Лидија Димковска, годинешна добитничка на наградата „Роман на годината“
„Во Словенија сум дел од проектот Поети на сегашноста – Гласови на иднината, чија цела е да се внесе што повеќе современа поезија во средните училишта. Кога гостував во гимназијата во Равне на Корошка не можев да поверувам што сѐ беа подготвиле учениците во врска со мојата поезија: цртежи, графити, музички точки, дури и препев на дијалект. И со нив, но и секогаш кога имам можност да разговарам со младите, се согласуваме во тоа дека програмите за мајчин јазик и литература треба да доживеат радикална реформа: да започнуваат со најсовремените книжевни дела, а да завршуваат со „Илијада“, „Одисеја“, античките митологии и првите поети-амблеми на националната култура. Како што се денес поставени нештата, програмите се прилично здодевни и го убиваат во нив зародишот на љубовта кон литературата“, вели поетесата, писателка и преведувачка Лидија Димковска, која досега има објавено четири романи, седум поетски книги, една збирка раскази и повеќе преводи од романски и словенечки јазик. Нејзиниот последен роман „Единствен матичен број“, објавен во минатата година, неодамна беше прогласен за „Роман на годината“.
Госпоѓо Димковска, најпрво честитки за наградата „Роман на годината“, со напомена дека книжевните награди не се новина за Вас, ги имате добивано и порано, и тоа многу значајни. Обично лауреатите се прашувани што им значат наградите, а јас би Ве прашал дали наградата може да се претчувствува? Дали кога ќе го напишете некое дело, и особено откако ќе стигнат реакциите по објавувањето, може да претпоставите дека тоа ќе постигне успех, кој не е само интимен, за себе, туку и поширок? Тоа значи и успех кај читателската публика.
– Многу Ви благодарам за честитките. Наградата „Роман на годината“ не може да се претчувствува и покрај веќе постигнатиот „успех“, како што го нарекувате, кај читателите. Кога излезе „Единствен матичен број“, кон средината на август минатата година, не бев изненадена од многубројната публика што дојде на промоцијата на романот во Кафе Филхармонија во Скопје, затоа што Скопје има добра публика на промоциите на книгите, а ние автор(к)ите имаме свои верни читатели и читателки. Романот брзо доживеа позитивни критички одгласи, предизвика љубопитство и во медиумите, но најважно од сѐ е што си најде читатели. Додека го врвеше својот пат низ круговите на жирирањето за „Роман на годината“ не бев изненадена што се најде во првите пет. Но, тука престанаа моите очекувања. Можеби затоа што и „Скриена камера“ и „Резервен живот“ своевремено беа во најтесната конкуренција, но не ја добија наградата, па бев сигурна дека истото ќе се случи и со „Единствен матичен број“. За среќа, мошне филмски, телефонскиот повик на комисијата од Скопје во Љубљана го покажа спротивното. Се радувам што „Единствен матичен број“ е роман на годината, бидејќи на тој начин ќе стигне и до оние читатели кои поинаку не би посегнале по него. А издавачкиот центар „ТРИ“ уште пред прогласувањето на добитникот успеа да го продаде првиот тираж и да објави нов. Како што ми рече една книжарка во Скопје – романот сам си се продава. Прочитот на романот е, всушност, најголемата награда.
Една од главните теми на „Единствен матичен број“ е идентитетот, како личниот, така и националниот. Тој збор – идентитет – е еден од најупотребуваните, а и најзлоупотребуваните кај нас во последниве 35 години. Особено кога станува збор за националниот идентитет, гледајќи ги ставовите на некои соседи, причини за сериозна претпазливост секако дека има, но колку е избран вистинскиот начин на одбрана? Кои три (или пет) работи би ги направиле Вие во овој момент, за чувството на идентитетска загрозеност да не биде толку доминантно?
