Во 1984 г. го прави првото „селфи“ што го нарекува автопортрет. Мистерија е дали е подобар како уметнички или како репортерски фотограф. Од штафета на младоста, до секојдневната маестрално фатена експресија на кумановци – тој ја овековечува нашата неподнослива леснотија на постоењето: Марјан Јаневски Шалајко1. На какви значајни промени сте сведок во фотографската индустрија во текот на вашето 40 – годишно искуство и како овие промени влијаеа на Вашиот пристап кон фотографијата?
Што се однесува до техниката на фотографирање, се до појавата на дигиталната технологија колку што беше важена креативноста и уметничкиот пристап во фотографијата, од голема важност беше и техничкиот дел во создавањето на фотографијата како што е изборот на апаратот, објективот изборот на филмот, фото хартијата, хемикалиите и умешноста да се развие филмот и направи фотографијата. Во тоа време професионален материјал можеше да се набави во странство кој беше скап и за секоја снимка требаше подготовка и добро да се осмисли, а крајниот резултат ќе го видиш дури после развивањето на филмот што на некој начин ни претставуваше возбуда. Сега со дигиталната технологија е многу полесно и побрзо, не си ограничен со бројот снимките , резултатот го гледаш во истиот момент и со дигиталните ефекти се корегираат многу работи. Ние уметничките фотографи вистинската вредност ја гледаме токму во класичната фотографија, но за жал тоа е веќе историја и ние мора да бидеме во чекор со времето и креативноста да ја изразиме на поинаков начин за што сведочи и мојата последна изложба за која мотив најдов во стари напуштени, руинирани објекти во чии интересни детали најдов убавина и инспирација.
2. Можете ли да споделите некои незаборавни искуства или проекти од вашата обемна кариера кои оставиле трајно влијание врз Вас, било креативно или лично?
Не можам посебно да издвојам некој проект затоа што кон сите проекти максимално се вложувам и пристапувам професионално. На прво место ми се уметничките фотографии и горд сум на секоја досегашна изложена фотограифја како на многубројните фотографски конкурси така и на моите самостојни изложби или ревијални клубски изложби. Низ мојата долгогодишна кариера имам работено репортерски фотографии почнувајќи од фотографирањето на штафетата на младоста и пристигнувањето на олимпискиот пламен и слободно можам да кажам дека на голем број настани во Куманово како спортски, културени, музички, историски, политички, верски итн сум бил сведок со мојот фотоапарат. Посебно ме импресионираат секојдневните настани и голем број промени што се случиле во градот ги имам овековечено низ фотографијата. Во 1999 година сакајќи да го сочувам начинот на животот и секојдневието во нашиот град фотографирав секојдневно низ целиот град и од тие фотографии успеав да издадам монографија која е отпечатена само во еден примерок.
Горд сум на богатата архива што ја имам за повеќе популарни личности од градот и цела бивша Југославија, но посебно би го издвоил Рединг фестивалот во Англија каде што имав прилика да направам безвременски фотографии од легендарниот Курт Кобеин и бев еден од десетина акредитирани фотографи за време на настапот на Нирвана.
3. Со еволуцијата на технологијата и подемот на дигиталната фотографија,како се движите во рамнотежата помеѓу традиционалните техники и прифаќањето на новите достигнувања во вашата работа? Дали некогаш на Вашите врати стоел натписот „не улази, развијам филм“?
Дури и на нас кои важиме за „стара школа“, еволуцијата на технилогијата знае да ни биде само корисна. Љубител сум на фотографии од старото време и ме воодушевува мајсторството со кои се изработени па често знам да ги дигитализирам и сочувам од времето благодарение на новата дигитална технологија.
4. Со текот на годините,какви лекции научивте за деловната страна на фотографијата,како што се односите со клиентите, маркетинг стратегиите и одржливата кариера на конкурентно поле? Се алудирана кумановци, како луѓе со посебен табиет.
Низ мојата кариера имам работено со многу клиенти на полето на комерцијалната фотографија и имам изработено многу маркетинг проекти како каталози, флаери, календари. Како што и претходно кажав кон се што се однесува до фотографирање пристапувам професионално и настојувам да се издвојам во мојата работа. Така и во делот на свадбените фотографии сум настојувал да оставам свој белег и може да кажам дека прв започнав со студиски свадбени фотографии во колор а подоцна и со фото сесии на младите на различни локации што наиде на добар пример кој и останатите колеги почнаа да го следат. Здравата конкуренција е апсолутно здрава и треба да постои, а, под ова небо има место за сите.
5. Како некој со толку богато искуство, каков совет би им дале на амбициозните фотографи кои штотуку го започнуваат своето патување во оваа област?
Фотографијата не смее да се генерализира како и ниту една друга уметност. Таа им дозволува на луѓето да се „играат“, па, воопшто не би се дрзнувал да советувам некого, особено ако немаме иста почетна точка или крајна цел. Постои само еден универзален совет кон патот на успехот, а тоа подразбира многу работа, љубов кон тоа што го работиш, надоградување и искуство.
6. Зошто за фотографирањето сите мислат дека е хоби кое,доколку не се реализира материјално со сликање на свадби и други веселби, е само една обична пасија?
Тоа не е случај само со фотографијата. Во вид на национално наследство ни е да веруваме дека од уметноста не може да се живее, што и не е далеку од вистината, но, пак ќе кажам, со многу работа, труд, надоградување, едукација и искуство кое доаѓа последователно, чуда се случуваат. Веќе денес, постојат многу фотографи, дури и од нашиот град, кои работат ширум светот како модни фотографи, и тоа е за сериозна почит.
Јас конкретно фотографијата никогаш не сум ја доживувал како работа, па, можеби и затоа никогаш не ми била основен избор за егзистенција, но, тоа не значи дека истата се сведува само на хоби или обична пасија.
7. Ве нервираат ли луѓе кои на јавни места прават „селфи“ и сликаат трпеза?
Не, затоа што и кога не постоеше зборот „селфи“ јас веќе во далечната 1984 год. направив повеќе фотки во овој стил со мојот фото апарат што во тоа време се нарекуваше автопортрет. Благодарение на паметните телефони и еволуција на технологијата, секој има пристап до камера и има право да ја користи по апсолутно лични афинитети.
Р.П.