Почетна ИНТЕРВЈУ СДСМ мора да го испровоцира ВМРО ДПМНЕ да открие што ќе прави...

СДСМ мора да го испровоцира ВМРО ДПМНЕ да открие што ќе прави со европските интеграции, а Мицкоски ќе бега од таа тема

Бесим Небиу, политички аналитичар, за претстојните избори

„Темата на европски интеграции ќе биде главната, зашто со неа се врзува визијата за тоа каква ќе биде Македонија во следните пет-десет години. Таа тема не му одговара на ВМРО ДПМНЕ, кој сака низ неа да помине без премногу да се отвори со своите гледишта за тоа што ќе биде по изборите. За ова има две причини. Ако тргне кон центарот, ќе разочара многу десничарски гласачи. Тргнување кон центарот за ВМРО ДПМНЕ би значело да даде план за надминување на проблемот со уставните измени. Таквото отворање сигурно ќе ги чини гласови. Ако пак, оди премногу радикално, премногу десно, ќе има проблем за коалицирање со албанските партии, а и со некои други фактори, како што е меѓународната заедница. Затоа Христијан Мицкоски е пред акт на балансирање, или со ракометен речник кажано: пивотирање околу радиусот на голот, без да ги налути премногу едните или другите“, вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу, одличен познавач и на македонскиот, и на албанскиот политички блок во Македонија.

 

Како ја оценувате политичката состојба во Македонија пред изборите, и што предвидувате дека ќе се случи на нив: излезност, односот на силите во Собранието, и кој ќе живее во вилата на Водно во следните пет години?

Според мене ВМРО ДПМНЕ има повисок рејтинг, и доколку денеска би се одржале изборите извесно дека тоа би се преточило во поголем број пратенички места во Парламентот. Главното прашање не е тоа, туку колкава ќе биде разликата меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, и мислам дека најголемиот дел од политичката битка се води околу перцепциите за тоа колкава е таа предност. Опозициската партија се обидува да менаџира перцепции дека таа е огромна и недостижна, со цел да ја потисне излезноста на оние кои би сакале да гласаат за СДСМ, бидејќи ако вашата опција губи, вие имате помалку елан и мотив да излезете на гласање. Така е секаде, а токму таа ситуација, со изменети актери, ја видовме на локалните избори во 2017 година, кога традиционалното гласачко тело на ВМРО беше деморализирано, и партијата доживеа тежок пораз. Сметам дека таргетите и на едната и на другата опција се приближно исти, а бројот на гласачи кои би гласале еднаш за едната, а потоа за другата партија не е многу голем. Ова го покажуваат сите анализи на изборите десетина години наназад. Затоа клучното менаџирање е: колку од „своите“ ќе излезат, а колку од противничкиот табор ќе „убедите“ да останат дома. Во тоа голема улога игра кампањата. Мислам дека неоправдано се потценува нејзиното значење во мотивираноста на гласачите. СДСМ и тука моментно нема предност, затоа што е на власт. Обично е потешко да направите висока излезност ако сте владејачка, левичарска или централно-левичарска партија, отколку обратно. Тоа не е случај само кај нас, туку секаде, бидејќи социо-демографскиот модел на социјалдемократите е различен од тој на ВМРО ДПМНЕ. Има голем број разочарани гласачи на СДСМ, кои не се партиски милитанти, туку не се задоволни од она што денес се случува, особено со наративот „правда“ и „мир“. Тие луѓе сметаат дека владејачката партија сериозно потфрли на тоа прашање. Затоа битката на СДСМ на овие избори, во овие две кампањи, ќе биде да ги премисли тие гласачи, односно да им создаде мотив да излезат на гласање. Од колку ќе успее во тоа ќе зависи композицијата на новиот парламентарен состав, односно кој ќе биде во позиција да направи влада. Темата на европски интеграции ќе биде главната, зашто со неа се врзува визијата за тоа каква ќе биде Македонија во следните пет-десет години. Таа тема не му одговара на ВМРО ДПМНЕ, кој сака низ неа да помине без премногу да се отвори со своите гледишта за тоа што ќе биде по изборите. За ова има две причини. Ако тргне кон центарот, ќе разочара многу десничарски гласачи. Тргнување кон центарот за ВМРО ДПМНЕ би значело да даде план за надминување на проблемот со уставните измени. Таквото отворање сигурно ќе ги чини гласови. Ако пак, оди премногу радикално, премногу десно, ќе има проблем за коалицирање со албанските партии, а и со некои други фактори, како што е меѓународната заедница. Затоа Христијан Мицкоски е пред акт на балансирање, или со ракометен речник кажано: пивотирање околу радиусот на голот, без да ги налути премногу едните или другите. Тука настапот на претседателскиот кандидат Стево Пeндаровски и на СДСМ треба да се концентрира на тоа да извлече што повеќе од ВМРО ДПМНЕ од тие определувања околу иднината, и особено околу планот за надминување на проблемот со европските интеграции. Доколку успее во таа намера, СДСМ ќе треба и да понуди визија околу клучните нејзини потфрлувања: корупцијата, партизацијата, нефункционирањето на системот… На овие  прашања СДСМ пред седум и пред четири години можеше да помине, бидејќи сѐ уште беше или опозиција или само еден турбулентен мандат на власт. Но, тој кредит е потрошен, со веќе два циклуса на власт, и убедливоста на нејзиното произнесување околу тие прашања ќе биде клучно колкав дел од сопственото гласачко тело ќе кандиса да излезат на изборите. Господинот Пендаровски мислам дека им е во овој момент адут, зашто има повисок рејтинг од самата партија, но и тоа е меч со две острици. Резултатот на првиот круг од претседателски избори може да создаде моментум, кој ќе го повлече СДСМ напред, но може и да ги разочара и демотивира гласачите. Затоа сметам дека првата кампања, до првиот круг на избрите за претседател е поважна од парламентарната кампања, бидејќи најважните избори се секогаш они кои доаѓаат први, и така треба сите страни да се насочат.

