Вики Чадиковска, авторка на ТВ-магазинот „Приказна“
Вики Чадиковска е долгогодишна радио и телевизиска новинарка, а во последниве години како авторски проект го работи ТВ-магазинот „Приказна“, во кој обработува исклучително важни општествени теми, секогаш со акцент на хуманоста, толеранција, емпатија…. Токму затоа, ја прашавме што мисли за начинот на кој известуваат медиумите, или на кој пренесуваат вести, особено кога станува збор за несреќни, трагични случаи. Еден таков случај имаме од соседството од пред неколку дена, а сè уште ни е свеж и тој од нашата средина, со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Што се случува со ниското ниво на етика во медиумите, и со екстремниот вишок на сензационализам?
Живееме во дигитално време, каде се чини дека брзината е главниот услов за многу работи, па дури и за новинарството, што најчесто е погрешно. Онлајн медиумите сакајќи да ја држат јавноста на својата страна, сервираат брзо сè, честопати прескокнувајќи го најзначајното правило за утврдување на точноста на податокот. Притоа информацијата која се пласира, не го минува целиот процес на верификација, што значи дека манипулации, полувистини, невистини, прво се пуштаат во етер, а потоа се потврдуваат.
Сите овие податоци, често дури и при трагедии, се сервираат безмилосно, без осет за мигови на приватност, емпатичноста, потреба за самотија заради најчувствителни животни ситуации. Едноставно медиумите и мрежите крвнички диктираат темпо дека мора да се знае сè, веднаш, без отстапки. Доволен е само ден да прелетате преку социјалните мрежи, за да го видете ефектот на таквиот начин на известување. Говор на омраза, предрасуди, горчина, жолчност и расправии …
Ова укажува дека на сите итно ни треба едукација за култура во трагедии! На медиумите пак, приоритетно. Сите треба да сфатиме дека трагедија може да му се случи на секој од нас. Тоа влијае на секого, особено на децата. Доживувањето трагедија само по себе е стресно, а сензационалистичкото известување за нив, дополнително ги изложува погодените на продолжен стрес и влијае врз нивното психичко здравје, но, едновремено и врз довербата во институциите. Кога ќе се случи загуба на блиска личност, емотивната болка на блиските е голема, а кога случајот ќе се прикаже преку неетичко известување од медиумите, добива уште почувствителна димензија.
Во Кодексот за професионално известување во член 8 стои дека „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.“ Овој член треба да го има во вид, како врвен приоритет, секој кој пласира содржини на медиум, без разлика дали станува збор за традиционални или нови медиуми. Вишокот на непотребен сензационализам, укажува само на едно, дека новинар, сепак не може да биде секој. Новинарот мора да има основни вештини и да помине обуки за почитување на сите професионални правила, за да може да стигне до нивото за информирање на јавноста. Доколку не е така, се случува јавноста да биде погрешно информирана, се создава впечаток на потпалување, иритирање, нетолеранција, агресија, па дури и физички пресметки. Затоа новинарите мора да внимаваат. Нивната улога не е да потпалуваат, туку да известуваат професионално. Новинарите имаат должност да ја почитуваат личната болка при трагедии, нешто што мора сериозно да се разбере, прифати и почитува.
М.М.
Фото: Иван Ангеловски