Почетна ГОСТИНСКА СОБА Писателката која создава калеидоскоп од натамошни упатства за читање и размислување –...

Писателката која создава калеидоскоп од натамошни упатства за читање и размислување – Оливера Ќорвезироска

Таа е книжевен критичар и есеист, чија лингвистичко-наративна трамбулина е кумановскиот дијалект. Застапена е во многу антологии, и дома и во светот, преведувана на многу јазици, а нејзиниот роман за деца „Кифличката Мирна“ е изборна лектира за 3 одделение. Имаме чест да ви ја претставиме врвната писателка Оливера Ќорвезироска.

1. Вашето пишување беспрекорно „се лизга“ помеѓу литературата за возрасни и за деца, нудејќи богати наративи за двете публики. Што Ве привлекува да пишувате низ овие различни жанрови, и како соодветно го прилагодувате Вашиот стил на пишување?

Не се доживувам себеси како автор кој подеднакво пишува за деца и за возрасни. Имам неколку книги за деца и малку повеќе – книги за возрасни. Не решавам однапред што (и за кого) ќе пишувам, тоа се спонтани творечки одлуки. Најважна ми е идејата, она што целосно ќе ме окупира, па, зависно од неа, секако дека го прилагодувам пишувањето, реализацијата на идејата. Жанрот е „облека“ за книжевноста, не и нејзиното „тело“. Метафорично кажано, шијам различни облеки секогаш за истото тело. Книжевната критика и есеистика е нешто што константно го работам и можеби токму тоа е врската помеѓу едното и другото, помеѓу моите книги за деца и оние за возрасни; врска помеѓу читањето и пишувањето, всушност.

2. Многу читатели и критичари сметаат дека од литературата правите живот и обратно. Можете ли да споделите малку за Вашиот процес на развој на ликовите во Вашите раскази и како им вдишувате живот на страницата?

Luxury Catering Service

Да, сакам книжевно да работам со својот живот. Автобиографската фикција, конфабулирањето се мои омилени раскажувачки стратегии. Земам конкретен реален настан или човек и од тоа тргнувам кон фикцијата. Моите ликови често имаат прототипови во реални личности, но во книгите тоа престанува да биде важно, зашто во текст ги пресоздавам во нешто што не се или што не биле никогаш. На раскажувањето гледам како на коректив, на подметнувач на фикција под перницата на вистината.

3. Вашата проза често носи длабоки теми под површината („Две перници“), резонирајќи со читателите на повеќе нивоа. Дали би можеле да разговарате за тоа како пристапувате кон вткајување на овие подлабоки пораки во Вашите приказни без да ја жртвувате вредноста на забавата?

Во длабокото најдобро се плива, мислам дека длабочината е сон на секој пливач. „Две перници“ е книга за мајка ми во основата, тоа е носечката идеја што сакав да ја воспоставам во овие циклични раскази. Организирани се во два по два расказа во посебни циклуси, и таа двојност може да биде во различни парови: живот-смрт, мајка-дете, тага-радост…

Забавата во или од книжевното писмо не ми е фокус на интерес. Повеќе претпочитам скриени длабоки пораки за широка идентификација или барем за блискост со читателите.

4. Како писател, веројатно сте наишле на моменти на креативен блок или сомнеж во себе. Како се движите низ овие предизвици и дали имате совети за идните писатели кои се соочуваат со слични битки?

Секако, блокадите и сомнежите се природни состојби при пишувањето, но тие се и некаков двигател, негативен, но сепак поттик да се работи што подобро, што попредадено. Не сум од оние писатели кои пишуваат секој ден, не гледам така на креативниот процес. Пишувам интензивно кога знам што точно сакам да напишам – кога морам да го правам тоа, кога идејата узреала и или ќе се обере или ќе пропадне, ќе скапе… Од друга страна понекогаш постојат и големи временски паузи од една до друга моја книга, но тоа лично не ме плаши, зашто некои овошки бавно узреаваат, некои никогаш и не узреваат, пресушуваат уште зелени. Континуитетот во книжевната работа го одржувам со читањето за кое отсекогаш сум сметала дека е база на пишувањето. Читам постојано, а пишувам тогаш кога едноставно морам да го направам тоа, зашто извесна идеја ме опседнала. Единствен совет за млади, идни писатели ми е само тоа: да читаат. Постојано и што повеќе да читаат, и тоа и кога можат и кога не можат да пишуваат. Пишувањето мора да произлезе од читањето, никако не обратното.

