таканаречената дупла круна што ќе биде за прв пат во историјата на кумановскиот фудбал една футсал екипа од нашиот град да стане првак на државата, но и освојувач на купот.
Газменд Хисеини, тренер на екипата :
„Нашиот клуб е формиран 2015 година од моја страна заедно со управниот одбор од четири членови. Според мене, за да стигнеме до овој успех и овие резултати како најзаслужни во прв ред се нашите спонзори кои што ни овозможија да дојдеме до овие резултати со ангажирање на неколку квалитетни и врвни фудбалери кои настапуваат и за нашата футсал репрезентација. Секако дека голема заслуга за досегашниот успех имаат и сите фудбалери, стручниот штаб и управата на клубот, а вреди да се спомене и големата заслуга на нашата верна публика која на секој натпревар ни дава максимална подршка.
Искрено се надевам дека овој наш успех ќе продолжи и во наредниот период, а тоа значи дека сите нас нè очекува уште поголем ангажман и уште поголема посветеност кон нашите обврски“.
Т.Д.