– Одбраната на идентитетот, за жал, стана средство за манипулација и подгревање на национализмот, што одлично го искористија многу политички структури во државата, и секогаш одново го користат преку софистицирано претворање на народот во жртва, дури и кога за тоа нема потреба. Но, на тој начин полесно се собираат гласови, нели? Па така, човек дува и на ладно, односно запаѓа во бранење идентитет и тогаш кога никој не го оспорува. Бранењето на идентитетот од страна на властите стана „леб и игри“, а народот е гладен и страден, и лесно се пали на тоа колку не нѐ сакаат ни Бугарите, ни Грците, ни Албанците, ни Србите итн. Наместо да се занимаваме со далеку попаметни работи (развивање на економијата, на образованието, на културата, одржување на чистата околина …) полесно е да ги обвинуваме другите за нашиот неуспех. Идентитетот треба да се брани со конкретни, позитивни активности, а не со флоскули. Да не зборувам за македонската дипломатија, речиси незаинтересирана за она што е наш најголем адут и единствен извозен производ – културата и уметноста. Ние едвај да имаме по некој преведувач на нашите книги на странски јазици, но и тие што ги имаме нема кој да ги пофали, да ги награди, да ги признае. Што се однесува до прашањето на идентитетот во мојот роман, го преиспитувам врз кожата на конкретни ликови затекнати во фиктивни или реални настани. На пример, во едно кафуле во Никозија лозинката за интернет беше macedoniaisgreak. Бев вчудовидена од тоа дека на некој сопственик или вработен во кафуле може да му текне една таква националистичка лозинка. Не можев да го испијам кафето кога ја прочитав лозинката, тоа беше посилно од мене, што значи дека во човековата природа е (автоматски) да реагира ако некој му го одрекува правото на идентитет. А она што нѐ вчудовидува во реалноста, е одлично за уметноста. Инцидентот, а не правилото ја храни литературата. На мојот животен и книжевен пат речиси никогаш не среќавам личности кои би го оспорувале мојот идентитет. Тоа мора да се навистина радикални националисти. На бугарски јазик имам четири книги, а се преведува и „ЕМБ“, и на моите гостувања таму никогаш не ми се случило ништо непријатно. Но, на саемот на книгата во Лајпциг, пред многу години, еден господин на сцената кажа дека ние, македонските писатели, пишуваме на бугарски јазик. Знаете кој беше тоа? Преведувачот од македонската амбасада во Берлин.
Ние, генерациите родени пред 1980-тата година, во времето на својата младост верувавме дека екстремно лошите работи, како војните, се за нас нешто од минатото или нешто што е далеку (барем на Блискиот Исток). Но, прво се случи војната во поранешна Југославија, а сега и во Украина, со уште поголема разозна сила отколку онаа првата. Колку е таа блиску до нас покажа инцидентот кога заталкана ракета падна во центарот на Загреб, и само поради среќни околности немаше човечки жртви. Гледате ли политичка сила и волја во Европа овие опасности да бидат сопрени и да не се прошират понатаму? На пример, со каков сентимент (оптимизам или песимизам) ги очекувате претстојните избори за Европскиот парламент?
– Да не ја заборавиме и Газа, како една од најголемите хуманитарни кризи, трагедии и срамоти во светот во 21. век, а Украина се чини дека веќе и ја подзаборавивме иако таму сѐ е само полошо, а не подобро. И сите бегалци што сѐ уште бараат пат до своите потенцијални посреќни нови домови, а сѐ уште миграциските политики ги сопираат, казнуваат, враќаат или го завлекуваат нивниот статус (кво) толку долго што ја губат дури и надежта, последното нешто што умира. Популизмот е во таков подем што лично ми е страв кон каде одат светот, човештвото и човекот. Дури и најоптимистичките прогнози за изборите во Европскиот парламент се засенети од некои од националните политики на земјите членки во кои сѐ уште некому не му чини жените да имаат право на абортус, мигрантите да имаат право на покрив над глава, малцинствата да имаат право на признат идентитет, хомосексуалците, трансродовите лица и сите припадници на квир заедницата да имаат право на нормален живот, луѓето, општо, да ги имаат сите човекови права. Мислам дека поединечните политички волји и политики на земјите-членки на ЕУ, различни или слични, се посилни од заедничката цел и стратегија на Европа, иако стандардите сѐ уште им се познати на сите и декларативно се повикуваат на нив. Во реалноста, иницијатива за отворање азилен центар, на пример, наидува на жестоко неодобрување од страна на жителите во повеќето земји од ЕУ. Не сум гледала сѐ уште вести на кои ќе кажат „жителите на тој и тој град со радост ја поздравија иницијативата за отворање азилен центар во нивното соседство, или камп за одвикнување на зависници од наркотици, или дом за малолетни престапници итн“. Човековото право денес зависи од секој потпросечен политичар на власт.
