Почетна ЕДНО ПРАШАЊЕ ЕДЕН ОДГОВОР Министерството за одбрана мора дроновите да ги стави на врвот на приоритетите

Министерството за одбрана мора дроновите да ги стави на врвот на приоритетите

Сеад Ризвановиќ, новинар и воен аналитичар

Најмногу го знаеме Сеад Ризвановиќ како новинар во информативнта редакција на „24 телевизија“, а во последниве години, преку серија текстови со воена проблематика, покажува дека сѐ повеќе израснува и во сериозен воен аналитичар. Тоа беше причината да го прашање за неговите размислувања во врска со безбедноста на Македонија.

Војната во Украина, разурнувањето на Газа, терористичкиот напад во Москва, серијата од воени удари во Африка, како и порастот на популизмот во Европа, кој без исклучок се темели на ксенофобија и национализам, сериозно ја зголемуваат загриженоста за безбедноста на целиот континент, па и на нашиот регион. Каде сме ние од аспект на безбедноста? Прави ли Македонија нешто за да се заштити од евентуални безбедносни предизвици, или тоа целосно го остава на колективните системи, пред сѐ на НАТО?

Во однос на одбраната или резистентноста од надворешни предизвици, какви што се на пример војната во Украина или судирите на Блискиот исток, Македонија системски се потпира на неколку безбедносни столба. Прво се разузнувачко -безбедносните агенции: Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнување, а потоа и останатите компоненти од безбедносниот систем, како што се МВР и АРМ. Се разбира дека членството во НАТО обезбедува најсилна заштита од такви надворешни предизвици, бидејќи во основа тоа е и основната задача на колективната безбедност, да ги заштити своите членки, пред сѐ од надворешни влијанија и закани. Додека кај разузнувачките агенции немаме доволно податоци за нивната работа за заштита од надворешни влијанија, гледаме дека АРМ како столб на вооружените сили, кој треба да нѐ штити од надворешни закани забрзано се доопремува со западни вооружени системи, каде очигледно акцент се става врз мобилноста и делувањето од далечина (оклопните транспортери од САД, хеликоптерите од Италија, артилериски системи од Турција итн.). АРМ исто така активно учествува во мисии на НАТО веќе со децении. Така може да се каже дека Македонија користи комбинација од своите капацитети, но потпирајќи се и врз колективната безбедност на НАТО за заштита од евентуални безбедносни предизвици предизвикани од глобални закани. Според мене главен проблем во оваа стратегија е недоволната координација помеѓу македонските безбедносни институции, и освен Советот за безбедност на претседателот, не постои тело, орган или агенција, која би ја координарала работата на сите безбедносни структури.

Luxury Catering Service

АРМ има стратегија за развој согласно членството во НАТО, и последните набавки на Министерството за одбрана во тој поглед соодејствуваат со плановите за опремување на лесна пешадиска бригада како декларирана единица за учество во операции на НАТО. Но, мене ме загрижува недоволниот акцент кој македонските планери го ставаат врз улогата на дроновите (беспилотните летала) во современите војни. Имено, доколку ја анализираме војната или војните помеѓу Азербејџан и Ерменија, и актуелната војна во Украина ќе видиме дека дроновите станаа незаменлив дел од современите конфликти. Тоа е особено видливо во Украина, каде освен беспилотните летала, особено е важна и улогата на беспилотните пловила, а во помала мерка и на копнените автономни системи. Руската агресија врз Украина ни покажа дека современа војна, конфликт или ограничен судир нема да бидат можни без употреба на беспилотна технологија, дали во извидувачки или во борбени дејствија, и тоа мора да биде ставено како приоритет за развој на македонските вооружени сили. Не знам каква е состојбата во однос на дроновите во АРМ, но знаеме дека МВР имаше оформено беспилотна единица, која потоа се расформира од непознати причини, и според моите информации дел од луѓето кои работеле на тоа поле се превземени од израелската компанија, која ги донесе дроновите во Македонија, за да работат во други земји. Згаснувањето на таа единица е голема стратешка грешка на МВР, бидејќи тие беспилотни летала можат да се употребат во низа на задачи: спасување, пронаоѓање, мониторинг итн, односно не се предвидени само за борбени дејствија. Според информациите фабриката за оружје во Македонски Брод е превземена од приватен инвеститор, и како што беше кажано таму меѓу останатото ќе се произведе и првиот македонски дрон. Но тоа се најави, кои доколку и да бидат остварени не значат дека АРМ ќе ги добие тие летала. Министерството за одбрана мора во моментов дроновите да ги стави на врвот на приоритетите, при што треба да се опремат и наставни и обучни капацитети, за да се обезбеди кадар и стратегија за употреба на тие летала. Едноставно, со развојот на технологијата, а особено со вештачката интелигенција современите конфликти стануваат многу технолошки понапредни, и македонската одбрана мора да држи чекор, но мораме да се обидеме и на сојузниците во НАТО да им дадеме некаква додадена вредност, а не да се помириме со девизата дека како мала земја не можеме многу да смениме.

Кога зборуваме, пак, за улогата на останатите системи во одбраната: артилеријата, ПВО или противоклопните средства, акцентот мора да се стави на еден сегмент – прецизност. Начинот на делување и организираност на артилеријата, без разлика дали се работи за класични системи (хаубици, влечни или самостојни), или повеќецевни ракетни фрлачи, мора да се работи за системи со прецизно наведување. Војната во Украина го покажа тоа, дека еден систем со прецизно наведување и со погoлем домет (Himars) покажува квалитативна разлика над сличните руски системи и дава огромна предност над непријателот. Затоа АРМ мора да се сконцентрира на осовременување на сите артилериски системи, на противвоздушната одбрана и на лесните противоклопни системи (Javelin), (Carl Gustaf), со што армијата би можела да настапува самостојно со останатите НАТО армии на било кое боиште.

М.М.