Почетна ИНТЕРВЈУ Во оваа држава, каде единствено системско нешто е измамата, не знаеме дали...

Во оваа држава, каде единствено системско нешто е измамата, не знаеме дали некогаш ќе ја видиме правдата

Лидија Димова, поранешна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност

Лидија Димова е со години присутна во македонската јавност, најчесто како експерт за европските интеграции, закони, фондови…, односно за сѐ што е поврзано со Европската унија. Од февруари лани таа е на обвинителна клупа поради „злоупотреба на службена положба, и за измама“, а сето тоа поврзано со европски пари. Тогаш во јавноста беше пласирано обвинение за давање финансиски средства од Програмата за образование Еразмус+, на „фризерница“ и за „тренирање на магариња“. Во исто време Димова тврдеше дека причина за хајката против неа е пријавата што таа, како директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја поднела во 2019 година, за злоупотребени 2,2 милиони евра од програмата Еразмус+. Од 18 март, со неколку написи на порталот нота.мк беа обелоденети сознанијата на Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ, со кои се потврдува она што таа го изнесуваше: во нејзината работа не се најдени незаконски наоди, а Македонија ќе мора да ѝ врати на ЕУ 2,2 милиони злоупотребени евра, точно онолку колку што тврдеше поранешната директорка на Националната агенција.

Сега, кога ОЛАФ ги изнесе своите сознанија, истрагата против Вас станува беспредметна? Или не?

За жал, не. Зачудувачки е што Обвинителството не сака ниту да ги спои предметите. Не сака да види дека проневерата од 2,2 милиони евра е поврзана со нарачаните обвинение против мене. Речиси цела година работевме со мојот тим на откривање на криминалната шема што и ОЛАФ ја потврди подоцна. Обвинителство измислува фиктивни злоупотребени средства, а не сака да види дека станува збор на прогон нарачан исклучиво за заштита на политичка корупција на највисоко ниво. Дури и успесите, како на пример кога се изборив да го добиеме просторот на поранешните канцеларии на Службата за општи и заеднички работи, и ги ребрендирав канцелариите, ги направив пристапни за лица со посебни потреби се спинуваат и инструментализираат за да се прикажат лажни суми на божемни злоупотреби на ЕУ фондови, кои ОЛАФ не ги препозна. Вака излегува дека ОЈО подобро се грижи за ЕУ фондовите од ОЛАФ. Суровите факти се дека сѐ што сторив, сторив со благослов од Брисел преку претходно одобрени годишни програми за работа на ниво на ЕУ.

Luxury Catering Service

Еден од Вашите најблиски соработници од тоа време, Александар Гочев, ја призна вината, а таа е дека го злоупотребил факсимилот што сте му го дале…

Јас никогаш не сум му го дала факсимилот, туку тоа го тврди Обвинителството. Тој самиот го земал факсимилот, кој инаку беше кај други вработени лица. Тврдам дека од мене тој човек никогаш не го добил мојот факсимил. Тоа поведение и украдената каса на агенцијата се факти поради кои овој сѐ уште актуелен истакнат борец на СДСМ е осудено лице. Можеби ОЈО може да даде образложение зошто сега се предлага за сведок овој осуден криминалец кој претходно беше одбиен имајќи го предвид неговиот кредибилитетот.

Во Обвинителството ве водат сите тројца: Вас, Гочев и сметководителката, како да сте група која работела заедно.

Да, тоа е еден од најироничните моменти во овие случаи. За Обвинителството „јас сум му го дала на Александар Гочев факсимилот“ за тој да ги краде вработените. Обвинителството сакаше да направи случај, бидејќи на некого му требаше афера за јас да бидам сменета за да се пуштат плаќањата што ги бев смрзнала по сугестија на Брисел – истите тие плаќања кои ОЛАФ сега вели дека биле криминални, а кои новиот менаџмент на Националната агенција овозможи да се доисплат, за што постојат траги во отворени финансии.

Пред една година или малку повеќе, кога почна хајката против Вас, се пишуваше дека сте давале европски пари за „фризерница“ и за „тренирање магариња“. Кога се спомнуваат „магарињата“, има една Ваша изјава, која звучи малку збунувачки. Од една страна велите дека „никој нормален во Европа не дава пари за тренирање магариња“, а веднаш потоа, дека проектот со магарињата добил награда од Еразмус+, како најдобар во средното стручно образование. За што, всушност се работи, за каков проект, и дали спомнувањето на магарињата е обид за банализација на она на што тој се однесува? Зошто е добар, штом е награден, и зошто е контроверзен?

