Младите сега се повеќе еманципирани, сестрани и прилагодливи на сите средини поради фактот дека светот се развива и напредува со многу брзо темпо. За разлика од порано, сега имаме многу повеќе ресурси и можности за личен раст и развој, особено кариерен, па затоа на младиот човек тука, еднаш ако му ги затвориш вратите веднаш може да најде друго решение, дури и во друга држава!
Во последен период многу често го слушам зборот млади и фиктивни програми за младите… Најверојатно поради тоа што сме во период на предизборието.
Иако сум самата дел од политичка партија, позицијата таму ја користам да направам некое општо добро за младите, да донесам нова енергија помеѓу моите врсници, трудејќи се да ги мотивирам на секое поле. Од друга страна, го користам овој формат и вака јавно да упатам една порака до сите кои утре ќе стапат на функции – младите никако не смеат да бидат пропаганден и промотивен материјал за пред избори, а по спроведување на истите да се заборави на нивните потреби.
Додека пред една недела студентите на ФИНКИ протестираа зошто немаат сеуште зграда кај да студираат, а пред некој ден и младите лекари поради ниските плати и работа по неколку години без решение – тие кои што треба да ги решат овие прашања одат по конференции, се сликаат по трибини од кои ништо паметно не произлегува, и уште сега почнуваат со своите кампањи, калкулираат со бројките и договараат можни коалиции, тие се истите кои зборуваат за некаков си европски животен стандард на граѓаните. Каков апсурд!
Покрај тоа, загрижувачки момент е огромната бројка на иселени млади луѓе во последните 10 до 15 години и не знам колку политичките лидери се свесни за тоа и за последиците од истото. Како млади луѓе кои што ќе треба да останат тука, да творат, создаваат семејство, да работат и да придонесуваат за државата, се плашам дека ќе нè снема како категорија во општеството во иднина и дека Македонија ќе стане држава на пензионерите – без пензии, како што беше случај во досегашната пракса.
Практикувам да кажам дека е потребно поголема вклученост на младите во креирање на сите општествени процеси, младинскиот активизам да биде подржан од секој кој ќе дојде на власт, а не да биде потиснат, дека е потребно да постои едно релевантно тело или нова институција без никакви влијанија што ќе се грижи за подобрување на младинскиот стандард наспроти сите досегашни кои се изјаснуваа како ненадлежни… и добивам одговор, обично од постарите, дека треба да бидеме упорни, трпеливи, истрајни, дека ништо не се добива така лесно во животот и дека порано во „нивно време“ немало ни една младинска или студентска организација, движење или тело и потоа следат обично емотивните приказни како поминале трнлив пат од 10 години за да дојдат до решение за работа.
Во таа насока сакам на сите да им порачам дека младите повеќе не чекаат! Не чекаат, нема да молат и нема да виткаат кичми. Младите сега се повеќе еманципирани, сестрани и прилагодливи на сите средини поради фактот дека светот се развива и напредува со многу брзо темпо. За разлика од порано, сега имаме многу повеќе ресурси и можности за личен раст и развој, особено кариерен, па затоа на младиот човек тука, еднаш ако му ги затвориш вратите веднаш може да најде друго решение, дури и во друга држава!
Од оваа позиција упатувам апел до сите кои ги имаат конците во свои раце под итно во иднина да се преземат соодветни и релевантни мерки за зголемување на наталитетот во Македонија, да излезат од комфорната зона кога се работи за вклучување на младите во сите процеси и да им дадат простор и шанса на секој кој тоа го заслужува според лични компетенции, знаење и вештини, а не според националост. Тогаш ќе можеме да се надеваме на благо подобрување, а сé додека не се преземе никаков конкретен чекор во пракса и само на празно се зборува, истиот тренд само ќе продолжи и нема да се спречи. Луѓе, освестете се!
Мила Петрушевска
Претседател на Клубот на млади при Општинска организација на движење ЗНАМ
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.