Почетна РЕТРО Алексиевски- Октетот на нашиот живот му даде поинаква димензија (2)

Алексиевски- Октетот на нашиот живот му даде поинаква димензија (2)

РЕОБЈАВА

Ние бевме миленици на градот

Многу пријатни моменти, чувство на незаборавност и детали кои укажуваат на тоа дека Куманово тpeбa да се гордее со посебноста нa еден хорски состав кој остави извонредно музички белег. И по толку години сепак спомените се сведок за убавината на едно музичко егзистирање, кое и денес претставува пример и за наредните генерации. Разговор со доктор Славчо Алексиевски за еволуцијата на „Октет Куманово“.

Револуција од спомени на едно динамично време

– Генерално тоа време претставува збир од сите моменти кои беа дел од едно извонредно дружење. Со музика, со песна, со забава ни минуваа деновите, а ние бевме сведоци на едно поинакво и многу убаво доживување – објаснува доктор Славчо Алексиевски. Но, за жал, еднинствено нешто кое беше тажна страна е загубата на некои членови кои веќе ги нема. Голем губиток за октетот е Миодраг Божиновски – Мичо. Тој го создаде октетот и октетот го создаде Мичо. Тоа е животот- додава со силни емоции Алексиевски.

Тој додава дека годините поминати во октетот претставуваа едно убаво сеќавање кое на животот му дадоа една поинаква димензија, која и ден денес претставува беспрекорна слика на долгогодишно постоење.

– Јас целиот мој живот го поминав во песна и музика и дадов свој придонес за неа. Некаде од шеесетите години за прв пат како студенти заедно со Перица Николовски и Миле Димитриевски го формиравме триото „Фламенго“ кое реализираше мексиканско – шпанска музика. Постоеше некаде около 10 години и во тоа време имаше неколку такви групи. По распадот на триото го формиравме камерниот хор кој работеше инзвонредно. По неговиот прекин кој траеше 10 до 15 години, токму од тој хор излегоа членовите на „Октет Куманово“- раскажува Алексиевски.

Luxury Catering Service

Кога се сака, сѐ се може

-Се уште трае историјата на групното хорско пеење и силниот музички интензитет на една креативна етапа, за која денеска низ спомените и музичката документација се потсетуваме на неа. Јас бев лекар и немав воопшто проблеми со работата и учеството, како и обврските кои редовно ги имавме во октетот. Тие едноставно ни претставуваа вентил на уживањето кое им го покажувавме на публиката. Нашите ангажмани беа големи, нашите семејства за момент беа жртви и тоа го чувствуваа сите членови. Говориме за еден голем период од 30 години, вели Алексиевски. Посветеноста на октетот и одговорноста била на највисоко ниво, така што и покрај многуте приватни и професионални обврски, членовите го доживувале како музичка рекреација. Пријатна ни беше популарноста и нормално, ја уживавме секој на свој начин. Сите наши настапи интервјуа, новитети се бележеа во дневник, тоа беше евиденцијата за секој наш музички домен.

– Кога се сака, сѐ се може! – Имавме закажано настап во Охрид. Пред да појдам и да влезам во автобусот, јас почувствував невидена болка во стомакот. Сепак се одлучив и појдов на патот, но болката не престана се до вечерта кога требаше да започне настапот. Примив инфузија, се подготвив и застанав на бината. Тоа е еден пример кој укажува на тоа дека сериозноста и одговорноста кон октетот беше сосема природна и многу одговорна – објаснува Алексиевски. Тој низ анализата на една ретроспектива од спомени вели дека доживувањата и искуството се една светла страна која им ја даруваше октетот.

– Не е малку да го посветиш животот на нешто кое трае 30 години. Мотив за нас беше пеењето и дружење. Настап кој за мене беше многу исклучителен е настапот во Вараждин. Имавме толку пријатно добредојде од организаторите, така што тој самиот по себе беше незаборавен. Публиката беше расположена и беше сместена во една фабрика во која изобилуваа повеќе припаднички на понежниот пол. Ние бевме со „Октетот Астибо“ кој не поддржуваше и беше дел од настапот на кој учествувавме – вели Алексиевски.

Разлика од минатото и денес

Има голема разлика од минатото и денес од страна на раководните структури кон музиката . Ние секогаш сме имале од сите поддршка. Но сепак, приликата денес и ситуацијата е поинаква, не дека некој не сака, туку самите околносити си го вршат своето, кажа Алексиевски. Репертоарот кој го имаше октетот беше препознатлив по мелодиите и народната содржина со која ја одушевуваа публиката.

– За жал, тие шегобини песни кои се имиџ на октетот, во моментот во јавноста никаде не се застапени, не се слушаат. Се издвојуваат од другите, мислам дека ќе почнат повторно да заживеат и ќе има интерес за нив доколку продукциските куќи им посветат внимание – објаснува Алексиевски. Официјално октетот функционира, но сепак околностите и можностите се со помал интензитет.

– Време имаме, но годините си го прават своето, што се однесува до мене, октетот може и понатаму да опстојува. Најдрага песна која ја донесов во октетот е „Нанеле, детеле“, изворна песна од Кумановски крај и за мене една од најекспонираните во октетот, додава Алексиевски.

Да се негува традицијата на хорското пеење

Пред се, за да се направи еден подмладок од ваков тип на октет, треба да има волја и чувство кон музиката, добри меѓусебни односи кои се исклучително влијателни. Со песната сѐ е поинаку и кој пее, зло не мисли – музиката едноставно е лек, вели Алексиевски. Тој додава дека членовите биле миленици на градот и секаде биле добродојдени, а вратите отворени.

– Моја желба е традицијата за еден ваков октет да продолжи и понатаму, да работи и опстојува. Ние сме веќе во години и нашето пеење ќе заврши, така што се потребни нови млади членови кои ќе го продолжат традиционалното повеќегласно пеење, хорско пеење му е потребно на Куманово.

Продолжува…

Објавено 24 Јануари 2014