Luxury Catering Service

Претседателската кампања почна со своевиден скандал околу местени анкети. Колку Вие им верувате на анкетите?

Постојат два вида анкети. Едните настојуваат да создадат јавно мнение, и други, кои се обидуваат да го измерат. Поголемиот дел анкети, произведени во партиските штабови, спаѓаат во првата категорија, и нивна цел не е точноста, туку кампањата. Скандалот, бидејќи е поврзан со ВМРО ДПМНЕ, ми се чини дека СДСМ релативно успешно го одржува како тема, упатувајќи на одредени прашалници кои што граѓаните ги имаат околу начинот, методите и технологијата на владеење на ВМРО. Седум години се доволно уверливо  да се разочараш од некоја партија, но не се предолго за да заборавиш што се случувало во периодот кога ВМРО беше власт. Користејќи го тоа, како апсењето на новинарот кој го обелодени скандалот, му создаваат наратив на СДСМ, партија со многу минуси во своето владеење, но ваков вид на проблеми и инциденти не се карктеристични за неа, и не е како таква идентификувана од гласачите. ВМРО прави некои напори да се дистанцира од времето на Груевски, а ваквите работи им ги минираат тие напори во прилична мерка. Затоа, можно е ваквите случувања да поттикнат одреден број гласачи, кои се разочарани од СДСМ, сепак да излезат на изборите, и да гласаат против ВМРО уште еднаш.

Како го оценувате односот на силите во албанскиот политички блок. Веќе со години се зборува за „ДУИ во опозиција“, но колку е тоа реално? Една колоквијална математика вели вака: од 2002. ДУИ е во власта 20 години (со пауза меѓу 2006. и 2008.), и за тој период, водејќи министерства, општини и јавни претпријатија, партијата веројатно има вработено 30-тина илјади луѓе, што по барем тројца членови на семејство се најмалку 90.000 гласови, а со излезноста во последните неколку изборни циклуси, тоа е доволно за 10-15 пратеници (поблиску до 15). Која друга албанска партија може да освои толкав број гласови, и која владина коалиција е можна без тие 15-тина пратеници на ДУИ?