Веќе 20 години живеете во Словенија. Колку таа држава се менува во последните децении? Дали и таму постои тренд на иселување, кој би можел да се смета за загрижувачки, како во повеќето балкански држави: Македонија според последниот попис има 200.000 жители помалку отколку пред 20 години, Хрватска 900.000 помалку од стекнувањето на независноста, Бугарија два милиони помалку од паѓањето на социјализмот, а состојбите се слични и во Босна, Србија, Црна Гора. Како е во Словенија?
– Во 2001 година кога се преселив во Словенија трендот на иселување беше занемарувачки, земјата тогаш цветаше и многумина странци се селеа во Словенија. Денес е поинаку – многумина словенечки доктори, а особено медицински сестри и болничари сонуваат, планираат и гледаат да заминат во Австрија, Германија или подалеку, но и други профили ја наоѓаат својата иднина во странство. Платите во некои сектори се прениски за словенечкиот стандард, па младите не се помируваат повеќе со таквите услови. Исто така, Словенците сакаат да патуваат, и некои и на тој начин ја откриваат земјата од своите соништа. Но секако, не може да се споредува со Македонија, бидејќи Македонија се случува егзодус, особено на младите, кои нема повеќе да се вратат назад. Во последните години во Љубљана толку често насекаде околу мене слушам македонски јазик што се чувствувам како „дома“. Словенија е полна со студенти од Македонија, кои се свесни дека пат за назад нема, туку само пат за напред, кон подобра иднина.
Дали Словенците читаат? Колку е важна литературата, и севкупно уметноста таму?
– Во Љубљана нема речиси ден без некој настан од областа на културата. Буквално секоја вечер може да ја поминете на некое убаво случување. Но, тоа е стандард и во другите главни, па и помали градови низ светот, нели? Книгите се скапи, но затоа пак, библиотеките се царството на книгите. Воодушевена сум од словенечките библиотеки, а ги има насекаде низ државата, во градови и села, а во Љубљана буквално во секоја населба. Модерни се, удобни, тивки, со сите изданија, но и со богата програма за деца, за стари и млади. Особено се посветува внимание на читателската култура кај децата. Знаете дека во Словенија уште од времето на Југославија, односно од 1961 година постои национален проект наречен „Читателска значка“? Целта на проектот е да се поттикнат учениците да читаат што повеќе преку поттикнување со симболични награди (секако, книги) и секако, со нагласена почит кон децата што го прифаќаат предизвикот во текот на една година да прочитаат одреден број книги што ќе ги прераскажат пред наставниците по словенечки јазик. Секоја година во проектот учествуваат стотици илјади ученици. Проектот продолжува и подоцна, преку програмата за возрасни што ја обликуваат токму библиотеките, но веќе се вклучува и во градинките, секако, со помош на родителите. Државата, без разлика кој е на власт, системски работи на читателската култура затоа што е свесна за правилото: еднаш читаел(ка) секогаш читател(ка).
Што мислите за начинот на кој литературата им се приближува на младите генерации кај нас? Дали нешто би промениле образовниот систем кој сега се практикува?
– Многу малку искуство имам со македонските училишта, а не ми е ни познато колку од нашата современа литература е внесена во училишната програма. На меѓународната гимназија во Мастрихт, Холандија, на пример, се обработува мојата поезија, како и во програмите за Креативно пишување на некои американски универзитети. Пред кусо време имав прекрасна средба со студентите по словенистика на Универзитетот во Марибор, а во рамките на меѓународниот книжевен фестивал во Јаш, Романија, ме воодушевија учениците од средните училишта во градот, собрани во сеопфатен читачки клуб – кога влегов во салата, тие веќе ги имаа прочитано моите книги, имаа напишано критики, есеи и осврти за нив, и имаа подготвено безброј прашања. Тоа не беше ад-хок подготовка, туку вистинска, повеќемесечна работа на професорите со нив. Во Словенија сум дел од проектот Поети на сегашноста – Гласови на иднината, чија цела е да се внесе што повеќе современа поезија во средните училишта. Кога гостував во гимназијата во Равне на Корошка не можев да поверувам што сѐ беа подготвиле учениците во врска со мојата поезија: цртежи, графити, музички точки, дури и препев на дијалект. И со нив, но и секогаш кога имам можност да разговарам со младите, се согласуваме во тоа дека програмите за мајчин јазик и литература треба да доживеат радикална реформа: да започнуваат со најсовремените книжевни дела, а да завршуваат со „Илијада“, „Одисеја“, античките митологии и првите поети-амблеми на националната култура. Како што се денес поставени нештата, програмите се прилично здодевни и го убиваат во нив зародишот на љубовта кон литературата. Пред сѐ треба да се соработува со современите автори и авторки за кои младите не ни знаат дека постојат, бидејќи за нив писател(к)ите се обично мртви. Кога ќе се вљубат во читањето, а тоа е полесно да се случи со некој современ автор кој пишува на „нивниот“ внатрешен јазик и за теми што нив ги интересираат, ќе им биде полесно да се справат и со класиците и сето она што го дала книжевноста до 21. век.
