Почетна Спорт Ветеранките на ЖРК Куманово сеуште активни на кумановската ракометна сцена

Ветеранките на ЖРК Куманово сеуште активни на кумановската ракометна сцена

Дека ракометниот ген не изумира така лесно, покажува примерот со поранешните ракометарки на ЖРК Куманово, кои и покрај таканареченото брзо темпо на живот кое нè совладува сите подеднакво, успеваат да опстанат на ракометната сцена, како во нашиот град, така и пошироко, вон границите на државата.

Ветеранките на ЖРК Куманово, кои сега функционираат како Здружение на ракометни ветеранки на Куманово, се само уште еден класичен пример дека љубовта и страста кон спортот, во случајов ракометот, сеуште се оној двигател што поттикнува натпреварувачки дух, пријателство и тимска работа.

Елена Радиќ
Горе: Валентина Крстевска, Викторија Величковиќ, Снежана Таневска, Сандра Симоновиќ
Долу: Валентина Николовска, Николина Михајловска Пеливанова, Марга Петковска

Luxury Catering Service

Станува збор за десетина поранешни ракометарки кои со своето активно играње на ракомет во минатото дале голем придонес за афирмацијата на кумановскиот ракомет, но секако и за афирмација и на нашиот град, што го потврдува и мотото на здружението под кое што тие денеска настапуваат, а кое гласи: „Годините не се пречка. Победи ако можеш, изгуби ако мораш, но не се откажувај никогаш“. Елена Радиќ, Валентина Крстевска, Викторија Величковиќ, Снежана Таневска, Сандра Симоновиќ – сите веруваат во ова мото што како некоја мантра ги спојува на паркетот и кога се во улога на домаќини и кога гостуваат кај своите, пред сé, спортски пријателки.

Што се однесува пак до работата и активностите на здружението тие не се ниту малку  наивни и лесни, па така во врска со нив здружението функционира по предходно донесен план и програма за секоја тековна година во која што календарска година се опфатени сите нивни обврски и активности. Тука, пред сé, спаѓаат организирање и реализирање на тренинзите, организирање и учество на општински, државни и меѓународни турнири каде што секако спаѓа и организирањето на нашиот меморијален турнир за ракометни ветеранки „Јасмина Голубовиќ“ и сето тоа да биде ставено и реализирано во функција на развој и соработка со други спортски асоцијации во земјава и во странство. Валентина Николовска, Николина Михајловска Пеливанова, Марга Петковска, Габриела Арсовска, Катерина Николовска, Сузана Соларска, Цветанка Арсиќ и Бојана Георгиевска (лекар) – се упорни во унитарната идеја да продолжат со натпреварување, давајќи им вредна лекција на помладите ракометарки, но и на сите жени – како се одржува здраво тело, оти во него е и добриот дух.

Се разбира дека за сите овие активности на здружението се потребни одредени финансиски средства без кои што здружението во иднина едноставо не би можело ниту да функционира, за што барем досега локалната самоуправа или поточно општинскиот совет и градоначалникот Максим Димитриевски имаа голем слух , и здружението на ветеранките, секако, им изразува голема благодарност, но во исто време и информира дека без константна финансиска помош од општината здруженито понатаму нема да може да си ги извршува своите зацртани активности при што дури може да биде доведено во прашање и одржувањето на меморијалниот турнир  „Јасмина Голубовиќ“, кој треба да се одржи некаде во средината на наредниот месец  и кој што од оваа година треба да прерасне во традиционален турнир. Турнирот, впрочем, во иднина би требало  да прерасне во голема спортска манифестација која што ќе ги чува и негува најголемите и најдрагоцените човекови начела на пријателство, меѓусебен респект, солидарност и заедништво. Им посакуваме имплементирањето на нивните одлуки да биде според планот, а ние сите да се гордееме со нивниот ентузијазам и елан за постигнување успеси.

Т.Д.