Математиката е добра. ДУИ навистина има 80-90 илјади практично сигурни гласачи, што го потврди и нивниот најлош резултат, во 2016. година кога освоија 85.000 гласови, и добија десет пратеници. Математиката на спротивната страна смета на тоа дека во албанскиот камп, на парламентарни избори гласаат 200-220 илјади луѓе. Во 2016. албанските партии кои опонираат на ДУИ имаа 129.000 гласови. Во 2020. година ДУИ доби 105.000 гласови, а албанската опозиција, со два субјекта – Алтернатива и обединетата Алијанса (која веќе не постои) имаше 85.000. Тука беше и Беса, која доби два пратеника во коалиција со СДСМ, а и ДПА, која настапи независно. Не треба да се заборави дека меѓу гласовите за ДУИ има и такви кои не доаѓаат од етнички Албанци, како во Пласница и во третата изборна единица, на пример. Во партијата на Али Ахмети веќе прават таква стратегија за освојување што повеќе таканаречени „неалбански гласови“, бидејќи само „албанските“ не им се доволни за победа над целата албанска опозиција. Но, ова е првпат да има повеќе од две опозициски партии, кои се обединиле. Во 2016. година тие 129.000 пратеници донесоа седум пратеници, што значи губење на пет-шест пратенички места, поради распршувањето на гласовите. Сега тие настапуваат во една формација, и ќе бидат поголем предизвик за ДУИ. Според мене извесно е дека ДУИ ќе освои најмалку десет пратеници, но дали тоа ќе е доволно за да биде најсилниот албански политички фактор во Собранието е неизвесно. Тоа ќе зависи од кампањата, а особено од резултатот на Арбен Таравари и Бујар Османи во првиот круг на претседателските избори, што е слично како во македонскиот блок. Моите очекувања се дека ќе бидат приближни бројките, и голем дел од битката ќе се води околу менаџментот на перцепцијата за тоа кој победил, бидејќи има различни начини како да се гледа на истото. ДУИ ќе има најверојатно седум пратеници кои се навистина од ДУИ. Во својот инженеринг за добивање повеќе гласови, Ахмети направи коалиција во која се откажа од неколку добитнички места на листите. Најмалку два пратеника од листата на ДУИ ќе бидат од турската заедница, неколкумина од партијата на Зијадин Села, а уште неколку и од помалите партии. Поради ова ќе имаме резултат кој секој може да го интерпретира како победа.

Во македонскиот дел од населението постои впечаток дека на Албанците во Македонија им се важни само националните прашања. Речиси никогаш од ДУИ, Алијанса, Алтернатива, или порано од ДПА, не доаѓа нешто идеолошки обоено, особено левичарски. Дали меѓу Албанците има социјалисти и социјалдемократи од европски тип, освен поединци?

Има идеолошки нијанси, но мислам дека постои поделеност во однос на изборниот процес. Најчесто албанските партии не бараат гласови кај македонскиот електорат, како што ни повеќето македонски партии не бараат гласови од Албанците. Само СДСМ направи активна кампања во албанскиот електорат, со првата кандидатура на Стево Пендаровски во 2014. година. Зоран Заев ја усвои таа стратегија, и мислам дека тоа му се исплатеше на изборите во 2016. А, дали има социјалисти меѓу Албанците? Верувам дека има во слична пропорција како кај Македонците. Политичките партии своите идеологии, номинално можат да ги објаснат како леви или десни, но тоа не секогаш кореспондира со вистинскиот идеолошки профил. На пример, официјално ДУИ се левичарска партија, а Беса и Алтернатива се десничарски. Меѓутоа, тие поделби се исто толку условни, и повеќе работа на самоидентификација. Истото прашање може да се постави за македонските партии: колку е СДСМ вистински левичарска, а ВМРО ДПМНЕ вистински десна партија? Јас верувам дека процентот на лично убедени левичари, кај Албанците има, отпрлика колку и кај Македонците, а како се распределини во партиите, тоа е покомпликувана анализа за идентификување.

Миодраг Мишолиќ