Претпоставувам дека сте слушнале за кошаркарот Никола Јокиќ, кој игра во НБА лигата. Пред неколку месеци имаше телевизиски прилог во кој тој зборуваше дека сега, во последнава година ја открил убавината на пишаниот збор и почнал интензивно да чита, а како ученик „не причитал ни една лектира“ J . Кога некој Вас би Ве прашал: „Сакам да почнам да читам, што ми препорачувате“, што би му препорачале?
– Никогаш не е доцна да се започне со читањето, но се надевам дека човек кој поминал низ фазата на основното образование прочитал барем некоја лектира. Да не прочиташ ни една лектира во детските години, а потоа како возрасен да се шеташ со книга в рака пред медиумите, за мене не е некој читачки потфат. Од друга страна, не сум од оние кои веруваат дека треба да се чита сѐ, или што било, само за да се чита. Животот е прекус за да читаме неквалитетна, тривијална книжевност, викенд романчиња, лоши криминалки… Македонската и светската книжевност изобилуваат со одлични автори и авторки, од класици до современи и најмлади. Многу е неблагодарно да се издвојат само неколкумина, но еден почетник читател апсолутно може да почне со лектирите од основното, па преку лектирите од средното, и потоа веќе ќе знае и самиот што да чита. Прочитајте ги лектирите на вашите деца или побарајте ги во библиотека. Јас, лично, би почнала со „Хајди“.
Многу често авторите бараат инспирација во другите уметнички форми: писателите во музиката, сликарите во литературата, филмските сниматели во сликарството… Која е за Вас најблиската уметност до пишувањето проза и поезија?
– Убаво прашање, Ви благодарам. Инспирацијата најчесто ја барам во животот, во светот, во реалноста, во историјата, во постоењето како онтолошки, гносеолошки и (мета)физички акт на свеста. Уметноста ми дава сили за да ми гори фитилот на инспирацијата до крајот на создавањето, уметноста ме држи будна, отворена, љубопитна и силна за да ја создавам сопствената уметност, пишувањето. Ги обожавам театарската, ликовната и филмската уметност, но им се восхитувам и на архитектурата, на музиката… На сите патувања не пропуштам да ги посетам музеите на современата или на старата уметност, тековните изложби. Тоа го правам и кога сум во Скопје. А сепак, најмногу од сѐ ја сакам книжевноста и со неа живеам секојдневно. Флоскулата – книгата е најдобар пријател – за мене е отелотворена реалност, и книгата навистина ми е најдобра пријателка.
Работите ли на нешто ново во моментов? Претпоставувам да, но колку е тоа блиску до финализација и кога може да го очекуваме Вашиот следен роман или поетска книга?
– По објавувањето на „Единствен матичен број“, пред сѐ препејувам романска и словенечка поезија на македонски јазик, откако го завршив преводот на прекрасната сликовница за деца „Беззборовната Ела“ што деновиве излезе во издание на „Чудна шума“. И сама размислувам за книга за деца, и тоа подолго време, а понекогаш помислувам да напишам и драма. Стиховите се забележуваат сами, среде дневничките записи. Кај мене процесот на пишување е пред сѐ процес на размислување, измислување, истражување, преиспитување, на создавање на делото во умот и душата, а дури потоа следува физичкиот чин на пишување.
Миодраг Мишолиќ
Фото: Саша Ковачевич