Едноставно, јас морав да бидам сменета за да се исполнат нечии очекувања. Најлесно се прави тоа во спрега со новинарите. Ако размислите малку, здравата логика затајува овде, но тоа е тоа. Таму се тврди дека јас сум давала европски пари за тренинг на магариња. Зошто е ова спорно? Прво, јас не ги давам парите! Има три нивоа на евалуација и во ниту еден момент јас не сум вклучена. Се обидов тоа да го објаснам на прес-конференција, но попусто. Второ, проектот беше на Земјоделското училиште од Кавадарци, за да одат учениците на фарма за магариња во Хрватска, и да учат како се прават производи од магарешко млеко – сирења, сапуни, козметика итн. На тоа се однесува тренингот! Следната година тој проект беше прогласен за најдобра практика и сите заборавија на моето линчување. Во Еразмус+ постои нешто што се вика Повелба на средни стручни училишта. Ако некое училиште ги исполни условите за добивање на Еразмус+ Повелба, тогаш секоја година Агенцијата му дава пари по автоматизам. Тоа е правило на Еразмус+. Таа повелба им гарантира средства, и нема никаква врска со мојата волја, или волјата на некој друг овде.

Во некои Ваши изјави во последниве денови изнесовте прилично тешки обвинувања против високи членови на Владата и на најголемата партија во владејачката коалиција. Во таа Влада и во таа партија членуваа и сѐ уште членуваат луѓе кои може да се наречат „Ваши деца“, од времето кога бевте директорка на Македонскиот центар за европско образование.

Точно е. Се покажа дека сум била лош „кадровик“. Пренесено ми е дека во повеќе пригоди за мене се зборувало дека сум била „LIABILITY“, употребувајќи го баш тој англиски збор, еден мој поранешен колега од МЦЕО, а денес функционер сака да каже дека јас сум чувствителна точка, дека нема да бидам послушна, и оти може да бидам ранливото место за СДСМ. Е па, да… јас сум liability, затоа што имам своја глава, размислувам со сопствениот ум, и не прифаќам инструкции од партиската централа, ни тогаш, ни сега, ни во иднина.

Македонската јавност за наодите на ОЛАФ дозна во втората половина на март, преку пишувањето на новинарот Александар Методијев и порталот нота.мк, но Вие го добивте нивниот извештај многу порано, во летото 2023-та. Што правевте во овој период од шест-седум месеци?

ОЛАФ во август ми го испрати писмото дека немаат никакви наоди за мене. При изготвувањето на вештиод наод, вештото лице го доби дописот од ОЛАФ за да може да си заврши својата работа, бидејќи покажува дека нема злоупотреба на европски пари. Вештото лице го искористи и го стави во вештиот наод. Не знам од каде дојде документот до новинарот Александар Методијев, но знам дека тој веќе подолго време го следеше процесот.

Според Вашите изјави причина за процесот што сега се води против Вас е пријавата за проневера на 2,2 милиони евра од програмата Еразмус+ што сте ја поднеле во 2019 година. Што поточно утврдивте во таа 2019-та?

Во Националната агенција, меѓу првите работи, направивме проверка за она што се работело во претходниот период. Констатирав дека во делот на училиштата, сите одат на четири-пет места во Европа. Подоцна ми стана сомнително кога видов дека  едни те исти корисници патуваат на истите неколку места. Чекор натаму беше да утврдиме колкав дел од парите што ги има Националната агенција, всушност одат во тие проекти, во тие држави. Откритието беше дека над 70 проценти од буџетот на Еразмус+ се слева на наведените неколку места. Тоа беше доволно да се запали алармот. Се видов со Самуел Жбогар, тогашниот шеф на Делегацијата на ЕУ во Македонија, и му кажав дека има некој проблем, а тој ме охрабри да продолжам да истражувам. Пријавив и во Брисел во годишниот извештај, и оттаму очекуваа да ја продолжам истрагата особено затоа што тогаш се креираше новата Еразмус+ програма.

Дали со тоа завршува интересот на ОЛАФ за случајот?

Отприлика – да. ОЛАФ не се занимава со нашите судски процеси, и единствено што може да направи е да си ги поврати парите. Штом си ги повлечат своите 2,2 милиони евра, запираат со истрагата. Но, очекуваат ние внатре во држвата, со нашите институции да го заокружиме случајот – во овој случај, тие 2,2 милиони евра што некој ги зел треба да ги врати и да плати соодветна казна. Сега е Обвинтелство и судството на потег. Тие ќе следат и ова ќе стане дел од европската интеграција на државата. Може дури да ни стане и бенчмарк-случај. Ние сме имале случај, во времето на првиот директор, кога беше суспендирана македонската Национална агенција поради откриен криминал од 160.000 евра, и што се случи? Тие си ги вратија парите од буџетот на Република Македонија, а дали овдешниот директор одговараше за таа штета? Не. Се плашам дека сега ќе биде истото. Државата ќе врати 2,2 милиони евра од буџетот, а дали тие што го земале парите ќе бидат судени, не може да знаеме. Во оваа држава, каде единствено системско нешто е измамата, не знаеме дали ќе доживееме да ја видиме правдата на виделина. Самиот факт што предметот е четири ипол години во предистрага, исчезнувал од правниот промет, повикува на потреба за зголемена будност на јавноста, за да не ни се случи повторно за криминалот на оваа иста организирана криминална група, преку политичка интервенција цехот пак да го платиме ние граѓаните.

Миодраг Мишолиќ