5. Родена сте во Куманово, хуморот ни е вроден и тој може да биде моќна алатка за решавање на сложени или чувствителни теми. Како го користите хуморот во Вашето пишување за да се справите со прашања како што се идентитетот, различноста или социјалната правда?

Родена сум и и порасната во Куманово, „куде болницу“. Куманово е белег, печат не само за мене како човек, туку и за моето книжевно писмо. Хуморот не знам дали го сочував во своите книги, но духот и духовитоста на кумановското поднебје се надевам дека ги имам. Кумановскиот дијалект е она што мислам дека е мошне битно за моето раскажување. Секако дека не пишувам на кумановски, туку на стандарден македонски јазик, но кумановскиот дијалект е мојата лингвистичко-наративна трамбулина од која отскокнувам кога сакам да го видам светот, особено јазикот во најширока смисла, не само како средство за пишување. Напишав роман за Куманово со наслов, дијалектен збор – „Аб’т“ и во него мислам дека конечно го дефинирав својот однос кон јазикот, кон градот, кон животот,.. својот идентитен, зашто за мене јазикот е идентитет. Во „Аб’т“ раскажувачки мислам дека конзервирав многу кумановски зборови што се мој дом, моја препознатливост, мое место во светот.

6. Вашите книги собраа и критичко признание и посветена база на обожаватели. Кој беше најизненадувачкиот или најнаградувачкиот аспект од авантурата наречена писател досега?

Наградите се значајни за книгите и придонесуваат за нивната видливост, но сметам дека не смеат да им бидат врвна цел на писателите. Не се пишува за награди и признанија, ако дојдат – супер, ако не – пак е во ред. Пишувањето треба да си го врви својот пат и со и без награди. Како да не биле и кога биле, но зошто да не, и како да биле и кога не биле.

Ја имам добиено наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра прозна книга за „Сплетени раскази“, мојот роман за возрасни „Заклученото тело на Лу“ беше во најтесен избор за наградата Роман на годината, ги добив речиси сите награди за расказ во земјава, некои и повеќекратно. Среќна сум што сум застапена во многу антологии, дома и во светот, што моите раскази се преведени на десетина јазици, некои мои книги излегоа и на други јазици, што мојот роман за деца „Кифличката Мирна“ е изборна лектира за 3 одделение… Но најсреќна сум, сепак, кога ќе ми пише или ќе ми пристапи читател што не го познавам, а во зборовите или во очите ќе му видам дека му се допаднало или го допрело тоа што го прочитал од мене.

7. Дали би можеле да ни поминете низ еден типичен ден во Вашата рутина за пишување и дали имате некои чудни навики или ритуали кои помагаат да ја поттикнете вашата креативност?

Читателите, повеќе или помалку, отсекогаш ги интересирале нештата зад текстот, нештата поврзани со обичниот живот на писателите и тоа е сосем природно. Не го мистифицирам пишувањето, не ми треба специјални простори, услови за да пишувам. Најчесто пишувам дење, не ноќе, најголемиот дел од своите книги ги имам напишано во кујна. Кога ќе почнам да пишувам конкретна книга, таа веќе ми е готова во главата, така што самиот процес на пишување / чукање трае релативно кратко. Не смислувам, домислувам, премислувам, не импровизирам премногу додека пишувам, повеќе го „препишувам“ она што веќе ми е готово во главата. Не пишувам континуирано од почеток до крај, туку одделни парчиња кои потоа ги составувам во целина. Процесот на составување, на монтажа на парцијално напишаното ми е можеби највозбудливиот дел од писателската работа.

8. Кога Вашите ликови би можеле да скокнат од страницата и да ви се придружат на еден ден, што би направиле заедно?

Би сакала заедно да отидеме во Куманово, зашто најголемиот дел од моите ликови, вака или онака се кумановци. Поточно, би сакала да отидеме во болничкиот круг и да поседиме на тревата, да се прошетаме по улиците што веќе ги нема и да се напиеме кафе во некоја куќа, слаткарница, кафеана… што одамна не постои на ниедна мапа, освен на мапата на моите сеќавања. Или измислици.

Р.П.